Саем на креативни индустрии

Во индустрискиот амбиент на едукативниот културен центар „Лабораториум“ се одржува Саемот на креативни индустрии, настан што ги обединува претставниците на културните и креативните индустрии. Настанот е во организација на здружението „Балкан синема ситис“ и Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ) – Скопје, со поддршка од Министерството за култура и туризам и Британскиот совет.

– Саемот претставува платформа каде што традицијата се сретнува со современиот дизајн и иновациите. На саемот ќе се претстават педесетина учесници. Во „Лабораториум“ ќе може да се видат неколку неверојатни технолошки и иновативни достигнувања, меѓу кои и хуманоиден робот, дизајниран од Анис Сефиданис и неговиот тим, кој првенствено е замислен како диџеј и иновативна платформа за нови идентитети во роботиката. Истовремено, ќе може да се доживее во виртуелна реалност античкиот римски театар на локалитетот Хераклеја Линкестис преку сетови за слободно користење. Компаниите „Интетик“ и „Камај медиа“ ќе ја претстават својата најнова видеоигра „Необичната приказна на Брајан Фишер: Второ поглавје“, која излезе на почетокот на месецов и е достапна на Иксбокс, Мајкрософт стор и Стим преку специјално изработена соба, инспирирана од необичната куќа на Брајан од видеоиграта, во која посетителите ќе може да влезат и во живо да решаваат интересни загатки. Понатаму, студиото „Висион ноктурн“ од Брисел, Белгија, ќе се претстави со проектот „Човечка трага“ за визуелно мапирање на телото со помош на вештачка интелигенција на голем екран, а пак домашните студија „Зоотроп“ и „Флатформ филм“ ќе имаат инсталација на посебен простор за виртуелно „оживување“ историски личности за интеракција со посетителите, која се базира на вештачка интелигенција – велат организаторите.

Учествуваат и шведската амбасада во земјава со проектот „Модата засекогаш“, повеќе средни училишта и универзитети, кои ќе ги претстават своите иновативни машини и производи, стрип-здруженија и стрип-автори, претставници на домашни мали бизниси и поединци во креативните индустрии, „Лаб дизајн маркет“ со повеќе од 15 локални брендови, сите обединети со заедничка посветеност на богатата традиција на македонската изработка и многу повеќе. На саемот ќе се одржат и едукативни работилници за стрип за основци и средношколци, како и предавања за средношколци во соработка со Универзитетот „Еуропа прима“. Саемот, со својот едукативен карактер, е идеална можност за младите да се инспирираат, да научат и да откријат нови хоризонти во креативните индустрии.