Едно од најнерешливите прашања во израелско-палестинскиот конфликт – Ерусалим / Фото: ЕПА

Прашањето како да се реши израелско-палестинскиот конфликт е клучно геополитичко прашање уште од 1948 година и создавањето на државата Израел, што беше настан што резултира со голем број последователни конфликти меѓу Израелците и Палестинците. Одлуката на Обединетите нации во 1947 година да го подели поранешниот британски колонијален посед на Палестина на арапска (палестинска) и израелска (еврејска) држава темелно го потресе текот на историјата на Блискиот Исток и пошироко. Светата земја со главниот град Ерусалим е местото каде што се родени трите најголеми светски религии, јудаизмот, христијанството и исламот. Наместо да стане место на мир, толеранција и соживот на различните религии во 20 и 21 век, светата земја се претвори во сцена на крвави престрелки, на кои сме сведоци и деновиве во последната рунда израелско-палестински конфликти, кои се закануваат со војна од големи размери, се вели меѓу другото во опширната анализа на порталот „Геополитика њуз“

Ерусалим – најнерешливото прашање во израелско-палестинскиот конфликт (2)

Статусот на Ерусалим е опишан како „едно од најнерешливите прашања во израелско-палестинскиот конфликт“. Источен Ерусалим го вклучува стариот град Ерусалим, кој содржи многу места од најголемо религиозно значење за трите главни аврамски религии, јудаизмот, христијанството и исламот. Ридот на храмот е важен за Евреите бидејќи таму се наоѓале првиот и вториот ерусалимски храм. Западниот ѕид (Ѕид на плачот) стои како остаток од вториот храм.
За муслиманите, Ерусалим е трет најсвет град во исламот по Мека и Медина, а според исламското верување, токму на планината на храмот Мухамед се вознесе на небото. Од 7 век, џамиите „Купола на карпата“ и „Ал акса“ се наоѓаат на врвот на ридот на храмот. За христијаните, Ерусалим е местото каде што бил распнат Исус и таму се наоѓа базиликата на Светиот гроб, која ги содржи двете најсвети места во христијанството: местото на распнувањето и празниот гроб на Исус.
Источен Ерусалим, кој е со арапско мнозинство, беше заземен од израелската армија во Шестдневната војна во 1967 година и оттогаш е под целосна израелска контрола и не спаѓа под зоната А, Б или Ц. Кнесетот го усвои Законот за Ерусалим во 1980 година, кој го дефинира Ерусалим како главен град на Израел, и тоа целиот град. Палестинците и многумина во меѓународната заедница сметаат дека Источен Ерусалим е идниот главен град на државата Палестина.
Сегашното население на Источен Ерусалим е околу 580 илјади, од кои 61 отсто се Арапи, а 39 отсто се Евреи. Источен Ерусалим сочинува околу 60 отсто од населението на Ерусалим. Од 1967 година, израелските власти дозволија слободен пристап на сите верници и се согласија да им дадат на муслиманите и христијаните управување со нивните свети места. Меѓутоа Израел го ограничува пристапот до џамиите кога властите сметаат дека јавната безбедност е загрозена.

Фото: ЕПА

Појасот Газа

Појасот Газа е палестинска територија лоцирана на Средоземно Море, целосно отсечена од Западниот Брег со израелска територија. Според Договорот од Осло, палестинската управа управуваше со цивилните работи, додека Израел ја задржа воената контрола.
Во 2005 година, Израел еднострано се повлече од Појасот Газа и оттогаш палестинската управа целосно ја администрира територијата долга 41 километар и широка од шест до 12 километри. Околу два милиона Палестинци живеат на 365 квадратни километри, што е една од најгусто населените области во светот. Кога радикалната исламистичка организација Хамас освои мнозинство на палестинските парламентарни избори во 2006 година, ривалската умерена палестинска партија Фатах одби да се приклучи на предложената коалиција. Иако со посредство на Саудиска Арабија беше постигнат краткотраен договор за влада на национално единство, тој не успеа и од 2007 година Хамас самостојно владее со Појасот Газа.
Газа хронично страда од недостиг од вода, храна, струја, пристап до телекомуникациски услуги и лекови, чија испорака зависи од израелската соработка. Израел ги контролира воздушниот и морскиот пристап до Појасот Газа, како и шест од седумте гранични премини. Поради сето ова, многумина сè уште ја сметаат територијата под индиректна израелска контрола.

(продолжува)