„Црниот јастреб“ беше транспортиран со авион на американското воено воздухопловство

Изминативе години, а особено последниов период, и Хрватска и Србија интензивно набавуваат вооружување од најразлични извори, па тоа беше доволен предизвик за повеќе медиуми да ја анализираат оваа „мини-трка во услови на слабеење на тензиите во повоениот Балкански Регион“

Неодамнешниот гест на Соединетите Американски Држави, кои ѝ донираа на Хрватска два воени хеликоптери „црн јастреб“, предизвика различни коментари во меѓународната јавност. Тоа како да беше предизвик за американската агенција Асошиејтед прес (АП) да објави подолга анализа, во која Хрватска ја опиша како земја „вклучена во мини-трка во вооружувањето со соседниот проруски сојузник Србија, во услови на слабеење на тензиите во повоениот Балкански Регион“. Во анализата, агенцијата се повикува на свои извори и ја цитира Американската амбасада во Загреб дека донираните повеќенаменски хеликоптери „УХ-60M ќе придонесат за растечките одбранбени способности на Хрватска и воената подготвеност да го поддржи НАТО“.
Хеликоптерите прво биле демонтирани и така беа донесени во кутии со транспортер „Ц-17“ на американските воздушни сили. Засега ќе бидат на Плесо, бидејќи сѐ уште не се изградени хангарите во Лучко, каде што треба да бидат сместени. Станува збор за донација од 50 милиони долари, а Хрватска набргу треба да купи уште два такви хеликоптера, за околу 100 милиони долари.
Хеликоптерите ги пречекаа министерот за одбрана Марио Баножиќ, началникот на Генералштабот на хрватските вооружени сили, адмирал Роберт Храњ, и вршителот на должноста во Амбасадата на Соединетите Американски Држави, Марк Флеминг.
Вршителот на должноста Флеминг меѓу другото објасни дека „црниот јастреб“ дава можности во голем број можни мисии, од специјални операции, преку тактички транспорт на војници, па до воздушна медицинска евакуација. Хрватска се стекна со репутација на посветен и способен сојузник во НАТО, а воведувањето на „црниот јастреб“ дополнително ќе ги зајакне капацитетите на хрватските вооружени сили.
Од своја страна, министерот за одбрана на Хрватска, Марио Баножиќ, им се заблагодари на САД за донацијата.
Имавме можност да ги видиме овие два хеликоптера во Соединетите Американски Држави. Мораме да им изразиме благодарност на Американците како наши најважни партнери и сојузници што го поддржуваат овој проект. Сумата што ја донираа е 58 милиони долари. Ние намиривме уште 83 милиони долари и тоа е првиот чекор за замена на нашите хеликоптери, кои беа произведени од исток, а во иднина ќе се префрлиме на западна технологија – рече тој.
Началникот на Генералштабот, Храњ, заблагодарувајќи се за донацијата, се осврна и на обученоста на кадарот.

Имаме обучени пилоти и обучени техничари. Мора да се случи формален процес на предавање, каде што американските експерти ќе ни ги предадат хеликоптерите. Овие два хеликоптера ќе бидат подготвени за летање во следните неколку недели. Потоа ја започнуваме последната фаза на обука за постигнување почетна оперативна готовност – 3 месеци, потоа малку обука и на крајот на годината ќе бидат целосно оперативни – рече Храњ.
Минатиот месец Хрватска постигна договор со САД за купување 89 борбени возила „бредли“, во рамките на соработката со Вашингтон, и планира да формира пешадиска бригада како членка на НАТО. Минатата година Хрватска, која е и членка на Европската Унија, се согласи да купи 12 борбени авиони „рафал“ од Франција.
Според анализата, од друга страна, Србија, која беше во војна со Хрватска во 1990-тите, по нејзиното отцепување од Југославија, од неодамна се вооружува главно со руски и кинески воени авиони, беспилотни летала и противвоздушни системи. Во последните месеци Русија ѝ предаде на Србија 30 борбени тенкови и 30 оклопни транспортери. Србија неодамна купи софистицирани руски системи за противвоздушна одбрана „панцир“, како и нападни и транспортни хеликоптери и кинески беспилотни летала.
Во една друга анализа, на специјализираната веб-страница „Глобал фајерпауер“, се наведува дека последниве години Србија ја модернизирала целата ескадрила од 12 авиони „миг 29“, потоа набавила околу 20 тенка „Т-72“, ​​нов противвоздушен ракетен систем „панцир С-1“, борбени хеликоптери „МИ-35“, како и нов противтенковски ракетен систем „корнет“, сите од Русија. На истата тема, „Вечерњи лист“ додава дека од Кина во Србија пристигнува копија од системот за противвоздушна одбрана со долг дострел „ФК-3“ (копија на рускиот „С-300“), а веќе се пристигнати кинески борбени беспилотни летала, како и дека слични доаѓаат од Турција.
Иако формално бара членство во ЕУ, Србија одби целосно да ја усогласи својата надворешна политика со блокот од 27 нации и паралелно работеше на зајакнување на односите со Русија и Кина, наведува агенцијата.
Хрватска стои цврсто со своите сојузници во НАТО во актуелните тензии меѓу Русија и Украина, додека Србија рече дека ќе остане неутрална – заклучува АП.


Водечки по воена моќ од бившите југословенски републики

Од 2006 година, веб-страницата „Глобал фајерпауер“ секоја година објавува годишен извештај и ранг-листа на 140 национални вооружени сили. Според податоците за 2022 година, Србија, како и една година порано, е пред Хрватска по армиска сила. На оваа листа Србија е рангирана на 61-то место од 140 земји во 2022 година, а Хрватска е чекор поназад, на 62-то место.
Притоа се посочува дека Србија во последните неколку години интензивно се вооружува и годишно го зголемува воениот буџет за 40 отсто, а колку за споредба, во 2017 година Хрватска била на 68-то, а Србија на 89-то место.
Од земјите на поранешната државна заедница, по Србија и Хрватска, според воената моќ се наоѓа Словенија, на 86-то место, БиХ е на 123-то, Македонија е на 134-то место, додека Црна Гора воопшто ја нема на листата, иако има своја армија.