Вие ни пишувате
- Второто полугодие во училиштата е во полн ек, но сѐ уште е зима и сѐ уште е убаво да им се навратиме на спомените создадени за време на зимскиот распуст. Петтоодделенката Нихал Сефиданоска од струшкото село Лабуништа ни испрати текст во кој ни раскажува за нејзиното необично доживување. Зошто токму овој зимски распуст е толку посебен за Нихал ќе дознаете ако го прочитате нејзиниот расказ
Овој зимски распуст беше најпосебниот во мојот живот. Наместо да останам дома и да им се радувам само на снегот и снежните игри, моите родители ми соопштија нешто што ме остави без зборови. Ми соопштија дека ќе патуваме да учествуваме на обредот Умра во градовите Мека и Медина! Во тој момент бев и изненадена и пресреќна, а срцето ми чукаше од возбуда. Не можев да поверувам дека ќе ги посетам тие свети места за кои толку многу сум слушала. Уште тогаш си помислив колку ќе биде убаво кога ќе се вратам и ќе им раскажам сè на моите другарчиња, со многу радост и гордост.
Од самиот почеток чувствував голема возбуда затоа што овие два свети града имаат посебно место во срцето на секој муслиман. Додека се подготвував за патувањето, постојано размислував како ќе изгледаат местата што ги гледав само на слики и видеа. Патувањето со авион ми беше посебно интересно, бидејќи првпат летав толку далеку. Го гледав небото низ прозорецот и си замислував дека ме чека нешто многу важно и незаборавно.
Прво што ме воодушеви беше градбата Каба, која се смета за најсвето место во исламскиот свет и се наоѓа во Големата џамија во градот Мека, во државата Саудиска Арабија. Чувството не се опишува. Видов премногу луѓе од различни земји, зборуваа на различни јазици, но сите извршувавме обред со мир и почит. Иако имаше многу луѓе, сѐ беше исполнето со ред, спокој и заедништво. Се чувствував како да сум дел од нешто големо и свето. Во тие моменти сфатив дека верата ги обединува луѓето и дека сите сме еднакви пред Алах (Бог). Таму научив колку се важни трпението, скромноста и искрената молитва. Потоа го посетивме градот на мирот, Медина. Тој ми остави посебен впечаток поради неговата тивка и смирена атмосфера. Сѐ изгледаше поинаку, потивко, поспокојно и сета таа атмосфера како да поттикнуваше на размислување. Џамијата на пратеникот беше прекрасно место каде што се чувствував спокојно и сигурно. Таму поминувавме време во молитва и размислување, а секој момент беше исполнет со почит и благодарност. Особено ми се допадна тоа што луѓето беа љубезни, внимателни и постојано се трудеа да направат добро.
Ова патување ме научи за многу важни животни вредности. Научив дека треба да бидеме благодарни за сѐ што имаме и дека вистинската среќа не е само во подароците или забавата, туку и во мирот во срцето. Исто така, сфатив колку е важно да ги почитуваме другите, да бидеме трпеливи и да не се жалиме за секоја ситница. Овие денови ми донесоа многу убави чувства, кои ќе ги паметам цел живот. Кога се вратив дома, бев среќна, но и тажна што патувањето заврши толку брзо. Сепак, во мене останаа прекрасни спомени и многу силна радост. Со нетрпение чекав да се вратам на училиште и да им раскажам на моите другарчиња, како изгледаат Мека и Медина, што почувствував и што научив. Овој зимски распуст нема да го заборавам никогаш, затоа што беше патување што ми ги збогати срцето и душата. По ова прекрасно патување, со нетрпение го очекуваме и светиот месец Рамазан – месец на пост, молитва, добрина, простување и духовен мир.
Авторка: Нихал Сефиданоска, V 4 одд.
ООУ „Мурат Лабуништи“- Лабуништа
Наставник ментор: Сузана Ќелешоска

































