Да подадеме рака
Општинското основно училиште „Кирил и Методиј“ од Гази Баба организираше хуманитарен базар во рамките на училиштето.
Настанот се одржа во петокот, во фискултурната сала., а учествуваа околу 300 посетители, со што училишниот хуманитарен настан заврши подобро од очекуваното.
– Како последна активност од неделата посветена на граѓанското образование решивме да организираме новогодишен хепенинг по иницијатива на ученичкиот парламент, а во координација со Советот на родители и наставниците. Настанот беше составен од изложени производи за продажба изработени од учениците и родителите, работилници за новогодишни украси, уметничко катче за сликање, уредено катче за најмладите и фотографирање со Дедо Мраз, како и забава и дружење за повозрасните – информираа од училиштето.
Собраните средства ќе бидат искористени за хуманитарна цел, односно ќе бидат донирани за лекување на младиот Леонид Индов.
– Голема благодарност до сите учесници што направија овој настан да добие една поголема димензија. Среќни сме што многу што голем број ученици со своите семејства ја покажаа својата хумана страна и несебично се вклучија во нашиот новогодишен хепенинг – додаваат од училиштето „Кирил и Методиј“.
С. Ј.