Од творештвото на писателот за деца Стојан Тарапуза
Не е ни необично, не е ни чудоно… Мравка се сретнала со штурче будно. Штурчето свирело, таа го слушала. И кога се изнаслушала, без нешто да стори, почнала да збори:
МРАВКАТА: Летоска работев – собирав зрна…
ШТУРЧЕТО: Во полето ли ги собираше? Во нива ли ги собираше? Во глетките на некоја срна ли ги собираше?
МРАВКАТА: Ни во поле. Ни во нива. Ни во глетките на некоја срна, туку во сенката на оскоруша дива, над која и сега ветерот развива грива…
ШТУРЧЕТО: Не спомнувај го ветрот, те молам! Тој сега е осе врз твоето носе!
МРАВКАТА: Осе е и врз твоето, но ти не го гледаш, зашто е невидлив!
ШТУРЧЕТО: Не ажи, не вражи! Од што се зрната што ги собираше, кажи?
МРАВКАТА: Од овес, од јачмен, од сончоглед и од пченица!
ШТУРЧЕТО: Ако се од пченица појди до најблиската воденица и причекај…
МРАВКАТА: Ќе појдам, ќе причекам, но не сега, не ни утре, ни задутре… Зимата наближува, студот почнува да стега – од него бегање нема! Ќе наврне и снег, земјата ќе ја стави под покривач мек, па храна ќе нема ни за лек!
ШТУРЧЕТО: Ќе нема… Но додека да дојде многу време ќе пројде…
МРАВКАТА: Ќе пројде, ќе пројде… Но времето е река…
ШТУРЧЕТО: Каква река?
МРАВКАТА: Невидлива, што не стои, што не запира, не чека! Таква е од векови века! И да знаеш: храна за в зима се обезбедува сега, а не кога мразот ќе почне да стега!
ШТУРЧЕТО: Кажаното по отворен пат оди, но таквото резонирање, мене лично, ич не ми годи! Сега е време за свирење, за пеење и за најгласно смеење….
МРАВКАТА: Мисли што сакаш… Сега ти е добро, имаш сѐ што сакаш, но мисли за утре… Зимата е скржла! Ќе ти ја направи и сенката мрзла! Па ќе се молиш, ко питач ќе се шлаеш и за испуштеното ќе се каеш!
Лето, плажа и од сонце сончева гаража
Лето е. Сонцето тлее. Денот знаме од зраци вее. Ветерот е затворен во шише! Жешко е! Се потиме! Сѐ потешко се дише!
ЈАНЕ: Денеска, по отворен пат, без ветрова стража, одев и стигнав до една плажа… Се соблеков до гола кожа, се укотвив во една ложа…
ВАНЕ: Во каква ложа?
ЈАНЕ: Во песочна – од песок и од сончев блесок!
ВАНЕ: И што работеше укотвен во неа?
ЈАНЕ: Олчев – молчев, сјај пиев од водата во која рибите си ја живеат слободата.
ВАНЕ: Слободата е знаме на убавината!
ЈАНЕ: Знам. Но за тоа ќе зборуваме другпат…
ВАНЕ: Зошто другпат, а не сега?
ЈАНЕ: Затоа што сега сум капач на плажа – во сончева гаража!
ВАНЕ: Капач на плажа во сончева гаража сум и јас…
ЈАНЕ: И ти си те гледам.
ВАНЕ: Ако ме гледаш -, кажи што правиш на плажава – во гаражава кога си сам?
ЈАНЕ: Со сончеви зраци си го шминкам тенот и уживам во убавината на денот! А ти?
ВАНЕ: И јас, како тебе истото го правам. Уживам во прелестите на денот!
ЈАНЕ: Убавината со очи се пие! Од неа најдобро ни е!
ВАНЕ: Сонцето се смешка, водата се брешка – нѐ моли да запливаме во нејзината смешка!
ЈАНЕ: Да запливаме, водата е мека… Битката за знаење наближува… Септември нѐ чека!
(Од книгата „Везеница“)
За авторот
Стојан Тарапуза е роден на 29 декември 1933 година во Злетово. Основно образование завршил во родното место и во Штип, а Средно техничко училиште и Виша педагошка академија во Скопје, каде што живее и денес. Речиси целиот работен век го помина како новинар и уредник во редакцијата Емисии за деца на МРТ. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1966 година.
Како автор дебитира со стихозбирката за возрасни „Црвено растење“ во 1961 година, а во 1965-та ја издава и „Во каменот ден“. Потоа следуваат педесетина книги за деца, меѓу кои се и: „Грејни сонце“, „Дамбара думбара“, „Под стреата на ѕвездите“, „Поглед низ двоглед“, „Зборови по дворови“, „Шарки жарки“, „Брзалки без врзалки“, „Сон на тркала“, „Мудрословија“, „Разденица“, „Везеница“…
Застапен е во повеќе антологии на разни јазици, а негови песни досега се преведени на: руски, полски, чешки, словачки, романски, српски, хрватски и на словенечки јазик.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои се и: наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата „Ванчо Николески“ што ја доделува ДПМ за најдобра книга за деца во 2015 г., а трипати го добил признанието на Радио-телевизија Скопје за своето творештво.
Застапен е во читанките и во училишната лектира, а во 2011 година „Просветно дело“ ги објави неговите избрани дела во три тома.