Фото: Маја Јаневска-Илиева

Непосредно пред самиот почеток на пописот на населението во Албанија, како и во текот на самото попишување, беа повеќе од очигледни активното замешателство и влијание на официјална Софија – директно преку бугарските државни институции или индиректно преку одделни невладини бугарски здруженија и фондации! Според нашите соговорници, кои се добро запознаени со овој проблем, аферата со продавањето потврди за добивање бугарски пасоши, преку бугарското здружение „Голо Брдо“, дојде до полн израз со катастрофални последици за македонското национално ткиво, токму со резултатите од овој попис. Аферата „Голо Брдо“ беше обелоденета и во албанскиот медиумски простор и кај нас, при што со факти и очигледни примери, флагрантно беа потврдени сите укажувања на претставниците на македонското малцинство во Албанија дека на вештачки начин се создава и прикажува постоењето на бугарско малцинство во таа држава

Аферата „Голо Брдо“ се продлабочи и отвори ново поглавје за загриженост на матичната македонска држава

Припадниците на македонскиот народ што живеат во Република Албанија јасно и недвосмислено ги отфрлија со индигнација прелиминарните пописни резултати кај нашиот западен сосед. Нашите соговорници велат дека оваа реакција на Македонците била очекувана доколку се земат предвид сите контроверзии во кои мина споменатиот попис на населението во Албанија. Повеќе македонски здруженија и организации, вклучувајќи ја и партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), уште во текот на пописот посочија повеќе нерегуларности што беа детектирани, истовремено албанските институции беа предупредени и за директното мешање на Република Бугарија во внатрешните работи на Албанија. Непосредно пред самиот почеток на пописот на населението во Албанија, како и во текот на самото попишување, беа повеќе од очигледни активното замешателство и влијание на официјална Софија – директно преку бугарските државни институции или индиректно преку одделни невладини бугарски здруженија и фондации! Според нашите соговорници, кои се добро запознаени со овој проблем, аферата со продавањето потврди за добивање бугарски пасоши, преку бугарското здружение „Голо Брдо“, дојде до полн израз со катастрофални последици за македонското национално ткиво, токму со резултатите од овој попис. Аферата „Голо Брдо“ беше обелоденета и во албанскиот медиумски простор и кај нас, при што со факти и очигледни примери, флагрантно беа потврдени сите укажувања на претставниците на македонското малцинство во Албанија дека на вештачки начин се создава и прикажува постоењето на бугарско малцинство во оваа држава. Според одредени информации, биле издадени неколку илјади потврди за бугарски пасош, а на купувачите им било сугерирано на пописот во Република Албанија да се изјаснат како Бугари. Според нашите соговорници, доколку се земат предвид сите контроверзии, како и директното вмешување на Софија во внатрешните работи на Република Албанија, оспорувањето на пописните резултати кај нашиот западен сосед беше очекувано и оправдано.

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ): Манипулации и фалсификати

Со свој став излезе и партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) како единствена партија што ги застапува интересите на македонската заедница во Албанија, изразувајќи огорченост и непризнавање на објавените резултати од пописот во 2023 година, со акцент дека бројките на припадниците на македонскиот народ во Република Албанија се изманипулирани и фалсификувани.
– Фактот дека Бугарија го контролира пописот во Албанија е што во Бугарија за време на пописниот период во Албанија на социјалните мрежи беа објавувани фотографии од обрасците како се изјаснувале жителите во Албанија. Овие податоци се заштитени со закон, но Бугарија имала пристап. Членството на Албанија во Европската Унија е стратегиска одлука на нашата земја, како и барање на албанските граѓани, без разлика на етничката припадност. Македонската заедница во Република Албанија не може да биде колатерална штета на патот на Албанија кон европското членство – рече Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Васил Стерјовски исто така нагласи дека бараат спроведување нов попис, заснован на меѓународни стандарди и под меѓународен мониторинг, за да се гарантира чесен и транспарентен процес, кој ќе ја одразува етничката реалност на Албанија. До Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција ќе доставиме барање да поведе истрага не само за ИНСТАТ туку и за сите индиции околу пописот, рече претседател на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

