Наши соговорници, професори и политички аналитичари, се согласуваат со констатацијата (спортскиот израз) дека Унгарија може да биде „отскочна даска“ за висок „одраз на Македонија“ за да ги прерипне евроинтеграциските пречки. Но, воедно и да направи „одраз/отскок“ кон динамичен развој на стопанството, удвојување на стапката на економскиот раст и БДП. Според соговорниците, клучни прашања се отвориле на меѓувладината седница, која би можела да биде старт за нови инвестиции во реалната економија, отворање нови работни места, и „билдање“ на социоекономскиот стандард на граѓаните, што би придонело за задржување и враќање на младите во земјава…
Македонија и Унгарија договорија соработка во делот на инфраструктурата, воената соработка, образованието, културата и земјоделството
Засилување на унгарско-македонската соработка во сите сфери од заемен интерес е епилогот од заедничката владина седница што завчера се одржа во Будимпешта, со која претседаваа унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговиот македонски колега Христијан Мицкоски.
Во рамките на седницата станало збор за македонските евроинтеграции, при што било констатирано дека евроинтеграциите се одвиваат бавно, а проблемот со застојот не е од македонска страна туку од страна на земјите членки на ЕУ.
– Не само што е срамно што овој процес толку бавно оди напред, а за тоа не е одговорна С. Македонија, туку ние, членките на Европската Унија. Затоа ние го поддржуваме зачленувањето на С. Македонија. ЕУ мора да ја подобри конкурентноста и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста од проширувањето – рече Орбан на заедничката прес-конференција со Мицкоски по завршувањето на владината седница.
Тој уште додаде дека Унгарија сама не може да го смени таквото европско однесување, притоа најавувајќи потесна соработка со земјава, како и заедничка економска зона – Македонија, Унгарија и Србија со огромен економски потенцијал.
Двете влади, во рамките на интензивирање на меѓусебната соработка, подготвуваат договори во делот на инфраструктурата, воената соработка, образованието, културата и земјоделството.
Податоците покажуваат дека трговската размена меѓу Македонија и Унгарија постојано расте и од 2010 година досега е седумпати зголемена.
– Имаме силна финансиска соработка, се подготвуваме да потпишеме и меѓувладина економска спогодба. Но покрај државата, своја улога треба да има и приватна иницијатива и затоа ги охрабруваме бизнисмените од двете држави да учествуваат во изградбата на оваа економска соработка – порача унгарскиот премиер.
Премиерот Мицкоски дополни дека со пари од Унгарија се градат училишта, патишта, булевари, градинки во земјава и дека практично со тие средства се модернизира државата.
Владиниот самит почна со средбата на министрите за надворешна политика и трговија Тимчо Муцунски и Петер Сијарто. Двајцата министри се осврнаа и на конфликтот во Украина и обидите за негово решавање од новата администрација на САД и претседателот Доналд Трамп. Сијарто нагласи дека двете земји се за мир во Украина, што го покажале со поддршката на Резолуцијата на САД во ОН.
На заедничката унгарско-македонска владина седница присуствуваше делегација од десетина министри, кои одржаа повеќе билатерални средби.
С.Т.