Култната театарска претстава „Принцезата Ксенија од Црна Гора“ во адаптација и режија на Радмила Војводиќ, а во изведба на Црногорскиот народен театар од Подгорица беше на драмскиот репертоар на 65. издание на фестивалот „Охридско лето“. Истакнатата црногорска режисерка и драмска писателка Радмила Војводиќ ја поставува оваа драма вторпат, во 1994 година и годинава, по три децении од првата изведба. Претставата обработува теми за егзилот и траумата на малите народи и малите култури. Го отвора прашањето за контроверзноста на политичката моќ врз малите народи што е актуелно и денес, токму преку гласот на црногорската принцеза Ксенија, кој останува жив и во современието.
– Темата е несреќата на една мала држава и на еден мал народ, која постојано се повторува и се однесува на овие простори. Верувам дека приказната, не само во Црна Гора и во Македонија туку на темата внатрешен егзил, може да комуницира универзално. Значи, не станува збор само за несреќата на црногорскиот народ туку и на сите мали народи бидејќи ние одново и одново мораме да се докажуваме и да започнуваме од нула. Тоа е судбината на малите народи и малите култури. Приказната е и химна на политичка непослушност на една жена со која можеме да се идентификуваме и во денешно време, приказна за тоа колку политиката може да биде деструктивна, немилосрдна, колку може да ги раздвои и да ги осами луѓето – појаснува Војводиќ.