Поминав една година интервјуирајќи лекари, родители и деца што поминале низ слични искуства, за да ја напишам „Капчо и китот“
Катерина Бабкина, украинска писателка
„Од каде дојде?“, прашав, отворајќи го прозорецот и шепкајќи за да не ме слушне мама.
„Не знам“, шепна китот. „Веројатно ти ме измисли.“
„Нема шанси!“, реков.
„Се колнам!“, рече китот. И по неколку мига тишина: „Многу сум гладен!“
Ова е само мал извадок од „Капчо и китот“, книга за деца и возрасни на Катерина Бабкина, една од најуспешните современи украински писателки.
Книгата е во издание на „Артконект“, а на македонски ја преведе Калина Малеска. Промоцијата се одржа вчера, со гостување на писателката Бабкина.
Книгата е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ и од Министерството за култура.
Како се создаде „Капчо и китот“? Која Ви беше иницијалната мисла да ја спакувате оваа приказна и да им ја подарите на децата, но и на возрасните?
– Во 2014 година волонтирав за „Таблеточки“ – сега една од најголемите украински добротворни фондации, која помага во борбата против педијатрискиот рак, а потоа и во мал хуманитарен проект што го водеше еден мој пријател. Посетував болници и видов многу животни ситуации во кои се ставени семејствата со болни деца. Во украинското општество постоеја многу табуа и предрасуди за ракот, што не беше корисно ниту кога станува збор за дијагностиката и соодветните лекови, ниту за собирањето средства и лобирањето промени во медицинскиот систем. Стапката на преживеани деца беше застрашувачки помала отколку во ЕУ или во САД и Канада. Сакав луѓето, барем од следната генерација, да знаат и да разберат повеќе, а не да се плашат од болните деца и нивните семејства што во животот се соочиле со рак. Поминав една година интервјуирајќи лекари, родители и деца што поминале низ слични искуства за да напишам за тоа.
Која е симболиката на китот во книгата? Како избравте токму тој да биде весникот на тажната судбина на Капчо?
– Китот е огромен и секогаш знаете дека е огромен, но не можете да сфатите колку е огромен додека не наидете на таков.
Колку е важна фантазијата за децата, со оглед на тоа што Капчо ја има во изобилство и благодарение на неа лета во еден свет целосно различен од оној во кој живее?
– Клучна. Во вашата имагинација можете да најдете инспирација, поддршка, рамнотежа, знаење и сочувство за себеси, кога некои од овие нешта недостасуваат во реалноста или кога реалноста е премногу тешка за да можете да се справите со неа.
Во книгата, Капчо прави список од многу тажни нешта. Колку е тешко да се пополни списокот на тажни нешта кога си во кожата на Капчо?
– Никогаш не сум била во кожата на Капчо, така што навистина не знам. За мене во последните две и пол години, дневниот список на многу тажни работи секогаш започнува со истото: војната во Украина. За мене тоа е најтажното и најнеправедното нешто во светот.
Во Вашата приказна, за наратор го избравте детето. Лесно ли беше да се влезе во светогледот на децата, да се види како се перципира мајката, колку се почитуваат бабата и нејзините зборови, дела, деликатниот однос на таткото и мајката…
– Па, тоа е вештерство на авторот, нели?
Како што сфатив, крајот е тажен, ги соочува децата со раната смрт, со некои вистини и реалности од кои не се бега… Колку е важно смртта како тема да им се доближи на децата, но и тешката реалност на одредени семејства?
– Крајот не е тажен. Видете, симболичното клише ве измамило. Кога децата ја читаат оваа книга, најчесто знаат дека Капчо оздравел бидејќи таму црно на бело пишува дека сфатил дека сосема оздравел. Но возрасните го гледаат момчето како лета кон небото на огромната риба и мислат дека тоа е тажен крај. Сепак, и покрај тоа што Капчо во книгата не умре, мислам дека е многу важно да се разговара со децата за смртта, насилството, опасноста и за болката. Не можете да ги заштитите од тие работи со тоа што ќе молчите за нив, но можете да им помогнете да развијат издржливост и да станат похрабри, пољубезни и повнимателни.
Која е пораката што суптилно ја праќате преку дијалозите меѓу „Капчо и китот“?
– Јас сум тука, јас сум со тебе, не си сам и има многу забавни работи и работи што предизвикуваат љубопитност, што може да се најдат во секоја ситуација. Ти си жив и присутен и животот има нешто убаво за тебе, без разлика во колку зезната состојба си.