Драги деца, на страниците на „Колибри“, во десетина продолженија, ќе објавиме една многу поучна серија, преку која ќе научите важни нешта за сообраќајот, но на лесен и интересен начин. Тука ќе можете да прочитате песнички на познатиот писател за деца Перо Миленкоски токму на оваа тема.

– Брзиот доброорганизиран сообраќај е насушна потреба на современиот човек. Тоа е голема придобивка за секого од нас. За негово безбедно и непречено одвивање, постојат правила и прописи преточени во закони. Улиците и патиштата се обележени вертикално и хоризонтално, а за редот во сообраќајот се задолжени сообраќајци, секогаш подготвени да им помогнат на возачите и на пешаците. Сообраќајните знаци, пак, се скапоцена помош сѐ да се одвива непречено. Вака организиран, сообраќајот би требало да ни носи само задоволство. Но, за жал, не е секогаш така. Често на патиштата, дури и на пешачките премини, се случуваат сообраќајни незгоди, кои завршуваат со повреди и со тешки последици. Децата како учесници во сообраќајот често се жртви на невнимателни возачи, а поретко и на свое невнимание – вели Перо Миленкоски за она што го поттикнало да ја напише оваа едукативна книга.

За да придонесеме кон сообраќајното воспитување на најмладите, во наредните десет изданија на „Колибри“ ќе објавиме дел од поетската збирка „Детестоп“ на овој автор. Основната порака на неговите стихови гласи: „Внимателно движи се и за себе грижи се“!


Се радувам, Зоран пак се смее

Една „лада“ јуреше ко бесна,
како река вон корито, луда,
како ѕверот кога срна гони.
Беше тоа несакана глетка,
ја нагрди утрината
пресна -таква глетка
ни в сон да не сониш.

Едно дете минеше на премин,
го канеше семафорот зелен –
така треба и така си учи.
Сите тетки, чичковци и деца
трепереа исплашени, неми,
со прашање: „Што ли ќе
се случи?“

Еден чичко в миг заден
се снајде,
не дозволи тагата да згасне
ведро детство како
слана цвеќе.
„Ладо“ брза, добро
што се скроти,
зар сонцето на изгрев
да зајде!?
О, колку сум, о колку
сум среќен!

Се радувам: Зоран пак се смее,
во играта како птица лета,
во раката книгата му цвета
од очите сонцето му грее.

А ти чичко биди возач буден
да не стане денот
детски студен.
Имај срце, имај око спремно –
не сакаме утро, болно, темно!


Сообраќајните знаци молат

Сообраќајните
знаци молат
За нас сите грижете се
и по патот слободно движете се.
Ќе знаете каде да свртувате
и да пристигнувате,
со какви патишта
ќе се вкрстувате,
каква опасност
на патот ве чека,
кога ќе минувате
преку пруга, река…

Сообраќајните знаци
милно ни се
насмевнуваат
и денот ни го
разубавуваат.


Ај погоди што е тоа?

Куќа што плови

Ми се фали Трајче:
„Се возев со кајче“.
„А јас“, вели Нина,
„три мориња минав
во куќа што плови
во предели нови“.
Чудна куќа со брз од
и се вика….