Новогодишна забава за децата со пречки во развојот од здружението „Надеж“

Во Кичево

Здружението на родители на деца со пречки во развојот „Надеж“ од Кичево организираше предновогодишна забава за децата со пречки во развојот, во соработка со учениците од ЦОУ „Христо Узунов“ од селото Другово и ЦОУ „Реџо Рушит-Зајази“ од селото Зајас.
– Здружението „Надеж“, пред највеселата ноќ во годината, во Центарот за култура во Кичево, во соработка со основните училишта од селото Другово и од селото Зајас, организираше предновогодишна забава за децата со пречки во развојот. Забавата ја сочинуваа две драмски претстави одиграни од страна на учениците од ЦОУ „Христо Узунов“ од селото Другово, кои ги одиграа претставите „Девојчето со кибритчиња“ и „Снежната кралица“, додека основците од селото Зајас учествуваа во изведбата на новогодишната песна „Jingle Bells“ – истакна претседателот на здружението, Ѓоко Митрески.
Тој нагласи дека програмата била збогатена и со вокална изведба на лице од оваа група, Боне Штерјоски, кое ја интерпретирало народната песна „Сношти ми дојдоа мамо“.
– Пред највеселата ноќ децата добиле и новогодишни подароци од кичевски компании и поединци – додаде претседателот Митрески.
За сите присутни во Центарот за култура била организирана и мала закуска, каде што присутните можеле да се дружат, а децата да се фотографираат со Дедо Мраз.

З.А.