Беше тивко, безветрено, но спарно време. Кога излегов од дома чувствував силна жештина, сонцето ме боцкаше по лицето. Но весело потрчав кон домот на мојата другарка.
– Даринка, Даринка! – викнав под прозорецот. – Дома ли си!
– Да. Еве сум, истрча, како да ме очекуваше. – Добро што дојде – ми рече.
– Денес многу ми е здодевно. Ајде да шетаме некаде.
– Убава идеја – се израдував и јас. – Но знаеш дека јас првин морам да наберам трева за козичката. Попладне нема да ја носам на пасење.
– Прекрасно – рече Даринка. – Ќе одиме на онаа убава ливада под ритчето. Наоколу има дрвја, многу трева, цвеќиња во разни бои, бубалки и што ли уште не. Баш ќе ни биде интересно. А ќе набереме и трева за Роска.
Се фативме за рака и ја летнавме.
Кога шетавме низ ритчињата во нашата блиска околина мислевме дека цела природа свети со нашата веселост. Чучнувавме меѓу зелената мирисна трева, зборувавме со птиците, со дрвјата, со тревките и бубалките… Во сончевиот отсјај на белината долетуваа пеперутки, ги размавтуваа шарените нежни крилци, а ние вдишувајќи го свежиот мирис на цветовите врз кои летаа, скокавме да ги дофатиме и да го почувствуваме нежниот допир врз нивните меки кадифени крилца.
Влажната топлина нѐ обливаше по лицето и нѐ исполнуваше со среќа, барајќи низ густата трева детелинка со четири ливчиња. Но, како што ги откинуваме страковите детелина барајќи такви ливчиња, набравме еден голем сноп трева. Си замислував како Роска ме гали со нежниот допир на предните ножиња, како ме гледаат две големи, светли очи и ми првкаат нејзините црно-бели ушиња. Небаре бев во сон. Се движев и молчев за да си ја продолжам среќата.
Во таа растреперена среќа од убавата прошетка се враќавме дома. Даринка и јас живеевме на иста улица. Таа беше на едниот крај, а јас на другиот крај на нашата долга и широка калдрмисана улица.
– Поздрави ја Роска и кажи ѝ дека и јас берев трева за неа – се пошегува Даринка. – Ќе одиме и другпат, само таа нека ни дава убаво млекце! Ме гушна и, подрипнувајќи, мојата другарка си замина.
Со тоа топло чувство и мирисот на тревата, стегајќи го под мишка големиот сноп и радоста дека ѝ носам храна на нашата козичка – се занесов. Со таа разгалена мисла потрчав. Снопот трева ми падна. Тревките се расфрлаа низ чистата улица. Додека ги собирав, пред мене се појави уличниот чистач. Тој, со сета грубост, разгневен, ме турна на земјата.
– Што мислиш ти, дете, јас овде стојам ти да фрлаш трева по улицата и да правиш ѓубре…
– Молчи! – извикав.
– Ќе викнам полиција…
Плачев, го молев да ме остави да соберам барем нешто од растурената трева, за да има Роска, барем за денес што да јаде. Но попусто. Не само што не ме остави да присоберам малку од растурената трева туку разгневениот чичко чистач и она малку трева што ја стегав во дланката ми ја зеде и со лутина ме турна и со рака покажувајќи ми го правецот кон дома викна:
– Бегај, да не те видам другпат да носиш трева во раце, туку во торба…
Но сега не плачам за тревата. „Ќе наберам утре“, си велам, туку плачам од страв – што ќе кажам дома, зошто не набрав трева за попладневната храна на Роска. А тоа попладне немаше кој да ја пасе козата.
Смислив лага: „Чуварот на ливадата не ме остави да берам трева“. И така кажав. Вешто се извлеков од лутината на татко ми. Но лагата си е лага. И, како што кажува народната мудрост, на лагата ѝ се куси нозете – и јас не успеав да ја зачувам. Вистината излезе на виделина.
По извесно време, татко ми се сретнал со чичко Бранко, чуварот на ливадата.
– Комшија, вредна ќерка имаш. Со другарка ѝ набраа доста трева за козата. Убаво, убаво! Така, нека помагаат и децата. Барем трева можат да наберат. А и убави цвеќиња си набраа, и двете….
(Од книгата „Солзите на Роска“ на Славка Арсова)
Бабо, нели сум умен!
Баба Елка го советува тригодишниот внук Дамјан:
– Знаеш мило, баба работи во училиште. Таму има многу ученици и многу учителки. Кога и ти ќе почнеш да учиш, треба да си добар, умен, културен… – реди баба Елка, а Дамјан внимателно ја слуша.
– Ама бабо, јас не одам на училиште, уште сум мал.
– Да, душо, мал си, но и малите треба да се добри, умни… Да не ги срамат родителите и бабите – продолжи баба Елка со совети.
Во меѓувреме баба Елка му вели на Дамјан:
– Оди, сине, на масата има една книга, донеси ја.
Дамјан трчешкум ја зема книгата и на баба си ѝ вели:
– Повели, бабо. – Ѝ ја даде книгата и малку постоја пред неа, молчешкум, па рече:
– Бабо, нели сум добар и умен! Значи, нема да те засрамам пред учениците во „Владо…“.
(Малиот Дамјан толку запаметил од називот на училиштето на баба му „Владо Тасевски“).
– Да, мило, умен си – насмеано го пофали баба Елка, го гушна и го бакна.
Коментар: Убав разговор меѓу баба и внук. Браво Дамјан, колку внимателно си ја слушал баба Елка. Навистина си умно дете. Баба ти ќе се гордее со тебе кога ќе учиш во „Владо“.
Кусурка
– Мамо, ај да си играме продавница! – ја замоли малиот Дамјан мајка си.
– Каква е таа игра, сине? – зачудено праша мама Елена.
– Така мамо, ти ќе купуваш, а јас ќе бидам „кусурка“ – објасни Дамјан.
Коментар: Деца, не ви е познат зборот „кусурка“, нели? Ама остроумниот Дамјан ми ја објасни оваа кованица: тетката што работи во продавница на каса за плаќање и враќа кусур се вика „кусурка“ (се мисли на касиерка).
Вистинско бисерче за смеење!
(Од книгата „Бисерчиња од детски главчиња“ на Славка Арсова)