Друштво „Преспа“: Бараме ЕУ да преземе мерки против Софија

Контроверзиите што го следеа целиот пописен процес беа посочени и од друштвото „Преспа“, организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија. Споменатото друштво објавената бројка од 7.957 Бугари во Албанија ја смета за груб пописен фалсификат, затоа што, како што наведуваат, во Република Албанија немало етнички Бугари ниту во еден попис од 1912 до 2023 година.
– Бараме Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија, која врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради сиромаштијата во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се Бугари по потекло – реагираат од друштвото „Преспа“.
Друштвото „Преспа“ исто така упати протест до претседателот, Собранието и Владата на Република Албанија, зашто, според нив, подлегнале на бугарски закани за пристапување на Албанија во Европската Унија, доколку, како што велат, Тирана не впише „Бугари“ во Законот за национални малцинства.


Македонското министерство за надворешни работи: Пописот во Албанија – со нерегуларности!

Со своја реакција за пописот во Република Албанија излезе и македонското министерство за надворешни работи и со сериозна загриженост ги нотира објавените прелиминарни резултати од пописот. Техничките нерегуларности во начинот на неговата реализација, на кои континуирано укажуваа македонските здруженија во Република Албанија во пресрет на пописот, но и во текот на неговата реализација, резултираа со објава на прелиминарни податоци што, за жал, не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата. Дополнително, МНР изрази незадоволство и остро реагира на употребата на терминот „северномакедонци“ и употребата на името на земјата како супститут за етничка заедница.
Од МНР исто така информираа дека ќе го повикаат амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес, разгледување на можностите за соодветна корекција на направените пропусти и наоѓање најадекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија. Од Министерството за надворешни работи исто така најавија дека во претстојниот период интензивно ќе соработуваат со надлежните претставници на властите во Република Албанија и со претставниците на Македонската заедница во Република Албанија, во насока на нивна културна и социјална промоција во рамките на албанското општество, што, за жал, и повеќе од очигледно било целосно запоставено од страна на претходната политичка гарнитура во нашата држава.


Македонците во Албанија станаа „северномакедонци“!?

Според резултатите од пописот што беа објави од албанскиот институт за статистика ИНСТАТ, во Република Албанија живеат 2.281 Македонец. Но во графата ја пишува припадноста за сите етнички заедници, освен за припадниците на македонскиот народ, каде што наместо Македонци, пишува северномакедонци. Податоците посочуваат дека од вкупната бројка Македонци, 1.136 се од машки, додека, пак, 1.145 се од женски пол. Според резултатите од пописот, 7.957 лица се попишани како Бугари. Првпат се случува на попис во Албанија да се попишат лица од оваа националност. Во сите досегашни 11 спроведени пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин. Од вкупно попишаните 2.402.113 жители, 2.186.917 се Албанци, 23.485 Грци, 12.375 Египќани, 9.813 Роми, 2.963 Бошњаци, 2.459 Власи, 584 Срби, а 511 Црногорци. Преостанатите се од друга етничка група или одбиле да се изјаснат.


По инстантната и решителна протестна нота на македонското МНР

Албанскиот институт за статистика ја отстрани деноминаторската претставка пред именката Македонци

Албанскиот институт за статистика вчера се коригираше и, наместо северномакедонци, како што беа запишани во пописните резултати, сега пишува Македонци за сите оние албански државјани што се изјасниле како Македонци. Промената доаѓа по експресната и решителна реакција на македонското министерство за надворешни работи (МНР) и средбата на министерот Тимчо Муцунски со неговиот албански колега Игли Хасани на форумот во Дубровник.
– Заедно со претседателот на Владата, Мицкоски, ја следевме ситуацијата. Во неколку наврата имавме комуникација и со службите во Министерството за надворешни работи. Утврдивме некои прашања за кои како држава имаме сериозна грижа, тие денеска и јавно беа воочени во објава што ја имаше од страна на МНР. Тука е и колегата Игли Хасани, албанскиот министер за надворешни работи. Стапив во контакт со него. Тој потоа стапи во контакт веројатно со соодветните служби во соседна Албанија. Информираше дека по однос на тоа прашање се работело за техничка грешка. Искрено ќе кажам дека сум му благодарен за брзата интервенција – рече македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски. Д.Ст.