Од А до Ш сѐ да се разбере и секој да те чуе!

Денеска, драги деца, имаме чест да прочитаме песна од авторката Ксенија Маказлиева-Трајчева, напишана специјално за нашата рубрика Мојата азбука, и искрено се надеваме дека тоа е само првиот чекор кон нејзиното ново книжевно дело наменето за младата читателска публика. Креативните деца на фотографиите се ученици од четврто одделение во скопското ООУ „Браќа Миладиновци“, кои работеа под менторство на наставничката Елена Илиевска

Мојата азбука: Ксенија Маказлиева-Трајчева, уредничка на литературни списанија за деца и писателка

А – Ако ја немавме азбуката,
Б – би биле ли денес тука
В – вистински да се радуваме да
Г – говориме, твориме, пишуваме,
Д – денот со радост да го полниме,
Ѓ – ѓердани од зборови да нижеме,
Е – еден со друг да си пишуваме,
Ж – желбите да ги споделуваме со
З – зборови волшебни, магични
Ѕ – ѕвезди да симнуваме, низ
И – иглени уши, конец да протнеме
Ј – јазли со зборови да врзуваме,
К – како тантела да ги навеземе врз
Л – ленено платно да ги испишеме.
Љ – љубов ми се зборовите,
М – македонски, наши, родени…
Н – ноќва зборови подредувам, на
Њ – збор, барам, пребарувам и во
О – огледало волшебно потонувам,
П – пат поминат, пак поминувам и,
Р – радости, глеј, пронаоѓам, ко
С – суво злато ги прибирам,
Т – толку се, колку се, доволно се,
Ќ – ќерамиди за покривот ми се,
У – убаво ги редам, подредувам,
Ф – фино, нежно да не ги искршам,
Х – храброст е покрив да редиш,
Ц – цел еден живот да заштитиш, а
Ч – чекорот лесен треба да биде,
Џ – џин да си и џуџе во исто време,

Ш – шепот да си, а секој да те чуе,
и сѐ од А до Ш да те разбере…


Пријател и поддржувач на децата

Ксенија Маказлиева-Трајчева, писателка за деца, уредничка и едукаторка, е родена на 3 јули 1969 година во Струмица, каде што завршува основно образование во ООУ „Сандо Масев“, а потоа и две години од средното гимназиско образование во СОУ „Јане Сандански“. Школувањето го продолжува во Скопје и матурира во гимназијата „Јосип Броз-Тито“. Се запишува на Факултетот за политички науки во Белград, каде што ги завршува првите две години, а студиите ги продолжува на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што се стекнува со звањето дипломиран социјален работник.
Од 1984 до 1995 година работи како новинарка во Радио Струмица и во списанијата за деца и млади во издание на редакцијата „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“, а од 1990 г. почнува да објавува раскази за деца во списанието „Развигор“ на „Детска радост“.
Во 1994 година се вработува во телевизијата А1, во секторот за организација, реализација и монтажа на телевизиската програма за деца и млади, а од 1996 – 1997 година работи како уредничка во списанијата за мода и убавина „Елена“ и „Лик“. Од 1999 г. се вработува во редакцијата „Детска радост“, како новинарка во списанието „Наш свет“, а во 2002-та станува уредничка на списанието за деца „Другарче“.
Од 2014 до 2018 година, освен како одговорна уредничка на списанието „Другарче“, работи и како одговорна уредничка на списанијата „Росица за најмали“ и „Росица за ученици во прво одделение“ и уредничка на изданија за предучилишна и раноучилишна возраст.

Од 2004 година активно работи и на активности од областа на популаризирањето и презентирањето наслови од издавачката дејност, при што реализира голем број телевизиски прилози, гостувања во контактни емисии на радио и телевизија, како и подготовка на голем број пиар-текстови за печатени и електронски медиуми.
Активно е вклучена во литературни манифестации за деца во државата и регионот, како авторка за деца и коорганизаторка на литературни манифестации, конкурси и книжевни работилници за деца и млади.
Во март 2020 го добива признанието за најдобар уредник на списанија и книги за деца, како еден од 50-те најдобри уредници во светски рамки. Авторка е на апликативниот труд „Улогата на литературните списанија за деца во воспитно-образовниот процес во основното образование“ (Штип, 2017).

Авторка е на книгите „Спирко Немирко“ („Просветно дело“, Скопје, 2014), „Секој има право да се – храни здраво“ – прирачник за правилна исхрана („Просветно дело“, 2015) и „Борко Брзозборко“, збирка раскази за деца, која доживеа две изданија, првото самостојно, а зад второто застана повторно нејзината матична куќа „Просветно дрло“.
Ксенија Маказлиева-Трајчева објавила над 120 раскази за деца во литературните списанија за деца „Развигор“, „Другарче“ и „Росица“ и во прилогот „Колибри“, во дневниот весник „Нова Македонија“.

М.Т.