Иако Холандија и Шпанија не се најдобриот тандем за туркање на реформите во Унијата, нивните министерки за финансии, Холанѓанката Каг и Шпанката Надја Калвињо (кои имаат богата меѓународна кариера, беа вицепремиерки и имаа импресивни политички фигури во нивните кабинети) ги здружија силите годинава, пишувајќи заеднички документ што повикува на кратења на долговите, кои се „реални, постепени, но амбициозни, како и компатибилни со економскиот раст и отворањето работни места“…
Предвремените избори во Холандија и Шпанија може да ја попречат фискалната реформа на ЕУ
Во редок пример на соработка меѓу Северот и Југот на Европа за фискални прашања, Холандија и Шпанија работеа заедно и успешно на „ревизија на Пактот за стабилност и раст“. Но со оглед на тоа што и Холандија и Шпанија годинава се соочуваат со предвремени општи избори, извори од бриселската администрација сега изразуваат реално стравување дека „процесот на европската фискална реформа може да биде закочен“ доколку не бидат реизбрани досегашните влади. Имено, падот на двете влади од гореспоменатите ЕУ-држави предизвикаа сомнеж дали може да се постигне договор за фискалната реформа во Унијата, пред европските избори во јуни идната година.
Спротивните гледишта сега се привлекуваат?
Традиционално, Холандија и Шпанија се на спротивните краеви кога се води фискалната дебата во Европа.
Имено, Холандија е главен поборник за фискалната доктрина, олицетворена од Вопке Хоекстра, поранешен министер за финансии, а сега министер за надворешни работи, кој отворено ги критикуваше јужните европски земји за нивното преголемо трошење додека го поддржуваше штедењето за време на должничката криза во еврозоната.
Спротивно на тоа, соодносот на долгот и БДП на Шпанија повеќе од една деценија постојано го нарушува прагот од 60 отсто, назначен од ЕУ, што до 2019 година резултира со дисциплински процес на ЕУ, познат како „процедура за прекумерен дефицит“.
Иако тоа сугерира дека овие земји не се најверојатно најдобриот тандем за ова прашање, нивните министерки за финансии, Холанѓанката Каг и Шпанката Надја Калвињо, кои имаат богата меѓународна кариера, беа вицепремиерки и импресивни политички фигури во нивните кабинети, ги здружија силите минатата година, пишувајќи заеднички документ што повикува на кратења на долговите, кои се „реални, постепени, но амбициозни, како и компатибилни со економскиот раст и отворањето работни места“. Со сигнализирање на апетитот за промени кај двете земји, заедничкиот документ се сметаше за помагање на Европската комисија, која претходно оваа година предложи реформа што презеде многу елементи предложени од тандемот.
Иако омекнувањето на позицијата на холандската влада не треба да се преценува, Хаг сè уште бара, заедно со десет други престолнини, построго намалување на долгот отколку што предложи Европската комисија, министерката Каг му стави крај на бескомпромисниот став на нејзините претходници. Од своја страна, Калвињо вети дека Шпанија ќе го исполни годишниот праг на три отсто за дефицит од 2024 година, една година пред предвиденото.
Ред песимизам, ред оптимизам
И двете влади сега ги чекаат пресудите на своите гласачи. Изборите во Шпанија се закажани на 23 јули, а во Холандија се закажани за втората половина на ноември годинава. Холанѓанката Каг предупреди дека треба да се внимава на политичките разлики, а парламентот може да одлучи да прогласи одредени теми за контроверзни или можеби ќе сака да дебатира почесто за да се увери дека преодната влада има доволна парламентарна поддршка или насоки.
Дури и ако владата на премиерот во заминување Педро Санчез биде реизбрана, Шпанија ќе претседава со ЕУ до крајот на годината и затоа не треба да ја одмерува суштината на преговорите меѓу земјите, туку да дејствува како чесен посредник. Шпанското претседателство има цел да организира состанок на министрите за финансии во октомври за да се постигне договор меѓу 27-те влади на ЕУ сериозно да започнат преговори со Европскиот парламент и да ги завршат пред изборите за ЕУ. Оваа временска рамка другите ја гледаат како оптимистичка, со оглед на позицијата на земји како Германија, која покажа мала подготвеност за компромиси и сака построги цели за намалување на долгот.
Подготвил: Mарјан Велевски