Од творештвото на писателката Бистрица Миркуловска

Недела е – светло сончево утро.
Дедо Војдан и внуката Роза во градината одбираат трендафили. Ги гледаат со празнична возбуда, затоа што денеска учениците ќе добијат свидетелства, а Роза заврши прво одделение, па на учителката сака да ѝ подари убава китка.
Градината на дедо Војдан, со различни видови трендафили, е најубава во населбата. Кај него доаѓаат соседите да им даде калеми и резанки, а тој добродушно дава, зашто сака секој да има мирислива градина, па така, и населбата ќе биде поубава. Се радува дедо Војдан кога соседите ќе речат дека има лесна рака, оти дава од срце и сѐ што ќе даде брзо се вкоренува и расте. Трендафилите во неговата градина цветаат од Велигден до првите митровденски студови. Месечарки се и многуцветни грмушки, има и повитки, искачени од јужната страна на бараката. Знае како да ги крои и наесен и напролет, знае кога да ги прихранува и да ги заштити од штетници.
Во населбата Војдан и Трендaфилка, со синот Славе, се населија веднаш откако се изградија бараките, зашто беа од оние многубројни семејства што во катастрофалниот земјотрес во Скопје се загубија и неколку месеци беа засолнети под шатор. Населбата тогаш беше толку еднолична: ниту дрвце, ниту цветец, ниту тревка – само монтажни бараки, небаре кибритчиња правилно наредени, израмнета земја и пристапни патеки кон новите живеалишта.
„Сите се исти“ – рече Трендафилка. „Можеш да згрешиш, во туѓо да влезеш“ – додаде таа.
„Полека, жено, секоја куќичка ќе си добие сопствена душа. Трендафили ќе насадам, градина со трендафили, па да се знае дека тука живее Трендафилка“ – се смееше радосно Војдан, затоа што конечно имаат сопствен дом.
Најпрвин засади зеленика, шимшир ограда да се зеленее и лете и зиме. Потоа длабоко ја прокопа сета земја, исфрли камења, градежен отпад и засади три први трендафили – за Трендафилка, за Славе и за себе. А потоа, како што врвеа годините, така се зголемуваа грмушки трендафили, различни видови, бои, цветови, миризби… Војдан во градината наоѓаше одмор по напорната работа во „Железарата“, кај високите печки работеше како леар со вжештено железо.
– За сенешто, па и за цвеќето треба да научиш – си велеше Војдан и си купи книга за негување трендафили, илустрирана во боја, со историјат и развој на различни видови, со имиња на трендафили, па дури во неа имаше и легенди и приказни. Како поминуваа годините, Војдан создаваше сопствени сказни, како кога се ожени Славе и во семејството влезе снаата Билјана. Тогаш засади трендафил и го нарече „македонско девојче“.
Билјана ја прифати и како снаа и како ќерка. Набрзо им роди девојченце, за родителите ќерка, за него и за Трендафилка внучка.
– Знам, сакате внучката да се вика Трендафилка, ама простете ми, звучи некако старински – рече снаата Билјана.
– Нема проблем, снао – ја успокои Војдан. – Трендафилка, Филка, Филче, ама и Ружа, Ружица, Рушка, Роза, Роска – редеше дедо Војдан.
– Роза, убаво е Роза – се согласија мама Билјана и тато Славе.

* * *
Дедо од „викторија“ пресечи – го слушна гласот на внуката Роза.
– Да, мило, од „викторија“ (победа), жолта како сонце. Оваа година и ти постигна голема победа, научи да читаш и да пишуваш и многу други работи што понатаму ќе ги учиш. Па, и од мене уште многу ќе научиш за трендафилите – розите. И јас учам. Еве, во мојава книга пишува дека кралот Сарагон Први, во 2600 година пред нашата ера, откај делтата на реките Тигар и Еуфрат, донел корени од винова лоза, смоква и трендафил. А сѐ си мислам да не бил тоа Александар Македонски?! Пишува во таа моја книга дека во тоа далечно време многу ги почитувале розите, за нив пишувале познати филозофи, како Херодот, Теофраст и Епикур. Тој имал сопствена градина со рози, од која секој ден кинел по еден цвет.
– А каква боја, дедо, сакал тој филозоф?
– Е па, не пишува каква боја! Можеби ти ќе пронајдеш, па ќе ми кажеш. Можеби според деновите од седмицата, според сопственото расположение, според тоа за што размислувал во моментот – којзнае?! Уште пишува дека во Римската Империја плетеле венци од рози и се кителе со нив за секакви свечености, радост, љубов, ама и за испраќање борци во борба и за триумфални пречеци, кога се враќале како победници.
– Дедо, еве пресечи и од „афродита“. Сказната за Афродита ја запаметив, многу ми е мила. Дури посакувам некогаш да ми направиш венец од бели рози, како што имала таа, ама жал ми е, ќе свенат. Подобро да ги гледам расцутени во грмушката.
– Еве, ќе пресечам и од сортата „адонис“, зашто Афродита и Адонис треба да бидат заедно, бидејќи пред многу векови биле здружени во заедничка легенда.
……
– Еве и од „македонско девојче“ ќе пресечам, ја засадив кога дипломира татко ти. Ех, колку брзо одмина времето.
– Ајде, што правите во градината? Ближи девет и пол, а во десет треба да сте во училиштето – ги викна баба Трендафилка.
– Еве, готви сме, нема да задоцниме – ја успокои дедо Војдан.

