Од историјата на борачкиот спорт (6)
- Првите искуства и контакт со овој спорт, кој подоцна стана најтрофеен во Македонија, Ристо Таков ги имаше во Полска
Минатата недела напишав колку беше значајна појавата на Ристо Таков за македонското борење. Тој беше навидум мирен, но во него како да вриеше нешто, што укажуваше дека е темпераментен и многу настојчив во реализирањето на поставените цели. И покрај неадекватните услови за работа, тој прв ги засукува ракавите и тргна по неизвесниот пат да го развива борењето во Македонија. Момчето од Пожарско, кое помина низ многу премрежиња, знаеше оти само со настојчивa работа ќе успее и ќе излезе како победник во авантурата, за која многумина сомнително вртеа со главата и сметаа дека залудно го троши времето. Но, сите тие „неверни томи“ набрзо сфатија дека Таков е на вистинскиот пат, преземајќи чекор што е многу значаен за македонскиот спорт. Набрзо на ова наше поднебје заживува спортот, кој не само што опфати голем број млади луѓе туку подоцна произведе квалитетни борачи, меѓу кои и носители на олимписки медали.
– Судбината сакаше, бегајќи од ужасот што го донесе Граѓанската војна во Грција во 1948 година, јас со голем број Македонци од егејските предели да се најдам во Шќеќин, Полска. Во тој град спортот беше многу развиен и брзо закрепнуваше и застануваше на здрави нозе по Втората светска војна. Меѓу повеќето клубови што егзистираа во градот лоциран во северниот дел на земјата во близината на германската граница, борачкиот најмногу го привлече моето внимание. Секојдневно одев во салата, ги следев тренинзите, за еден ден и јас да излезам на душекот. Во почетокот мислев дека тоа ќе биде само рекреативно, зашто во тој период во Полска немаше млад човек, а да не се занимава со некој спорт. Но, како што минуваше времето јас сѐ повеќе се загревав за борењето, особено за слободниот стил, кој ми беше попривлечен од грчко-римскиот, зашто имаше поширок репертоар на зафати и некако ми беше поатрактивен – ја почнува својата приказна Ристо Таков.Младински првак на Полска
Деновите поминуваа, а Ристо сѐ повеќе го привлекуваше вниманието на тренерите и веќе се проби меѓу најдобрите во борачкиот клуб. Благодарение на дисциплинираната работа и редовноста на тренинзите, доаѓа денот кога тој треба да ги брани боите на Шќеќин на младинскиот шампионат на Полска.
– Тоа се случи во 1955 година. Да бидам искрен, не ми се веруваше дека токму таа година ќе биде решавачка дури и за мојот комплетен влез во борењето. Победив на првенството на Полска и станав младински првак на оваа земја. Задоволството беше огромно. Во тие моменти на радост одлучив веќе да не се разделам од овој спорт. Набрзо потоа доаѓа нова преселба. Заедно со илјадниците деца бегалци, и јас се вратив во мојата татковина. Штип беше следната дестинација. Градот под Исарот тогаш најмногу беше загреан за фудбалот, но егзистираа и другите екипни спортови. Јас како борач, кој зад себе имаше и една титула освоена во Полска, отидов во Сојузот на спортовите и им предложив во училиштето „Ванчо Прке“ да формираме борачка секција. Одговорните веднаш го прифатија мојот предлог и оттогаш почнува историјата на штипското и на македонското современо борење во слободен стил, не сметајќи го пеливанството, кое беше од друг карактер. Иако изгледаше блиско, сепак, тоа беше многу различно од современото слободно борење – вели Таков.
Во 1958 година Ристо Таков околу себе собира една група млади ентузијасти со кои секојдневно работи. Тој е и тренер и активен борач, организатор и афирматор на новиот спорт, со еден збор – во Штип станува алфа и омега во борењето. Имаше голема среќа што во тој период и општинските фактори му дадоа голема поддршка. И тие како да почувствуваа дека борењето може да биде спортската гордост на Штип. Подоцна тоа стана и вистина, зашто борачкиот спорт беше синоним преку кој се препознаваше и афирмираше градот. Набрзо беше формиран и БК Балканец, кој во следните години беше најдобриот борачки колектив во Македонија. Така почна борачката офанзива, која го зафати не само Штип туку и околните градови.
Потпомогнат од спортските фактори, Ристо Таков како основоположник на борачкиот спорт и човек што се стекна со голем авторитет, не се задоволи само со работата на локално ниво, само во градот под Исарот, туку почна оди во Радовиш, Кочани, Струмица, Пробиштип и беше иницијатор за формирање клубови и во тие градови.
