Нема мали или големи улоги, туку мали и големи актери

Петар Темелковски, добитник на наградата за животно дело

Актерот Петар Темелковски, кој по дипломирањето на Театарската академија во Софија кон крајот на 1972 година ја започнува својата професионална актерска кариера во еден исклучителен сплет на театарски околности, е годинашен добитник на наградата за животно дело на годинашниот фестивал „Војдан Чернодрински“. Во фестивалскиот каталог е запишано дека во „Животот на Галилеј“ од Бертолт Брехт, режирана од Бранко Ставрев, Темелковски ја толкува улогата на Андреа Сарти, кој од својот учител Галилеј добива значајна обврска – зачувување на неговите ракописи и пренесување на стекнатото знаење кон идните генерации. Галилеј во оваа постановка го игра токму Илија Милчин – главниот иницијатор за основање на МТФ „Војдан Чернодрински“. Па така, сценската иницијација на Темелковски само ја навестува непроценливата важност што ќе ја има тој за развојот на театарот во Македонија. Оваа награда му е многу значајна затоа што цели 11 години беше прв човек на фестивалот. Се приврза за Прилеп, за кој вели дека е како „златен кожурец во кој театарот љубоморно се чува како свилена буба“.

Што значи наградата за вас, како актер што му го посветил животот на театарот?
– Секако ми е драго што го добив ова високо признание од овој реномиран и високоценет театарски фестивал, најважната театарска манифестација во Македонија. Ваквите награди се рекапитулација, потврда за досегашните остварувања. И веќе сум повозрасен и сѐ поретко, без некоја поголема потреба, или ако има насушна потреба да помогнам, се ангажирам, сепак им давам простор на помладите, како што нашите постари колеги ни даваа простор и нѐ примаа со раширени раце. Наградата е потврда за досегашниот опус. Не може на човек да не му се драги наградите. Имало моменти кога не сум добивал награди, имало местенки, но ако актерот е полабилен, ако не е конципиран семантички, ако не ја открил причината за своето уметничко битисување може да се депримира и да западне во меланхолија. Мене не ме изместувало тоа. Секогаш кога ми се правеше неправда, волна и неволна, верував во Господа. Сѐ си доаѓа на свое место.

Што значи овој фестивалот за македонскиот театар?
– Од големо значење е. Секоја година сѐ што е направено во театрите доаѓаше тука, барем додека јас бев на чело. Една смотра, преглед, каде што може да се види што направил секој, колку собрал, како ја изградил претставата. Фестивалот е место за валоризација. Општеството мора да води сметка за него, да го стимулира, да има награди за драмски текстови. Повеќе средства треба да се издвојуваат. Добро е што се распишуваат конкурси за драмски текстови.

Одигравте голем број ликови, како се гради еден лик?
– Секогаш правам една синтеза. Не може човек да каже дека тотално ќе влезе во еден лик. Ликот треба да го внесеме во нас онолку колку што може тој да поднесе, а ние актерите во ликот да влеземе толку колку што тој може да поднесе. Таа нивелација кога ќе ја почувствува еден уметник, кога ќе ја дозволи, тогаш може да направи големо остварување. Чехов има речено – талентот е работа, а стрпливоста и мерката се допираат до генијалноста.

Имате ли драги ликови што сте ги играле?
– Си ги памтам сите улоги. Уште од првата улога во „Галилео“ играјќи го Сарти, заедно со Илија Милчин, до последната улога, во „Вечна куќа“ сите улоги ми се драги. Не можам да издвојам ниту една. Обично сум играл главни улоги, но имало и споредни, а биле значајни. Актерот мора да биде внимателен кога добива голема улога, не треба да се израдува, туку да ја одигра. Така што сите улоги се значајни. Треба да ја изградиш и одиграш.

Има ли лик што не сте го одиграле, а сте го посакувале тоа?
– Многу режисери ме кандисуваа да го играм кралот Лир. Не го одиграв како главен лик, но во многу пиеси сум го доловувал. Којзнае можеби еден ден. А сум играл императори. Сум велел и велам дека нема мали и големи улоги, туку мали и големи актери.

Ка.М.