Дека Михаил е многу талентиран и надежен кошаркар зборува и податокот дека тој освен во категоријата М14 за својот клуб Куманово, паралелно настапува и за повозрасната младинска екипа М16. Неодамна на фајналфор-турнирот за кошаркари М14 во Куманово, на натпреварот од полуфиналето, против екипата на КК Вардар од Скопје, од вкупно 91 кош на екипата на КК Куманово, тој самиот постигна, верувале или не, точно 62 коша!
Четиринаесетгодишник од Куманово е голема кошаркарска надеж
Михаил Ангеловски има 14 години и учи во осмо одделение во ООУ „Kрсте Mисирков“ во Куманово. Некои предмети ги сака повеќе, некои помалку, сака да другарува со врсниците, да му се радува на секој нов ден… Но она по што се издвојува се неговиот талент и голема љубов кон кошарката. Сѐ повеќе ги изненадува своите тренери, публиката и сѐ повеќебројните поддржувачи, бидејќи дава кошеви како од шега.
Првпат почнал да игра кошарка на шестгодишна возраст, и тоа во екипата на КК Куманово, а прв тренер со кого работел четири години му бил поранешниот кумановски кошаркар и наставник по физичка култура и спорт Милош Нинковиќ. Од него најмногу научил, а пред сѐ основата или, како што велат, „кошаркарската азбука“.
Ова талентирано момче до денес му остана верно на својот кошаркарски клуб Куманово, каде што настапува во последните осум години и каде што тренери му биле и Кристијан Маневиќ-Кико и Дарко Петковски-Спејко. Сега за неговиот напредок се грижи тренерот Мартин Атанасовски, кој наедно е и координатор за младинските екипи во КК Куманово. Во моментов е прв помошен тренер на сениорската екипа на клубот, која ја води еден од најдобрите македонски кошаркарски стручњаци, Марин Докузовски.
Меѓународно искуство
Иако Михаил сѐ уште е многу млад, тој има и кратко меѓународно искуство. Бил дел од кошаркарски камп во Копаоник, Србија, три години по ред: во 2018, 2019 и 2020 година, учествувал и на меморијалниот турнир „Рајко Жижиќ“ во мини-баскет во српската престолнина Белград, а минатата година бил на меѓународен турнир во Словенија. Прв кошаркарски камп на кој настапил Михаил кога имал само седум години е во Охрид, во 2017 година, кој го организирал охридскиот кошаркарски клуб МВП.
Дека Михаил е многу талентиран и надежен кошаркар зборува и податокот дека тој освен во категоријата М14 за својот клуб Куманово, паралелно настапува и за повозрасната младинска екипа М16. Неодамна на фајналфор-турнирот за кошаркари М14 во Куманово на натпреварот од полуфиналето против екипата на КК Вардар од Скопје од вкупно 91 кош на екипата на КК Куманово, тој самиот постигна, верувале или не, точно 62 коша! Овој резултат за неговата возраст навистина е фантастичен. Несомнено, тој има дарба и таа треба да расте и да се манифестира во иднина на домашните кошаркарски терени, а зошто да не и во странство.
Подобар и од повозрасните
Освен тоа, младиот кошаркар пред неколку недели настапи на игралиштето на кумановската „Соколана“, каде што се одржа кошаркарски турнир во мини-баскет 3 на 3. Таму се одржа и натпревар во уфрлување тројки, за кој немаше старосна граница за учесниците, а можеше да учествува секој што ќе уплати котизација од 500 денари. Наградата за победникот беше во износ од 100 евра. Михаил тој ден немал толку пари, па учеството му го платиле неговите другари. Така, на турнирот, на кој учествувале и играчи на возраст од 16, 18 и 20 години, во финалето успеал да победи со резултат од 16 постигнати тројки од вкупно 25 обиди (16/25). Бидејќи има само 14 години, ова е резултат за почит, дури и на државно ниво. Со победата ја освоил и паричната награда од 100 евра, па не само што на другарите им ги вратил парите туку и ги почестил. Како сведоштво за вистинитоста на овој настан постои и видеозапис што се шири со голема брзина на социјалните мрежи.
Михаил е голем кошаркарски талент и храбро граби напред откривајќи ги тајните на овој спорт. Му посакуваме успешна кошаркарска кариера, а на тој пат за него да се грижат најдобрите македонски, па и странски тренери.
Автор: Трајан Димитриевски