Постојаната инфлација и високите каматни стапки се очекува во повеќето економии да го ограничат закрепнувањето на побарувачката за челик во 2023 година, и покрај позитивните фактори како повторното отворање на кинеската економија, европската отпорност на енергетската криза и намалувањето на тесните грла во синџирот на снабдување, посочуваат во македонската компанија
Глобалните влијанија врз челичната индустрија
Неповолните влијанија врз челичната индустрија, кои произлегуваат од глобалното економско забавување и кои ја карактеризираа 2022 година, како што се високата инфлација, нарушувањето на синџирот на снабдување, влијанието на војната меѓу Русија и Украина на глобалниот пазар на челик сѐ уште не се надминати. На почетокот на оваа година продолжува да се рефлектира влијанието како на глобалната трговија со челик така и на нарушувањето на пазарите на суровини, се наведува во образложение за остварените резултати на „Макстил“ АД Скопје за периодот јануари – март 2023 година, кое е доставено до Македонската берза. Во првите три месеци од годинава, профитот изнесува 965 илјади евра. Во првиот квартал од минатата година, „Макстил“ имал профит од дури 3,8 милиони евра.
Постојаната инфлација и високите каматни стапки се очекува во повеќето економии да го ограничат закрепнувањето на побарувачката за челик во 2023 година, и покрај позитивните фактори како повторното отворање на кинеската економија, европската отпорност на енергетската криза и намалувањето на тесните грла во синџирот на снабдување, посочуваат во македонската компанија. „Макстил“ постојано врши приспособување на пазарните услови и благодарение на добрата организација на сите деловни функции успева правилно да ја ползува својата позиција на регионалните пазари.
„Макстил“, во периодот јануари – март 2023 година, оствари позитивни финансиски резултати, искажани во неревидираните единечни финансиски извештаи. Оствареното производство на дебели лимови во првото тримесечје на 2023 година во производниот погон Валавница изнесува 80.754 тона, што споредено со 79.817 тона во истиот период на 2022 претставува зголемување од 1,2 отсто, додека во однос на поставениот производен план за првото тримесечје од годинава (76.440 т) претставува зголемување од 5,6 отсто. Оствареното производство на сопствен челичен полуфабрикат, челичански слабови во извештајниот период е 56.046 т, што споредено со 51.269 т во 2022 година претставува зголемување од 9,3 отсто, во однос на планираното производство за првиот квартал (25.000 т) зголемувањето е повеќе од двојно. Реализацијата на топловаланите дебели лимови во количински показатели за првите три месеци од годинава изнесува 91.634 т, што споредено со 80.610 т во првиот квартал од минатата година претставува зголемување од 13,7 отсто.
Во овој период се остварени приходи од работењето во износ од 2,52 милијарди денари, од кои приходите од продажба како носечка ставка во структурата на вкупните приходи учествуваат со 99,6 отсто. Споредено со истиот период од 2022 година, остварените приходи од работењето (2,60 милијарди) се пониски за 3,4 отсто. Во првите три месеци од работењето, остварените расходи изнесуваа 2,32 милијарди денари, од кои трошоците за производство се носечка ставка и во структурата на вкупните расходи учествуваат со 76 отсто. Споредено со истиот период во 2022 година, остварените расходи од работењето (2,22 милијарди денари) се пониски за 4,2 отсто.
Добивката пред оданочување во извештајниот период е 67 милиони денари и е речиси четирикратно пониска од остварената во првиот квартал од 2022 година, додека нето-добивката изнесува 59 милиони денари, четирикратно пониска од остварената за истиот период во минатата година. Намалувањето на добивката главно се должи на пониските продажни цени на готовиот производ. Дополнително, трошоците за производство сѐ уште не бележат пад како што се очекуваше и се релативно високи во однос на берзанските движења на енергенсите и металите, соопштуваат од „Макстил“.
Во овој период компанијата нема извршена исплата на дивиденди по акција поради пренесени загуби од претходниот период. Сметководствените политики и методи на вреднување на позициите во финансиските извештаи на „Макстил“, во првиот квартал од 2023 година не се променети.
Во текот на првите три месеци од 2023 година нема активирани инвестициони вложувања.
Очекувањата на компанијата се дека во периодот од април до септември ќе следува поизбалансирано движење на продажните цени и трошоците за производство односно нема да има дополнително значајно намалување на продажните цени во споредба со намалувањето на трошоците за производство. За наредниот период се очекува благ пораст на побарувачката на челик придружена со забавување на инфлацијата, намалување на кредитниот притисок од страна на банките, како и закрепнување на потрошувачката. На најголемиот пазар, Европската Унија, и понатаму се очекува да продолжи да се чувствува влијанието на војната, додека во Турција се очекува зголемување на побарувачката за челични производи, поттикната пред сѐ од потребата за обнова на областите со висок ризик од земјотреси. М.Ј.