Фото: Пекселс Бурен ноќен живот на европарламентарците - Стразбур

Дипломатите од Европа по напорната работа

Интересна репортажа објави деновиве бриселскиот медиум „Политико“. Таа е плод на новинарска опсервација на „другата страна на медалот“ од живеењето на европските дипломати и парламентарци, имено на минувањето на нивното слободно време, кога тие не се на извршување на своите работни задачи. Новинарската опсервација, која за читателите ја пренесуваме во целост, е интересна и од еден друг аспект, а фрла светлина и на другата страна на личноста на европските носители на јавни функции, при што се добива една интегрална слика за личноста што ја претставува својата земја во меѓународните институции. Се разбира дека со новинарската опсервација не треба целосно да се генерализира, ниту, пак, таа претставува единствен профил на севкупниот број евродипломати што работат и живеат во Брисел или Стразбур. Репортажата на „Политико“ е слика на дел од дипломатите и европарламентарците, со цел да ги претстави како обични луѓе што имаат и доблести и мани. Сепак, државите што ги праќаат на извршување различни функции треба исклучително да внимаваат профилот на личноста во себе да содржи многу повеќе од првото (доблестите), а многу помалку од второто (маните), за да може во согласност со универзалните морални и етички принципи, а секако почитувајќи ги законските норми и процедури, да ги извршуваат во полн капацитет делегираните работни задачи и обврски, во функција на својата држава и на Унијата, заради унапредување на животот на своите сограѓани, на институциите на ЕУ и, секако, на својата држава на која се претставници.

Опуштањето на евродипломатите по работата знае да ги минува границите на добриот вкус

Кога работи со полна пареа Европскиот парламент знае да биде исклучително жешко во Стразбур. Дискусиите и полемиките меѓу европарламентарците ја креваат температурата во пленарните сали, но и во кулоарите, па сосема е разбирливо дека европратениците и дипломатите по напорната работа сакаат да се опуштат низ градот. И сѐ би било во ред ако на моменти тие не се забораваат, па ги минуваат границите на добриот вкус. На оваа тема деновиве репортажа објави бриселскиот влијателен портал „Политико“.
Огромна маса политичари и вработени во ЕУ редовно се спуштаат во градот во Алзас за френетично забавување, за барем на миг да се заборави на политиката, преговорите и гласањето на работ на нервите.
Во среда навечер, европратениците и нивните помошници излегуваат во неколку омилени барови, каде што се топат вообичаената институционална задушливост и хиерархии. Овие групи луѓе тргнуваат во ноќен провод потсетувајќи на бујни средношколски екскурзии, но многумина ги сфаќаат како олеснување за послободно дишење по мачната работа во Парламентот, поттикнувајќи пријателства наспроти политичките поделби и обезбедувајќи вентил за спас за сиот тој затворен парламентарен стрес.
Но, според приказните што излегуваат во изобилство од таквите ноќни излегувања, може да се заклучи дека, на пример, некои европратеници се однесуваат несоодветно кон вработените на подиумот за танц во клубовите. Стразбур во текот на ноќта се полни со приказни што се закануваат да излезат во јавноста.
Својата обиколка низ локалите во Стразбур, „Политико“ ја започнува во празна пицерија во која влегуваат европарламентарци, при што некои во брзањето што побргу да дојдат до чашка алкохол, заборавиле да ги извадат своите пропусници за влез во Парламентот, па сè уште ги носат околу вратот.
Под треперливите лустери и застрашувачкиот поглед на главата на елен закована за ѕидот, шанкерот го осветлува огнениот коктел „Зомби“ и го лизга по шанкот до некои дипломати со засукани ракави од кошули и олабавени јаки.
Околу полноќ влегуваат тројца европратеници, двајца германски зелени – Дамијан Бозелагер и Никлас Нинас – и унгарската европратеничка Каталин Чех од либералната фракција Обнови, но тоа е веќе време репортерот да ја смени локацијата.

И во наредните локации слична слика

Следната станица е „Ла перестројка“ (La Perestroïka) – каде што сликите на Ленин и Горбачов ги красат ѕидовите – а таму се лоцирани шест грчки функционери од Парламентот, кои не сакаат да разговараат.
Францускиот комичар по име Ајмерик Ломпрет пие пијачки по шоуто со пријателите, од кои еден работи како контролор на летање на аеродромот во Стразбур.
Ноќната прошетка потоа продолжува во „Код бар“, каде што авторот на репортажата се дружи со парламентарните асистенти од ривалски групи, кои потпрени на шанкот пијат џин и тоник и разговараат за контроверзните амандмани на земјоделското законодавство, за кои ќе се преговара следниот ден.
Но, за кратко време тој заминува во „Лес авијатор“ (Les Aviateurs), најозлогласениот од салоните во Стразбур, каде што се танцува одзади на подигната платформа и се служат пива и текила.
Добро облечен шведски европратеник од ЕПП – Томаш Тобе – е во барот и се обидува да ја надгласи ударната музика за да разговара. Екстремно десничарскиот естонски европратеник Јаак Медисон се лула во костум; на улицата пред европратеникот Демијан Бозелагер е завиткан во шал и пуши цигара.
Друг европратеник – германскиот зелен Ерик Маркарт – и помошник од неговата група се обидуваат да му помогнат на еден особено пијан функционер на парламентот, кој е сам во маица, а не е во состојба да се врати дома соло. „Каде живееш, душо?“, прашува помошникот сакајќи да му викне такси.
Но, официјалниот претставник не сака или не може да каже. Авторот на репортажата само за миг се оддалечува од оваа сцена, а кога се враќа гледа дека европратеникот – кој сака само да помогне – е удрен, но сè уште трпеливо се обидува да помогне.
По некое време неуспешно убедување со пијаниот, тие повикуваат брза помош и го испраќаат кај лекарите.
Пленумот се отвора во 9 часот наутро, тоа е за четири часа, ја завршува својата репортажа „Политико“.

Лорета Трајкоска, од Брисел специјално за „Нова Македонија“