Мајка

Знам еден поет –
мајстор е за рима
и во лето и во зима.
Римите многу си ги сака.
Ги смислува без мака!

Пишува песни фини:
за гитари и виолини,
за езера и гори,
за ѕвезди и метеори,
за улици и тротоари,
за птици и бубамари…

Не постои за него тема,
за која рима нема!

Денес со радост во очињата,
поетот го прашаа
дечињата:

– А зборот мајка, поету – со што се римува
кажи?

– Со срце, со љубов, со среќа,
со најубавите
зборови на светот!

Еве, така им
одговори поетот!

Очите на мама

Една малечка умна Сара,
постојано прашува
и одговори бара:
– Што е најубаво на светот,
пеперутката или цветот?
Небото со облаците,
или сонцето со зраците?
Ѕвездите и месечината
или морето и планината?
На крајот си одговори сама:
– Најубави се очите на мама!

Мајката си е мајка

Кобилата би дала сѐ од себе
за своето родено ждребе!
Овцата за јагнето рудо –
може да направи чудо.

За своите пиленца
кокошките,
ги чуваат зрнцата и трошките.
И мајката коза сѐ прави
јаренцата да ѝ бидат
живи и здрави.
Кога се валка во калта
и тињата,
прасенцето ѝ е најубаво
на свињата.

Мајката си е – мајка!
И животните во селскиот двор –
за своите рожби, секогаш –
имаат љубов и нежен збор.

(Од книгата
„Таинствениот сликар“)