Просторот е наменет за реализација на слободните ученички активности, работилници, истражувачки проекти, спроведување обуки, предавања, промоции на книги. На тој начин оваа специфична библиотека се става во функција за оспособување на учениците да ги развиваат својата личност и потенцијал, да ги откриваат, усовршуваат и презентираат своите интереси, вештини, способности и умеења. И не само за учениците, во медијатеката се одржуваат и обуки и предавања и за наставниот и стручниот кадар во училиштето

ВО ООУ „НИКОЛА КАРЕВ“ ВО КОЧАНИ

Во општинското основно училиште „Никола Карев“ во Кочани од оваа учебна година во функција е мултимедиумска библиотека, која новоназначениот в.д. директор Александар Андов ја стави како приоритетен проект за време на својот ангажман, кој беше комплетно просторно и технички реализиран за нецели два месеца. Таа функционира како библиотека, која содржи не само хартиени и електронски книги, весници, списанија и брошури туку и мултимедиумски материјали, како видео и звучни снимки. Библиотеката е проширена со медијатека опремена со ХД-телевизор, лаптопи, таблети, проектор, 3Д-очила, две -360 камери, разгласна станица, комплетна покриеност со интернет, со што се олеснуваат истражувачката работа и достапноста до информации за изработка на проектни и домашни задачи.

Простор за откривање на личните потенцијали на учениците

Просторот е наменет за реализација на слободните ученички активности, работилници, истражувачки проекти, спроведување обуки, предавања, промоции на книги… На тој начин оваа специфична библиотека се става во функција за оспособување на учениците да ги развиваат својата личност и потенцијал, да ги откриваат, усовршуваат и презентираат своите интереси, вештини, способности и умеења. И не само за учениците, во медијатеката се одржуваат и обуки и предавања и за наставниот и стручниот кадар во училиштето.
Од позначајните активност реализирани досега е посетата на писателите Власта Цениќ и Александар Коциќ од Србија и на младиот македонски поет Филип Димкоски, по повод Детската недела и „Деновите на кочанскиот ориз 2022“. Беа презентирани списанијата за деца од „Просветно дело“, редакција „Детска радост“, а се одржа и промоција на книгите „Спирко Немирко“ и „Борко Брзозборко“ од Ксенија Маказлиева Трајчева. Исто така своето најново дело го претстави авторката за деца Марина Гоцевска по повод Месецот на книгата. Интересна беше едукативната работилница за детски афоризми, која ја водеше афористичарот Миле Ѓорѓиоски, во соработка со учениците од литературната и ликовната секција. Тие се запознаа со начинот на создавање на афоризмот и неговото илустрирање и имаа можност самите да создаваат афоризми и илустрации за нив. Гости на библиотеката беа писателите афористичари: Ацо Ѓорѓиев, Иван Котев и Ристо Филчевски од Струмица, Јасмина Ѓорѓиева и Атанас Крлевски од Велес, Елеонора Николовска од Скопје и роднокрајните автори: Славица Цветкова, Ленче Стоименова, Ружа Стојмилова, Јулка Димитрова, Јане Атанасов, Атанас Георгиев и Раче Мицов. Имаше и претставување на кинеската литература за деца од издавачката куќа „Македоника литера“, како и одбележување на Денот на мајчиниот јазик.
– Целта на ваквите средби и работилници е да им ги доближиме книгата и нејзините создавачи на учениците, а наедно да ги откриеме и поттикнеме нивните афинитети кон пишаниот збор – велат од училиштето.

Реализирани обуки и голем број активности

Во медијатеката исто така беа реализирани и обуки од општинската организација на Црвен крст во Кочани, како и семинари и обуки од БРО.
Секако, целата реализација на овој успешен проект, покрај посветеноста на директорот, се должи и на ангажманот и заложбите на сите вработени во училиштето, а пред сѐ на библиотекарката, м-р Љупка Стојменова. Таа своето долгогодишно искуство и знаење несебично ги вложува во напредок на библиотечната дејност во училиштето.
Но во ООУ „Никола Карев“ очигледни се и многу други промени и подобрувања на условите за работа.
Покрај опременоста на мултимедиумската библиотека во периодот од седуммесечното директорување на в.д. директорот Александар Андов беа опремени посебни простории за училишниот дефектолог и социолог, уреден и обележан паркинг-простор, просторијата за продолжен престој беше стилски уредена и збогатена со едукативни игри, собата на техничкиот персонал и наставничката канцеларија беа комплетно реновирани, а беше отворена и соба за родители. Сменета е и оградата околу училиштето, а поставено е и осветлување на училишниот двор. Во тек е опремување на забавниот парк и игралиштата за мал фудбал и кошарка.
Од активностите што беа реализирани во ООУ „Никола Карев“ ги издвојуваме и новогодишниот базар и отворањето на „Вики клуб – Кочани“, чие седиште е во училиштето, а исто така се одржани бесплатните часови за физичка активност за децата со посебни образовни потреби, кои се реализираат со наставниците по ФЗО.
Подобрена е наставата и во подрачните училишта во селата Грдовци и Тркање, со опремување со интерактивни табли и репарирани компјутери.