И покрај забраната од страна на бугарските власти, бројното македонско малцинство во Бугарија си ги прославува македонските национални празници и херои / Фото: „Нова Македонија“

Бугарија, и покрај одлуките на релевантните европски институции во полза на Македонците, ќе ја одолжува регистрацијата на македонските здруженија. Одолжувањето е тесно поврзано со стратегиските интереси што Бугарија сака да ги оствари во македонската држава, односно внесување на бугарската заедница во нашата држава, како и воведување на бугарскиот јазик и бугарската историја во македонските училишта, со што би започнал процесот на бугаризација на Македонците

Република Бугарија и понатаму продолжува да ги прекршува основните човекови права, нешто што повторно беше потврдено со одбивањето за регистрација на Македонскиот клуб за етничка толеранција. Оваа неевропско поведение е само една нишка во антимакедонската политика што се води во бугарското општество, за потсетување, претходно благоевградскиот Окружен суд ги одби барањата за регистрација на уште две македонски здруженија – ОМО „Илинден“ и Здружението на репресираните Македонци во Бугарија, жртви на комунистичкиот терор, велат добро упатени.
Македонскиот клуб за етничка толеранција од Благоевград се соочи со проблеми само два месеца по своето основање. Имено, бугарската Агенција за регистрација одби да го запише во регистарот на здруженија на граѓани. Дополнително судијката Елена Дончева го одби барањето за регистрација, под изговор дека уставот на здружението не одговарал на условите, односно не содржел јасни правила за зачленување и за прекинување на членството. При проверката на документите, судијката Дончева констатирала дека во основачкиот акт не бил наведен „часот на одржување на собранието“ (!?). Меѓутоа образложението е далеку од прифатливо за членовите на Македонскиот клуб за етничка толеранција и, според нив, причината за нерегистрирањето е повеќе од очигледна: барањето за регистрација е одбиено поради македонската самосвест и самоопределување.
– Оваа одлука не треба да нѐ зачудува, затоа што Бугарија како држава со децении ги прекршува човековите и малцинските права на припадниците на македонскиот народ во нејзините граници. Непочитувањето на човековите и малцинските права на Македонците во Бугарија треба да се анализира од еден поширок аспект. Бугарија како држава и општество не ги признава македонските национални особености – јазик, култура, историја итн., оттука не се признава и одделно македонско малцинство – велат добро упатени.

Република Бугарија, и покрај одлуките на релевантните европски институции во полза на Македонците, ќе ја одолжува регистрацијата на македонските здруженија. Одолжувањето е тесно поврзано со стратегиските интереси што Бугарија сака да ги оствари во македонската држава, односно внесување на бугарската заедница во нашата држава, како и воведување на бугарскиот јазик и бугарската историја во македонските училишта, со што би започнал процесот на бугаризација на припадниците на македонскиот народ, велат нашите соговорници.
Според нашите соговорници, Македонскиот клуб за етничка толеранција нема да се откаже од намерата за регистрација. Претходно споменатиот клуб поднесе тужба против Европската комисија пред Судот на правдата во Луксембург, за да ја принуди Бугарија да го регистрира клубот и со тоа да го заштити европското право на асоцијација и здружување. Со тужбата се бара од Судот на правдата да бидат прекинати за Бугарија исплати на финансии што доаѓаат од Кохезивниот фонд во висина од 1.467 милијарди евра, сѐ додека не го регистрира Македонскиот клуб за етничка толеранција. Според Македонскиот клуб за етничка толеранција, Европската комисија го прекршува членот 317 од Договорот за функционирање на ЕУ, кој утврдува дека Европската комисија мора да врши мониторинг и ревизија на земјите членки за да спречи кршење на фундаменталните права на ЕУ.
Претходно, судот во Стразбур донесе пресуда во полза на Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, со што беше добиен неколкугодишниот спор со Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, откако се жалеше дека Бугарија не сака да ги регистрира.

– Сумата што Бугарија треба да ја плати е апсурдна, односно станува збор за 7,5 илјади евра, но победата во Стразбур е морална победа за припадниците на македонскиот народ во Бугарија – велат нашите соговорници.
Македонскиот клуб за етничка толеранција, но и другите македонски здруженија и организации треба да ја добијат и поддршката од македонската држава пред европските институции затоа што Бугарија само навидум се залага за почитување на универзалните човечки вредности на слободата, еднаквоста, правдата и толеранцијата. Домашните експерти неколкупати досега нагласија дека Бугарија, и покрај тоа што е членка на Европската Унија, флагрантно ги прекршува основните човекови и малцински права, како и правото за националната и етничката самоидентификација и здружување.
– Бугарија како држава, нација и општество не го почитува сопствениот устав, особено членот 6, во кој се вели дека сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Сите граѓани се еднакви пред законот. Нема да има привилегии или ограничувања на правата врз основа на раса, националност, етничката самоидентификација, пол, потекло, религија, образование, мислење, политичка припадност, личен или социјален статус или имотен статус, како и членовите 29 и 39, во кои се вели дека никој не смее да биде подложен понижувачко постапување или на насилна асимилација или дека не смее да биде прогонуван или ограничен во неговите права поради своите ставови – велат нашите соговорници. Д.Ст.


Ендрит Фехату упати апел до Македонците да ја поддржат Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ)

Потпретседателот на македонската партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Ендрит Фехату, упати апел до Македонците од Албанија што живеат надвор од државата да се регистрираат за гласање на изборите, да го искористат своето право на глас и да ја поддржат МАЕИ на парламентарните избори, кои ќе се одржат на 11 мај.
– Македонската заедница во Албанија отсекогаш била двигател на зачувувањето на македонскиот јазик, култура и идентитет. Денес, повеќе од кога било, вашата поддршка е од клучно значење. Ве повикувам да ја поддржите единствената партија на Македонците во Албанија – Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која се бори за нашите права и застапеност во институциите на државата – наведува Фетаху во објава на Фејсбук.
Потсетува дека регистрацијата на посебната платформа на Централната изборна комисија (ЦИК) почна на 11. минатиот месец и завршува на 4 март и оти на парламентарните избори за првпат сите албански државјани што живеат во странство ќе гласаат преку пошта.
– Гласањето е бесплатно. Сите трошоци за поштенското гласање ги покрива ЦИК. Ваша е само обврската да се регистрирате навреме и да го искористите вашето демократско и граѓанско право. Вашиот глас е вашата сила. Да останеме обединети и да ја зајакнеме македонската заедница. Ако сами не се цениме, сакаме и помагаме, нема кој друг да го направи тоа за нас – порачува Фетаху.
Тој е еден од најактивните Македонци од помладата генерација во битката за остварување на нивните легитимни права, одејќи по стапките на својот татко, професор доктор Кимет Фетаху, по потекло од Голо Брдо, основач и почесен претседател на МАЕИ. Д.Ст.