– Знаев дека за да се оди напред треба да има конкуренција. Затоа, не ми беше тешко да одам насекаде и да ги анимирам луѓето да формираат клубови во своите градови. За среќа, иницијативата насекаде беше прифаќана со задоволство, па така, покрај Балканец, почнаа да никнуваат и други клубови, како Спартак, Јака-Бучим, Извор и Рудар. Потоа се формираа клубови и во Скопје. И овде јас бев иницијатор. Најдов убав начин да ги обединам луѓето, и тоа преку ДТВ Партизан. Во рамките на ова Друштво за телесно воспитување (ДТВ), кое функционираше на територијата на целата поранешна држава, меѓу другите секции, од кои најактивни беа гимнастичките, беа формирани борачки секции, кои подоцна пред сѐ поради големото интересирање на младите за овој спорт прераснаа во клубови. Така, во Скопје се „родија“ клубовите Вардар, Работнички, МИК, подоцна Скопје, а што е интересно, најмногу по заслуга на професорите Ментас Алајбегу и Ајруш Синани, во рамките на ОУ „Лирија“ беше формиран и клуб од кој подоцна произлегоа многу квалитетни борачи. Мојата кариера како тренер продолжи во МИК, а во меѓувреме станав селектор на југословенската репрезентација, која ја очекуваа силни меѓународни настапи – ми велеше Ристо во првото интервју што го имав со него.Почнува подемот на борењето
Во почетокот на 60-те години од минатиот век првпат една борачка репрезентација во слободен стил учествуваше на меѓународен натпревар. Што се однесува до грчко-римскиот стил, тој имаше долга и богата традиција во Југославија.
– Меѓутоа, за слободниот стил малку се знаеше. Затоа, првото неофицијално Европско првенство во Белград во 1962 година беше шанса и за спортските работници што се грижеа за квалитетниот спорт во државата одблизу да се запознаат со овој борачки стил, кој во другите земји еднакво беше третиран со грчко-римскиот стил. На ова првенство првпат ја водев репрезентацијата во која со своите квалитети отскокнуваа Рамиз Тефиков, Неби Јусуфов, Тефик Демири и Рамадан Сали. Сите тие претходно беа пеливани – продолжува Таков.
Ристо Таков продолжи да работи како тренер, но сега и селектор на репрезентацијата, со која веќе почна да бележи високи пласмани со своите борачи на европските и на светските првенства. Така, Тефиков беше четврти во светот, инаку втор Европеец во својата категорија на првенството во Софија во 1964 година, а Јусуфов беше петти. Потоа на сцена стапуваат нови имиња на чело со Добре Маринков, Симеон Шутев, Борче Димовски, Ристо Дарлев, Киро Ристов, Шабан Сејдиу, Ацо Јордановски, Сефер Салиовски, за да се стигне до генерацијата на олимпискиот шампион Шабан Трстена, во која беа и олимпијците Чедо Николовски и Зоран Шоров. Сите тие со респект беа пречекувани на големите приредби, а на Медитеранските игри, особено на оние организирани во Сплит, во 1979 година, беа дури и доминантни.
Во 1968 година Димовски и Шутев беа првите олимпијци и настапија на Игрите во Мексико. Во 1971 година, пак, на ЕП во Берлин, Сефер Салиовски го освои и првиот бронзен медал.
Сите овие резултати беа виза за Таков да стане селектор и да ја подготвува репрезентацијата на Сенегал за настап на ОИ во Минхен.
– Во оваа африканска земја останав осум месеци, а на Олимпијадата еден од моите борачи беше шести, што претставуваше најголем успех на оваа земја – рече тој.Сејдиу: Таков – и тренер и родител
Сепак, во еден од најубавите спомени кај Ристо Таков останува настапот на Медитеранските игри во Алжир во 1975 година.
– Откако се вратив од Сенегал, повторно ја презедов селекторската палка. Тогаш забележав некои млади борачи за кои сметав дека треба да им се обрне посебно внимание. Еден од нив беше и Шабан Сејдиу, подоцнежниот голем шампион. Уште од детски години, што се вели, го фрлив во оган. Со неполни 16 години го одведов на Медитеранските игри во Алжир. Селекторот во грчко-римски стил, популарниот Геџа Ивановиќ, кога ги виде Шабан и другите борачи, ми рече: „Каде ги водиш овие жолтоклунци, ќе ги изедат на душекот“. Му одговорив кусо: „Ќе видиме“. Е, токму тие жолтоклунци освоија три медали за Југославија, од кои еден златен, и тоа освоен од најмладиот, Сејдиу. Геџа веќе не изусти ниту збор – продолжи Таков.
Шабан Сејдиу беше најголемото изненадување во Алжир, бидејќи беше и најмладиот победник на борачкиот турнир. Оттогаш тој, а потоа Киро Ристов и Ристо Дарлев, предводени од Ристо Таков, тргнуваат во нови походи и настапуваат и на Олимписките игри во Монтреал, во 1976 година. Но овој собир беше платен данокот на неискуството, но, сепак, тој беше најава дека на идниот, по четири години, ќе може да стигнеме и до медал, што и се случи: Сејдиу на ОИ во Москва го освои првиот борачки олимписки медал, бронзен.
Претходно Таков ја напушти селекторската фотелја и на негово место дојде Насе Насев, кој, исто како својот претходник, продолжи успешно да ја води репрезентацијата и да освојува медали на големата сцена. Таков, пак, остана да работи само со борачите на БК Скопје, за во 1984 година да се исели од Македонија и да замине за Канада, каде што живее и денес. Но, тој не ја заборава Македонија и секое лето доаѓа да ги посети пријателите и роднините.
Серијалот за борачкиот спорт во Македонија продолжува идната недела.