Декларации за мир, а активности во насока на војна (4)
Британската армија ја претстави својата нова воена доктрина, опишана како стратегија „20-40-40“. Новата воена британска доктрина се дистанцира од производство и употреба на тешки механизирани сили, а се насочува и фокусира кон „флексибилни формации за војна со беспилотни летала“. Одлуката за премин кон новото воено планирање е донесена по синтетизирање низа перманентни анализи од руско-украинската војна.
Што претставува британската стратегија за вооружување „20-40-40“?
Според „Тајмс“, британското воено раководство усвоило концепт на трансформирање на британската армија во „беспилотна, автономна структура, со тоа што 80 отсто од операциите да се извршуваат со беспилотни летала“ (40 отсто+40 отсто). Во новите доктринарни приоритети се инсистира на „брзо распоредување“, како и на „дигитална доминација“. Овој пристап е оценет од воените експерти како исклучително соодветен за преструктурирање на британската армија. Досегашните британски армиски капацитети во рамките на традиционалната доктрина со употреба на „тешки механизирани платформи“ веќе се значително намалени во последните децении. На пример, таа тенденција се огледува и со актуелните планови за потенцијална набавка на само 148 тенка „челинџер 3“, кои, според искуствата и анализите од Украина, повеќе не се воено стратешки релевантни.
Така, со ажурирањето на британската воена доктрина се предлага транзиција кон ваква структура: 20 отсто традиционални тешки орудија (тенкови, самоодни топови и пешадиски борбени возила); потоа 40 отсто т.н. лебдечко оружје (модерни беспилотни летала што подолго време може да лебдат над бојното поле и по наредба подготвено напаѓаат цели), вклучително и т.н. камикаѕе-дронови; и 40 отсто дронови (беспилотни летала) за извидување, надзор и евентуално за помали „хируршки прецизни“ напади.
Новата воена британска воена доктрина опфаќа преструктурирање и во доменот на обуката, симулацијата, логистиката, командната структура, како и, се разбира, во понатамошниот развој на самата доктрина (планирање и развој).
Во делот од човечките ресурси и воените формации (жива сила) ќе се создаваат нови мали формации (на ниво на чета, па дури и помали, на ниво на вод), кои ќе вклучуваат: оператори на дронови, аналитичари на вештачка интелигенција и единици за електронско војување.
Она што е клучно е дека во делот од наменската воена индустрија, преструктурирањето кон новата доктрина исто така ќе биде длабинско. Тоа, се разбира, ќе ја тангира и националната економија. Имено, досега етаблираните големи играчи во индустријата треба да им отстапат место (или да се реструктурираат) на помали и поиновативни компании што работат во областа на вештачката интелигенција, беспилотните и автономните системи.
За издвојување е дека ваквата промена во стратегијата на Британија е многу радикална во споредба со другите членки на НАТО. Додека другите земји експериментираат со воведување и употреба на беспилотни технологии во своите вооружени сили, малкумина се подготвени за ваков драстичен, па и ненадеен пресврт.
Франција и Германија со висок интензитет на вооружување, но со различен концепт од британскиот
Од друга страна, битно е да се издвои дека воените аналитичари регистрираат дека Франција и Германија продолжуваат да ги удвојуваат своите тешки механизирани сили (иако војната на украинското бојно поле покажува концептуален развој до непрепознатливост од досегашниот начин на водење војна).
Се поставува прашањето зошто Франција и Германија продолжуваат со конвенционалниот концепт на водење војна со тешки механизирани сили, кои дури и влегуваат во проекти за нивно удвојување? Како пример е европскиот проект наречен Главен копнен борбен систем (МГЦС) за создавање европски тенк од следната генерација.
Додека многумина тврдат дека Париз и Берлин едноставно се премногу бавни за да се приспособат, всушност може да постои солидно практично објаснување за таквата разлика во пристапите. Имено, некои аналитичари тврдат дека вооружените сили на Велика Британија постепено се намалуваа во текот на 21 век и сега имаат многу поскромни капацитети во класичното механизирано војување од ерата на Студената војна. Сепак, островската нација става многу поголем акцент на своите воздухопловни сили и морнарица, а помалку внимание на своите копнени сили.
