Нови изданија за деца: „Мечето што не го фаќаше зимски сон“ од Александра Велинова
„Родителите на мечето беа во длабок сон. Со затворени очи се смешкаа, нешто убаво сонуваа. Но малото мече сон не го фаќаше наслушнувајќи го детскиот џагор што доаѓаше однадвор…“, пишува во најновата сликовница за деца „Мечето што не го фаќаше зимски сон“ на авторката Александра Велинова.
Во неа љубопитниот Алексеј и мечето ги носат најмладите читатели во незаборавна зимска авантура: прават пеперутки во снегот, жонглираат со снежни топки, скијаат, се сончаат на бачило и пијат чај, дишат чист воздух, се прпелкаат во снегот, уживаат во глетката на снежната планина. Но и забележуваат и учат дека снегот се претвора во мраз и во вода, всушност водата ја менува агрегатната состојба.
– Никогаш не помислував да пишувам книги за деца додека не се родија моите. Голема е одговорноста да се пишува за деца, тешко е да се пишува кратко и треба да се внимава на каков начин и каква порака ќе им се пренесе на младите читатели. Кога станува збор за сликовница, додека пишуваш треба да размислуваш и како ќе изгледа визуелно, илустрирано. Во зависност за која возраст се наменети, треба да се запази и процентот на застапеност на текст и илустрација на страниците. Ако нема доза на хумор, тешко дека ќе им го привлечат вниманието, но пред сѐ треба да бидат и едукативни. Всушност, Стефан и Алексеј „ги пишуваат“, јас се потпишувам. И претходните и новава се инспирирани од наши патувања и разговори со нив. И тоа обично се случува неколку години потоа, не одам со план дека ќе пишувам. „Мечето што не го фаќаше зимски сон“ како идеја се роди при првата посета на планина на Алексеј пред три години – објаснува Александра.
Таа дополни дека исто така оваа книга ги промовира убавините на македонските планини и можностите што ги нудат, а ги истакнува и придобивките од престојот на планина за децата.
„Мечето што не го фаќаше зимски сон“ е поддржана од Министерството за култура. Таа им се придружува на „Бидејќи сум дете“, „Стефан во магичниот град“, „Стефан на прошетка со Ками во Египет“, „Стефан во Дино-парк“, „На крилјата на самовилското коњче“, „Најубавите години“, „Стапки во пустина“, „Од дното на душата“, „Како ги заработив првите пари“ (книга со интервјуа), кои се дел од творечкиот опус на Велинова. Таа е членка е на Друштвото на писателите на Македонија. Добитничка е на престижната меѓународна награда „Антево слово“ (Сицилија, Италија).
„Мечето што не го фаќаше зимски сон“ сѐ уште немаше официјална промоција, бидејќи главниот лик Алексеј фати сипаници. Му посакуваме скоро оздравување и со нетрпение ја очекуваме средбата во живо со ова ново четиво за најмладите од перото на Александра Велинова.
М.Т.