Хумана страница

Здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“ и оваа година организира незаборавно летување за деца од социјално ранливи категории.
– Тргнавме во летни авантури, затоа што секое дете треба да има незаборавен летен одмор и мигови за раскажување. Секако и овој пат ништо немаше да биде можно без донаторите, до кои упатуваме благодарност од името на сите деца. Оваа година на нашиот бесплатен летен камп имаме дечиња од цела Македонија: од Штип, Валандово, Кавадарци, Куманово, Велес, Скопје, Битола… – порачуваат од здружението.
Пренесуваме дел од доживувањата на малите летувалци.
– Првиот ден бевме во Битола по сместувањето во хотел, децата со водич беа на Пелистер, каде што имаа предавање за планината и за сѐ што е интересно за неа. Следуваше прошетка по шумските и ски-патеката, а на крајот секако поминаа и по Широк сокак, ги посетија Саат-кулата, Офицерскиот дом, Музејот… На крајот се засладија со вкусен сладолед во битолскиот парк! Следниот ден следуваше посета на Ресен, Претор, Езерани, капење во базен и роденденско изненадување за Марко! Децата уживаа во игри во вода и песок, а потоа забавата продолжи во базенот во хотелот во Претор. Вечерта заврши со превкусна вечера, интересни игри, цртежи и смеа. Во Охрид за дечињата и нивните придружници имаше закуска и подароци, а посетата беше заокружена со прошетка со кајче по езерото – ни пренесе Кристина Арнаудова, првиот човек на здружението „Среќа“.
Следуваат уште летни шарени доживувања, но и хумани акции.

М.Т.