* * *
Со смирен глас учителката прозиваше по азбучен ред, а учениците излегуваа возбудено, се ракуваа со учителката. Таа ги гушкаше и им даваше свидетелство и книга, а тие ѝ подаруваа букети, прекрасно завиткани во целофан, светкава хартија, украсени со раскошни панделки.
Дедо Војдан се вознемири, заџарено гледаше де во прекрасните букети што ги држеше учителката, де во розите од него набрани и завиткани во тенка бела хартија. Прашално погледна кон внуката, небаре се оправдуваше и посегна да ги скрие розите под клупа. Ама Роза го слушна своето име, се стрча накај учителката и возбудено ѝ го подаде букетот:
– Учителке, за вас најубавите рози од дедовата градина.
– Одлична помина, сѐ со петки, така да продолжиш – ја гушна учителката. Па, крена глава и со насмевка погледна накај Војдан. – Благодарам, чудесни се, со капки роса врз листенцата
Внучката се врати кај дедо си, му ги предаде свидетелството и книгата, па цврсто го прегрна:
– Дедо, многу те сакам!
– Гордост на дедо и баба…Розо најубава, најсакана – се додржа да не заплаче.
На заминување од училницата, учителката му подаде рака:
– Ви се восхитувам како се грижите за Роза, а и за градината. Поминувам често и се загледувам. Ви благодарам дека за мене пресековте најубави рози.
– Не само денес учителке, кога поминувате и ќе посакате, повелете! Па, вие сте ѝ како грижна мајка на нашата внучка! Во мојата градина – за вас секогаш ќе има најубави рози!

(Од книгата „Далечни проблесоци“).


За авторката

Нашата истакната писателка и професорка Бистрица Миркуловска е родена на 14 март 1930 година во Скопје. Завршила Филозофски факултет на универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а постдипломски студии од областа на македонистиката. Била професорка на Филолошкиот факултет во Скопје и лекторка по македонски јазик и литература на Масариковиот универзитет во Брно, Чешка.
Членка е на Друштвото на писателите на Македонија од 1971 година. Во претседателството на ДПМ била членка од 2000 до 2002 година, а била и претседателка на Комисијата за активности на писателите за деца. Авторка е на голем број книги поезија, раскази, романи, хаику, поезија, романи и раскази за деца.
Од творештвото за деца на оваа мошне плодна авторка ќе ги споменеме книгите: „Цвеќенца“, „Градинче“, „Првачиња“, „Празнични виделини“, „Виножито“, „Сите деца мили“, „Ѕвездена“, „Виделина“, „Клучарчиња“, „Тополите на крајот од дедовата ливада“, „Лице и опачина“, „Цвеќе на мирот“ и „Далечни проблесоци“.
Бистрица Миркуловска е плодна и како преведувачка од македонски на словенечки и од словенечки на македонски јазик, а за преведувачката дејност со опус од дваесет и две книги е повеќепати наградена.Добитничка е и на повеќе награди за поезија доделени од Друштвото на писателите на Македонија и од Здружението на просветни работници литературни творци на Македонија, кое ѝ додели и награда за животно дело. Последниве неколку години е фокусирана на поезијата за возрасни и објавува книги од тој жанр. За поетската збирка „Фатаморгана“, ДПМ во 2017-та на Миркуловска ѝ ја додели наградата „Даница Ручигај“.