Поделбите во Македонија ги наметнуваат оние што имаат комплекс од Македонците!
Никола Вапцаров

Сакам да ги видам остварени идеалите на Гоце и Јане и нашиот народ слободен.
Сакам тоа да го доживеам. Антон Попов

Пред 83 години, на 4 март 1942 г., од бугарската полиција во Софија е уапсен поетот Никола Јонков Вапцаров. Однесен е во затвор, малтретиран и измачуван, и на 23 јули 1942 г., како знак на немоќ, стрелан е и погубен заедно со македонските револуционери, поети, писатели и патриоти Антон Попов и Атанас Романов. Имал само 33 години, колку што имал и Исус на распетието, ќе напише поетот Блаже Миневски. Да се потсетиме на тој трагичен настан. На 23 јули 1942 г., околу 11 часот, бугарскиот фашистички суд ја објавува пресудата: Никола Вапцаров, Антон Попов, Атанас Романов (сите Македонци), Антон Иванов, Петар Богданов и Георги Минчев се осудуваат на смрт… Во судската сала настанува занеменост. Потоа лелекања и плач на блиските, родителите, сестрите и браќата на осудените. Потресна сцена. Страшна човечка драма. Какви големи и славни луѓе неосновано осудени на смрт, какви ненадоместливи жртви.
Еден наш академик (Блаже Ристовски) има напишано: „Куршумот и гробот како да се амблемот на девствениците на Македонија“. Тоа важи и за македонските чеда и дејци Никола Јонков Вапцаров, Антов Никола Попов (Дончо) и Атанас Димитров Романов, судени од преки суд, неосновано осудени и ѕверски убиени на 23 јули 1942 година во Софија. Ќе остане забележано додека се стрелани македонските синови, присутните пееле ’Тој што ќе падне во бојот за слобода, тој не умира’. Поминаа 83 години, ама македонскиот народ памети, Македонија памети“.
Паметиме и знаеме дека на овие македонски синови слободата им беше помила од животот. Потсетуваме дека пред фашистичкиот суд во Софија Никола Вапцаров гордо одговори: „Јас се борев за среќата на мојата татковина, готов сум да умрам за неа!“ Во една вдахновена катарза, на оѕверените сурати на немилосрдните судии со жесток патриотски занес им објави: „Јас дејствував со полна свест дека ѝ служам како верен син на својата татковина. Не се каам! Милост од никого не молам!“
Вапцаров, Попов и Романов се тројца македонски дејци и борци против бугарскиот фашизам што ги поминаа ужасите на полициската инквизиција и животите ги завршија исправени пред смртоносното оружје на фашистичките џелати. Храбро ги завршија своите млади животи исполнети со длабока смисла – како горд залог за блиската слобода и создавање македонска држава.

За овие тројца големи синови на Македонија, во нивните кратки животи постоеше само една тема – Македонија. Имаа еден идеал – да создадат своја родна литература, која ќе ги изразува барањата и тагите на поробениот македонски народ, страдањата на бегалците и прогонетите во туѓина, копнежот за враќање во татковината, борбата за слобода на Македонците, нивниот намачен живот, нивниот бит и стремежите за своја самостојна и независна држава. И секако, да ја изборат и почувствуваат слободата. Беа раскрилени од еден чист идеализам, како да му донесат слобода и социјална правда на македонскиот народ, кому беа подготвени да му служат со сите сили, со сиот свој дар и со сето свое вдахновение на литерати, творци, пролетери, револуционери.

Водеа смела и непомирлива борба против врховизмот, против големобугарскиот шовинизам и експанзионизам и против бугарскиот двор и цар. За нив основна задача беше како да се уреди животот на луѓето, а да нема ниту национален, ниту пак социјален гнет. Да нема експлоатација врз човекот (од ненародните власти), а крвополивачките војни засекогаш да запрат. Од убавините на Македонија и од задоеноста со првото мајчино млеко црпеа сили, опит, знаења, умеења, вдахновеност, вера и желба – желба за промени на подобро, промени за подобар и поправеден свет. Мечтаеја македонскиот народ да го видат слободен и веруваа тека нивните мечти ќе се остварат во блиска иднина. Со таа намера и умисла Антон Попов смело и храбро изјавуваше: „Сакам да ги видам остварени идеалите на Гоце и Јане и нашиот народ слободен. Сакам тоа да го доживеам“. А кругот се затвора со воскликот на Вапцаров: „Ние сме Македонци и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“.

За величината на Вапцаров зборуваат и познати и признаени странски писатели и поети. Германскиот писател Штефан Херлмин го споредил со Шели и Бајрон, а италијанскиот поет Салваторе Квазимодо изјавил дека народи што имаат личности како Вапцаров, растат во очите на светот.
Се гордееме со нив. Вапцаров и неговите соборци се нашите светли знамиња на крвавата македонска историја и на изборената национална и социјална слобода. Вакви значајни родољуби, домољуби и борци за слобода не умираат никогаш.

