За нови автопатски делници годинава ќе се потрошат 174 милиони евра, а за веќе изградените ќе се инвестираат дополнителни 60,5 милиони евра. Приходите од патарини лани изнесувале 426,45 милиони евра (без ДДВ), што е зголемување за 16,33 отсто во однос на претходната година

ХРВАТСКА: ГОЛЕМИ ИНВЕСТИЦИИ ВО СООБРАЌАЈНАТА ИНФРАСТРУКТУРА

Инвестирањето во модерни сообраќајници е развојна политика што редовно дава добри резултати, пред сѐ за динамичен раст на економијата, поврзување на пазарите, регионален симетричен раст, за безбедноста и сигурноста на луѓето што ги користат секојдневно, а од друга страна и инвеститорите на тоа гледаат како на импулс за нивни вложувања. Најдобра потврда за тоа е штотуку објавениот проширен годишен извештај за минатата година на Хрватското здружение на концесионери на патарини (ХУКА). Во извештајот се наведува дека во моментов во Хрватска во сообраќај има 1.341,1 километар автопатишта, од кои 24,6 километри се изградени минатата година. Повеќето од нив се сообраќајници со двапати по две ленти – има 1.305 километри такви патишта.
Она што е особено интересно е дека приходите од патарини лани изнесувале 426,45 милиони евра (без ДДВ), што е зголемување за 16,33 отсто во однос на претходната година. Во однос на 2021 година, бројот на возила опфатени со наплата е зголемен за 15 отсто, на вкупно 80,1 милиони.
Во плановите за годинава особено се потенцира дека за нови автопатски делници ќе се потрошат 174 милиони евра, а за веќе изградените дополнителни 60,5 милиони евра.
Во однос на учеството на начинот на плаќање во вкупните приходи од патарини, 36,7 отсто од сметките се платени во готово, 27,8 отсто преку ЕНЦ, 31,7 отсто со кредитна картичка и 3,4 отсто со паметна картичка.

Хрватска ќе го гради првиот автопат на соларна енергија

Следната година Хрватска ќе го има првиот автопат на соларна енергија. Според најавата, годинава треба да почне изградбата на 16 фотонапонски централи на автопатот Загреб – Мацељ, кои со струја ќе го снабдуваат целиот пат во должина од 60 километри од наплатната рампа Запрешиќ до наплатната рампа Тракошќан.
На автопатот ќе бидат поставени околу 4.400 фотоволтаични модули или соларни полиња. Целта на менаџментот на компанијата „Аутоцеста Загреб – Мацељ“ е од следната година овој автопат да биде целосно енергетски самоодржлив. Како што дознава весникот, добиена е целата документација за започнување на овој проект, како и согласност од ХЕП, а до јуни ќе биде објавен тендер за изведувачи.

Патарините заминуваат во историјата, доаѓа нов начин на наплата

„Хрватске автоцесте“ официјално објавија дека словачката компанија „Скај тол“ заедно со „ТелНет“ го доби тендерот за нов систем за наплата на автопатиштата во Хрватска. Во својата понуда „Скај тол“ се обврза да изгради нов систем за наплата за 99.891.850,64 милиони евра со вклучен ДДВ. Проценетата вредност на набавката на новиот систем на тендерот беше 100 милиони евра. Одлуката за избор траеше шест и пол месеци од отворањето на понудите на 18 јули минатата година. Во одлуката за избор е наведено дека од тие 10 понуди, пет биле одбиени бидејќи биле неприфатливи.
Целиот нов систем за наплата на патарина е финансиран со европски грантови од националниот план за закрепнување и отпорност.
Доколку нема жалби на оваа одлука, договорот би можел да биде потпишан до крајот на овој месец. Рокот за извршување на работите е 24 месеци, а новиот систем за наплата на патарина Хрватска треба да го добие во 2026 година.
Ова е практично претпоследниот потег за воведување нов систем за наплата како еден од најважните и најскапи инфраструктурни проекти на оваа влада. Следуваше цели осум години откако, во февруари 2016 година, новоименуваниот министер за транспорт Олег Бутковиќ најави промена во системот за наплата и подготовка на анализа, која треба да се интегрира во Хрватска. Во тие осум години, од идејата за воведување вињета се премина до конечното, двојно решение – патарините ќе се наплатуваат бесконтактно преку уредите ЕНЦ и автоматското препознавање на регистарските таблички (АЛПР). Новиот систем ќе се имплементира на сите автопатишта во Хрватска, кај сите три концесионери. Патарината ќе продолжи да се наплаќа врз основа на поминатото растојание.
Висината на патарината ќе се определува според единечната цена по километар за различни групи возила што ја одредуваат секој управител и концесионер. Дополнително ќе се воведат и неколку ценовни категории – летна сезона, викенд-возење, поголем сообраќаен метеж.
Во подоцнежна фаза од проектот се планира уривање на постојните наплатни пунктови.

Ангел Митревски, наш дописник од Хрватска