Она што веќе претставува реална закана за општо-општествена, а и за меѓуетничка доверба и искрен соживот во Македонија, е перманентното инсистирање на изградба на контроверзни споменични обележја за учесниците, поточно за агресорите во конфликтот од 2001-та. Таквите градби реално во јавноста се толкуваат како своевидна провокативна порака на „бележење освоена територија“ и противправно и насилнички се демонстрира инвазивна тенденција спрема територијата и населението во Македонија…
Каква е пораката на перманентното инсистирање на изградба на контроверзни споменични обележја за ОНА
Најавата на градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибрахими, дека има сериозна намера да го исполни своето „предизборно ветување“ за изградба на музеј на ОНА (УЧК), успеа да предизвика посебен бран на реакции во и така разбрануваниот политички амбиент во Македонија. Додека македонската политичка јавност е фокусирана на предизвиците за почеток на преговорите за членство во ЕУ, главно обременета со притисоците и уцените од Бугарија, градоначалникот на Арачиново успеа да го сврти вниманието на фактот дека предизвиците од 2001 година секогаш може да бидат „воскреснати“, како гласно потсетување дека и внатрешните етничко-политички фактори во Македонија се подготвени да ги користат ЕУ и меѓународната заедница за постигнување исклучиво на сопствените интереси, пред заедничката европска иднина на која вообичаено се повикуваат.
– Сè додека не е избрана локацијата што ми е приоритет, постојат различни форми. Тоа е едно од тие ветувања што ги дадов, на Арачиново му припаѓа музејот на ОНА, Арачиново има историја за големиот придонес што го даде за време на војната – ги кажа Ибрахими за македонските медиуми своите „приоритети“ и предизвици со кои се соочува за исполнување на своето „предизборно ветување“.
Економски загрозени села со мегаломански инвестиции во „споменични“ обележја
Слично како кумановското село Слупчане, каде што веќе е изграден споменик на ОНА во вредност од 200.000 евра, Арачиново е познато по својот „ексклузивен статус“ во Македонија, како место каде што не се плаќаат даноци, ниту пак комуналните сметки. Во неколку наврати во овие села имаше дури и инциденти на работ на бунтови, поврзани со нелегални приклучоци на електричната мрежа и одбивање да се плаќа за потрошената електрична енергија. На македонската јавност сѐ уште не ѝ е познато каков финансиски епилог добија тие инциденти, односно дали и кој ги плаќа заостанатите (и актуелни) сметки за потрошената струја во Слупчане и Арачиново, но од амбициите за мегаломански споменични објекти за воената формација што во 2001 година ја нападна македонската држава, општинските власти очигледно немаат намера да се откажат. Навистина, таквите амбиции се особено контрадикторни и цинични според претходните објаснувања за неплаќање даноци и комунални сметки во овие села, поради економската загрозеност на жителите на овие општини.
Секако, таквата цинична контроверзност ги наметнува прашањата: Ако претходно градоначалниците на овие места се жалеа дека граѓаните се сиромашни и затоа не плаќаат струја и даноци, дали се тогаш доволно богати да градат споменици скапи илјадници евра? Впрочем, ако се форсира тезата дека треба да се гради заедништво, тогаш кој уште повеќе ги зголемува поделбите градејќи им споменици на оние што ја нападнаа македонската држава, додека не дозволуваат македонските бранители да добијат спомен-обележје? Дали пред избори се разгорува национализмот или, пак, дефинитивно почнува да се маркира освоената територија?
Котлар-Трајкова: Дали во Македонија е постигнат договор за изедначување на двете страни од конфликтот во 2001 година?
Како единствен заеднички краток одговор на прашањата што произлегуваат од амбициите за градење споменици на формации што ја нападнаа македонската држава во општини што се наводно економски неразвиени и сиромашни, историчарката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја на Македонија вели дека станува збор за политичко и економско лицемерство на една арогантна етнички етаблирана структура во власта.
– Ако навистина се толку економски немоќни жителите на тие општини, што не се во состојба да плаќаат даноци и сметки за струја, општата и политичка култура вели дека изградба на мегаломански споменични обележја е непримерен луксуз за такви средини, но и лицемерство и цинизам спрема државата и преостанатите граѓани на државата, кои плаќаат и даноци и сметки. Велат дека тие споменици се градат со средства од спонзори, па би прашала зошто тие спонзори не се првично општествено одговорни за да придонесат за економската благосостојба на општините и нивните жители да можат да ги платат своите обврски спрема државата. Но, во амбиент на сите политички предизвици со кои актуелно се соочува Македонија, преочигледно е дека овие споменици и музеи се наменети да продуцираат недоверба и поделби во општеството, за дополнително дестабилизирање на безбедносната, политичката, економската состојба на државата и на граѓаните. Тоа е едно политичко и економско лицемерство, политичка ароганција на една етничко-партиска структура, која извира од 20-годишното речиси неприкосновено учество во власта – вели професорката Наташа Котлар.
Она што веќе претставува реална закана за општо-општествената, а и за меѓуетничка доверба и искрен соживот во Македонија, е перманентното инсистирање на изградба на контроверзни споменични обележја за учесниците, поточно за агресорите во конфликтот од 2001 година. Таквите градби реално во јавноста се толкуваат како своевидна провокативна порака на „бележење освоена територија“ и противправно и насилнички се демонстрира инвазивна тенденција спрема територијата и населението во Македонија
– Оваа „инавизија“ на споменици и музеи посветени на страната што ја нападна македонската држава само ги нагласува двојните аршини и ароганцијата на едната страна во 2001-та, во однос на „придобивките“ од конфликтот. Што станува со жртвите од другата страна, кои легално и по должност и задача ја бранеа државата, за кои, иронично – градоначалници на општини не ѝ дозволуваат на државата да изгради споменици?! Кога ние во Македонија се договоривме дека се израмнети двете страни во конфликтот од 2001 година? Таков договор нема! Затоа, се укажува дека иницијативите и намерите за споменични обележја на борците на ОНА (УЧК) се повторна провокација за стабилноста, безбедноста, унитарноста и суверенитетот на Македонија, на едната страна од конфликтот во 2001 година, како и продуцирање немир во општеството во мигови кога државата е под меѓународен притисок за уставните измени, одлука што е спротивна на македонските национални интереси – вели професорката Котлар-Трајкова.