Сотир Костов


Литературниот кружок во Софија (1936/1938) – Масада на македонскиот национален идентитет

Јас дејствував со полна свест дека ѝ служам
како верен син на својата Татковина.
Не се каам! Милост од никого не молам!
Никола Вапцаров

Видете бре, браќа, чујте колку е убав нашиот јазик!
Кирил Николов (соработник на А. Попов)

Македонскиот литературен кружок е формиран во Софија, како асоцијација на Македонците, чии најистакнати претставници се токму Вапцаров и Попов. Овој кружок има големо значење, видно и посебно место и важна улога во поновата македонска историја. Во претставувањето на кружокот, неговата активност и дејците што го оформија користам материјали од неговите проучувачи, како што се Димитар Митрев, Михаил Сматракалев, Ѓорги Абаџиев, Блаже Ристовски и Гане Тодоровски. Како Македонци должни сме преку историско-националната мисла поконкретно и поцелосно да го истражиме и разјасниме како историјатот на кружокот така и неговиот национално-будетелски карактер, проучувајќи ја неговата националноослободителна програма, во контекст на континуитетот на борбата на македонскиот народ за национално освестување, конституирање и создавање на македонската современа литература и афирмирање на македонскиот јазик.
Кружокот е настанат така што најпрвин почнале дружбите на Никола Вапцаров, Антон Панов, Михаил Сматрекалев (Ангел Жаров), Тодор Јанев, Кирил Николов, Коле Неделковски, Васил Александров, Венко Марковски, Ѓорги Абаџиев, Алекси Беломорски (Андон Великов), и др. Тие редовно се состанувале во своите станови во Софија, воделе расправи и дискусии, подготвувале и поднесувале реферати, правеле рецензии, читале поезија и сл.
Во октомври 1938 г. се состанале во станот на Асен Шурвов–Вердов и донеле одлука за основање (што всушност е обновување на Македонскиот литературен кружок од Илинден 1936 г., основан од приврзаниците на идеологијата на ВМРО-обединета) на кружокот. Присутни на тој историски состанок биле: Н. Вапцаров (од Банско), А. Попов (од Петричко), М. Сматракалев (од Серес), К. Николов (од Крушево), Т. Јанев (од Штип), Иван Керезиев и Антон Великов (од Неврокопско), А. Шурдов, Ѓорги Деспотов, Ѓорги Абаџиев и Паскал Николов (од Вардарско) и В. Александров (од Софиско). Малку подоцна во кружокот се примени и Митко Зафировски, Венко Марковски и Коле Неделковски. Со текот на времето во кружокот редовно и активно учествувале и Димитар Митрев (од Охридско), Коста Веселинов и Тодор Шомов (од Пиринско), Атанас Романов (од Кукуш), Ангел Динев (од Гевгелиско) и др.
Во 1941 г. во кружокот се вклучиле и Кочо Рацин и Волче Наумчески, а при некои јавни настапи учествувал и Блаже Конески. Се забележува дека во Македонскиот литературен кружок во Софија заеднички работеа и имаа исти цели („Да се создаде македонска по дух и содржина литература“) претставници од сите делови на раскинатата татковина Македонија. Во оваа смисла е и мислата на Антон Попов дека сите овие имиња се обединиле околу еден сижет, околу една тема – Македонија. Според него, тој сижет бил една целина желна за длабоко орање, бидејќи може да нахрани цело поколение поети и белетристи од сите краишта на Македонија.
Сите пишани документи (уводниот реферат на Вапцаров при основањето, дискусиите, спомените содржани во зборници на самите членови на кружокот), како и усните искази на учесници во кружокот, но и на блиски до нив, ни сведочат дека кружокот за кратко време прераснал во пријателска и политичка група што имаше определени погледи по сите прашања на тогашната актуелна состојба во Македонија (поделеноста, националниот гнет врз народот, странските антимакедонски пропаганди и тешката социјална состојба), Балканот (состојбите во соседните држави) и светот (Октомвриската револуција, Шпанската граѓанска војна и Втората светска војна, фашизмот на Италија и Бугарија и нацизмот на Германија). Истовремено во кружокот се дискутирало и за уметноста, науката, културата, политиката и состојбата во меѓународното пролетерско движење. Најпрвин се состанувале еднаш неделно, а потоа два-три пати, за на крајот секојдневно да бидат активни во просториите на кружокот и на терен со луѓето. Така, редовно оделе на кино, во опера, театар, на изложби, на литературни читања, екскурзии по Витоша и Лулин. И што е многу важно, одржувале чести и блиски односи со синот и сопругата на Крсте Мисирков, со Кузман Јосифовски–Питу и студентите Македонци од Србија, со сопругата на Димо Хаџи Димов и често го посетувале местото каде што е убиен Ѓорче Петров, каде што се сликале.
Сето ова ни сведочи дека Македонскиот литературен кружок во Софија е светло поглавје во македонската историја. Кружокот во основа е потребно и смело здружување на млади и напредни луѓе, наполно свесни за својата мисија во идејното, национално-политичкото и културното освестување и оспособување на својот вековно обесправен народ. Сите, од првиот до последниот во кружокот, се покажаа подготвени да остават печат, да дадат свој удел и да реализираат заедничка визија за остварување на заедничкиот идеал – социјална и национална слобода на македонците, во сите делови на Македонија.
Доволно е само да го прочитаме насловот на Рефератот што Вапцаров го прочитал на основачкиот состанок на кружокот и сѐ ќе ни биде јасно – „Доклад (реферат) од Никола Иванов Вапцаров за Македонија и задолженијата (обврските) на писателите Македонци кон неа, кои треба да ги следат револуционерните идеи на Гоце Делчев и Јане Сандански“. Ете, во еден наслов се задачите, мисијата и визијата на кружокот на Вапцаров, Попов и другите нивни сомисленици.
И кога д-р Мимоза Рајл ќе констатира дека поетот не е раскажувач на постојното, туку визионер за она што со сигурност доаѓа, мисли токму на Никола Вапцаров. На ова додавам една мисла од дневникот на Вапцаров, како потврда за визија: „Нас ќе нѐ спаси само надежта!“