Рецензија

Филмот „Невести“ (2004 г.) во маестралната режија на Пантелис Вулгарис започнува со сцена каде што се прикажани два женски лика во крупен план. Набрзо дознаваме дека станува збор за две сестри, од кои едната треба да ја замени другата бидејќи претходното искуство во Америка не ги исполнило очекувањата. Дејството започнува во 1922 година за време на Граѓанската војна, на бродот „Кралот Александар“, кој плови до Њујорк со 700 невести од различни земји на светот: Ерменија, Грција, Турција и Русија. Меѓу нив е и талентираната шивачка Ники, која ја толкува Викторија Харалабиду, едно од најталентираните имиња на грчкиот филм, препознатлива по своите костенливо крупни очи полни со животен елан и хумана порака. Ники брзо воспоставува сестринска блискост со Харо (Еви Саолиду), надарената девојка од Самотраки, која ги топ(л)и срцата околу себе пеејќи и свирејќи на својот ут. Од друга страна таа е олицетворение на нескротлива природа со скептични фантазми на мистеријата. Но целосен пресврт настанува со појавата на американскиот фотограф Норман (Дамјан Херис), кој се вљубува во Ники, а нејзиното име ја потенцира победата. Во почетокот Ники е воздржана на облетувањата на лик на пеперутка, но полека стегнатиот обрач го опушта и паѓа во хипнотичниот занес на љубовното гнездо. Една од надвиснатите сенки, која води грижа за невестите, е манипулативната грузиска хиена Карабулат (Стивен Беркоф), кој по иронија на судбината е обележан со израсток на челото и без исклучоци е предодреден за вечни негативци. Сакајќи да ја придобие Ники, која грубо го одбива, заканувачки ѝ ја кине венчаницата наменета за една од идните невести.
Една од најубавите сцени во филмот, ако не и најубава, е посетата на Норман кога ги фотографира невестите, а неговото око запира врз сензуалното лице на Ники. Ники отскокнува од сите невести, кои се во бели венчаници што ја симболизираат нивната невиност, а само таа е во црно и со привлечниот лик изгледа како „Инфаткињата“ да излегла од масленото платно на Веласкез. Во една од сцените кога се одзумира камерата и се фокусира на патничкиот брод наоѓаме сличност со атмосферата од „Титаник“ на Камерон, како да се поврзани со сличните несреќни судбини. Одлична е и паралелната монтажа во моментите на хајката по Харо, која сака да се самоубие, каде што се вклучени Ники, Норман и капетанот, пред вечно да се нурне во океанските длабочини. Некако доста компоненти ја навестуваат судбината што следува при резигнираното расположение на Харо, вклучувајќи ја тагата по својата родна грутка; но најмногу ја погодува болната судбина што следува со испланираната свршувачка со непознат маж. Во знак на почит, Ники го моли капетанот секогаш кога ќе помине од местото каде што се случил трагичниот настан со Харо, бродот да застане за да фрли цвеќе во океанот и едно парче земја. Но не за секого загубата значи тага, мефистоловската природа на Карабулат значи среќа, па и во најтраурните моменти што ги проживува Ники успева да ја испровоцира. Норман жестоко реагира на неговата провокација и физички го претепува до изнемоштеност. На горниот кат од бродот се одржува кабаре наменето само за моќните властодршци, а невестите немаат пристап бидејќи е резервирано само за елитната клиентела.
„Триаголник на тагата“ ја има сличната кореографија со кабаретската сцена од „Невести“ во однос на баханалиите, кои се во скусена форма. Вулгарис успева да ја прикаже беспомошноста на руската девојка Елена, која е купена како „месен“ производ за да ги задоволи сексуалните апетити на турскиот моќник со мишелински димензии и неизмиено лице. Сепак во ова ништожно трло на осаменици среќата ја пронаоѓаат Олга (Елизабета Кузнецова) и Николас (Апостолис Тотсикас), внукот на капетанот. Тие го пронаоѓаат амрозискиот амбар на љубовта. Тотсикас го паметиме од скорешниот серијал „Бруско“, кој неодамна се прикажуваше на телевизија, а Елизабета Кузнецова, иако е родена во Москва, своето образование го стекнува во класата на еминентниот грчки режисер Генадиј Патсис. Како се движи мојот осврт при самиот крај, така и бродот по долги перипетии пристигнува на њујоршкото тло. Упорниот Норман не отстапува од својата намера да го демонстрира љубовниот порив кон кревката природа на Ники, дури ѝ предлага да живеат заедно. Таа има други замислени планови: моралните фамилијарни кодекси се поважни од Нормановата љубов, па затоа го напушта со насолзени очи и побелена коса како резултат на преживеаниот стрес. Но пред да се сретне со идниот сопруг (реномиран шнајдер), кој ја чека, не остава да остане должна спрема Норман, а во знак на почит му подарува обетка за долго сеќавање. По извесен период Ники стекнува слава и се појавува на насловната страница на неделниот весник како емигрантка што постигнала врвен успех во Њујорк. Потоа камерата ја зумира обетката на реверот на Норман во знак на вечна љубов спрема Ники.
Неколкупати се обидував да ги оттргнам облаците на скепсата кој филм повеќе ми се допадна меѓу „Малата Англија“ или „Невести“, и двата од истоимениот режисер. По повеќе нагодувања, сепак се одлучив победоносната комбинација и аплаузите да одат кон елегичната драма „Невести“, кој во себе има многу посилна порака.