Во тој контекст, реномираното списание „Арми рекогнишн“ пишува дека „преминувањето кон пофлексибилен систем може да ја нагласи силата на британските вооружени сили и да ја прошири нивната улога во обезбедувањето помош на сојузниците на НАТО“. Исто така аналитичарите од „Арми рекогнишн“ издвојуваат дека Франција и Германија (сосема спротивно на Британија), како континентални земји, инсистираат на концепт на вооружување на кој му се потребни моќни копнени сили, односно тешки механизирани сили. Затоа, инвестициите во тешки механизирани орудија (платформи) се логични и оправдани за земјите од ЕУ, бидејќи без оглед на сè, тенковите ќе останат релевантни долго време.
Р.С.
Ракети со среден и долг дострел што би биле ставени на располагање на Киев од западните сојузници
– Веќе нема апсолутно никакви ограничувања околу дометот на оружјето испорачано во Украина, ниту од Велика Британија, ниту од Франција, ниту од нас – ниту од Американците – рече германскиот канцелар Фридрих Мерц на конференција во Берлин на почетокот на оваа седмица, додавајќи дека „тоа значи дека Украина може да се одбрани со напаѓање воени позиции и во Русија“. Мерц исто така му рече на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека „Берлин ќе му помогне на Киев да произведе ракети со долг дострел“.
– Сакаме да разговараме за производството и нема јавно да ги дискутираме деталите – им одговори германскиот канцелар Фридрих Мерц кога новинарите во Берлин го прашаа дали Германија ќе му ги испорача своите ракети „Таурус“ на Киев.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски долго време бараше овластување за гаѓање цели длабоко на руска територија. Сега, се чини дека доби таква поддршка, но контрадикторен е моментот на западното одобрување за испорака на оружје со среден/долг дострел, бидејќи мировните иницијативи од повеќе засегнати страни влегуваат во сериозна фаза на договор, а ваквите воени иницијативи на дел од „Коалицијата на подготвените“ само можат да придонесат за ескалација на судирот и негово прелевање пошироко во Европа.
ЕУ претстави нова воена стратегија за Црно Море
ЕУ претстави нова стратегија за Црно Море што ќе ѝ овозможи подобро да транспортира тешка воена опрема. ЕУ ќе инвестира во надградба на регионалната инфраструктура, како што се пристаништата, железниците и аеродромите, за ракување и транспорт на тешка воена опрема. ЕУ посебно ќе инвестира во воена инфраструктура во Романија и Бугарија, кои се земји од ЕУ на брегот на Црно Море. Европскиот комесар за транспорт Апостолос Цицикостас изјави дека надградбата на транспортната инфраструктура за воени потреби низ цела Европа би чинело околу 75 милијарди евра. ЕУ, исто така, планира да воспостави центар за поморска безбедност на Црно Море, кој ќе служи како европски систем за рано предупредување. Р.С.
Франција бара од деловните банки да ја поддржат одбранбената индустрија
Официјален Париз упати еден од најострите апели до финансискиот сектор во Европа, повикувајќи ги банките и инвеститорите поактивно да ја поддржуваат одбранбената индустрија.
– Банките треба да ги променат своите внатрешни правила, така што повеќе нема систематски да го исклучуваат одбранбениот сектор, туку доброволно да насочуваат дел од доверените средства кон оваа област – соопшти француското Министерство за економија. Поддршката за секторот не е ограничена само на банките. Француски компании како што се „БНП Париба“ и „Амнуди“ неодамна лансираа фондови што инвестираат директно во одбранбената индустрија.
Француското Министерство за економија потврди дека води дијалог со клучните финансиски засегнати страни на оваа тема и ги објави првите заклучоци во текот на летото. Р.С.
Полска и Романија почнуваат масовно производство на воени дронови
Полското министерство за одбрана потпиша рамковен договор со домашна приватна воена компанија „ВБ груп“ за купување околу 10.000 единици т.н. лебдечки дронови „вармате“ (камикаѕе-дронови). Договорот предвидува испораки до 2035 година. Лебдечките дронови „вармате 20“ имаат дострел од неколку стотици километри, а дострелот на „вармате 50“ е уште поголем. Некои од најновите дополнувања во асортиманот вклучуваат извиднички систем „вармате TЛ-Р“, тактички беспилотни мини-летала од класата „ФТ5“ во нови варијанти…
Романија, пак, има намера да искористи значителен дел од средствата за набавка на одбрана од ЕУ за купување дронови за романската војска. Романските власти се надеваат дека растечкиот домашен производствен капацитет на беспилотни летала ќе овозможи зголемување на беспилотните воени капацитети, но исто така ќе ѝ овозможи на романската наменска индустрија да продава значителен дел од своето производство во странство. Романија планира инвестиција во производствена линија што може да произведува до 3.500 беспилотни летала годишно.
Р.С.