Фото: Зоран Антоски

На две недели пред највеселата ноќ, од Лапонија во Кичево со својата санка и подароци допатува најдолговечниот кичевски Дедо Мраз и се смести пред едно фотографско студио, каде што ќе остане до крајот на оваа година, до кога со својот продорен дедомразовски глас ќе ги мами најмладите жители од градот да му пријдат, накратко да се дружат и да се фотографираат во неговите прегратки.
– Традицијата пред највеселата ноќ да се биде Дедо Мраз продолжи и годинава, или полни три децении другарувам со најмладите од градот и им ја разубавувам Нова година. Дечињата најпрво ми приоѓаат со љубопитство и кога ќе забележат дека сум најсаканиот дедо на светот, посакуваат да ми се приближат и на крајот средбата да ја завршиме со една убава заедничка фотографија- вели Михајло Петрески, актер по вокација, во улога на Дедо Мраз.
Петрески се навраќа на годините поминати во оваа ролја.
– Времето бргу минува и како да беше вчера кога за првпат се најдов во улога на Дедо Мраз, а оттогаш поминаа три децении. За овој период ме врзуваат убави спомени од средбите со децата, нивните карактери и пристап што го имаат кон мене. Интересно е тоа што тие немаат претстава кој сум јас и дека и во преостанатиот дел од годината сум нивни граѓанин кого често го среќаваат на улица, а не оној што го гледаат овие денови во сосема друга улога – додава Петрески, кој е по малку разочаран што последните десетина години нема врнежи од снег, што ја намалува убавината да се биде во оваа облека без бела покривка во градот.
Тој поради годините поминати во дедомразовска униформа целосно се сродил со улогата на најпосакуваниот дедо на планетава, а деновиве најави и посета на детските градинки во градот, каде што на дечињата ќе им подари новогодишни пакетчиња.

З.А.