По завршувањето на новата рунда парламентарни избори кај источниот сосед, секако дека е логично да се постави прашањето – каков ефект би имале резултатите од парламентарните избори во Бугарија за евентуално надминување на уценувачката состојба од досегашниот државно-политички врв на Софија, која како услов се вметна во македонските евроинтеграции?
Уште едни вонредни избори во Бугарија поминаа, дали и како резултатите ќе влијаат на бугарско-македонските билатерални односи?
Во истиот ден, 9 јуни, кога граѓаните од земјите членки на Европската Унија гласаа за нов состав на Европскиот парламент, во Бугарија паралелно се одржаа шестите парламентарни избори во изминатите три години. Тоа што пет од шесте изборни парламентарни циклуси во Бугарија беа вонредни, доволно сугестивно говори за континуираната политичка криза кај источниот сосед на Македонија.
И според првичните резултати од парламентарните избори во Бугарија, се чини дека повторно никој од политичките чинители таму не освои доволно гласови за самостојно да формира влада, но нема ниту некаков реален оптимизам за стабилна коалициска влада.
При состојба од обработени 63,28 отсто од гласовите, евидентно беше водството на ГЕРБ, партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов, со резултат од 22,94 отсто. По нив, според освоените гласови беа: ПП-ДБ -15,28 отсто,
Преродба со 14,56 отсто, ДПС – 12,71 отсто, БСП за Бугарија – 6,95 отсто, ИТН – 6,41 отсто и Величие со 4,35 отсто. Тоа практично значи дека во 50-то бугарско собрание со 240 пратеници влегуваат седум партии.
Изборите во Бугарија без голем интерес во Македонија
Нескриените тенденции на официјална Софија (во изминативе пет, а особено во последните две години) за провоцирачка тензија во македонско-бугарските билатерални односи би требало да наведе на претпоставка некаков напрегнат интерес за изборите во Бугарија. Како една од формите на притисок што го спроведува Бугарија за да создаде перцепција во ЕУ за постоење некакво бугарско малцинство во Македонија, е и манифестација на интерес за гласање на нивните избори на македонски граѓани што се изјаснуваат како Бугари. Овој пат, пред спроведувањето на гласање во Македонија за бугарските избори беа пријавени 120 лица што се изјасниле како Бугари, но беше оставен простор дека овој број може да биде поголем, бидејќи во избирачките места можеше да се гласа и без претходна пријава. Забележано е дека на минатите избори гласале 461 лице, што исто така е многу помалку и од бројката на 3.504 пријавени Бугари во Македонија на последниот попис.
Во секој случај, фактот дека во предлог-преговарачката рамка на ЕУ за Македонија (позната како „француски предлог“) е поставен условот за почеток на преговорите по менување на македонскиот устав и внесување во него на Бугарите како малцинство, треба да е главната причина за евентуалниот интерес во македонската јавност за исходот на парламентарните избори во Бугарија. Со оглед дека условувањето со (нереципрочни) уставни измени за македонските евроинтеграции е жешка тема во македонскиот политички амбиент, која доминантно влијаеше и на резултатите на парламентарните и претседателските избори во Македонија, одржани минатиот месец, секако дека е логично да се постави прашањето – каков ефект би имале резултатите од парламентарните избори во Бугарија за евентуално надминување на уценувачката состојба во која се наоѓаат македонските евроинтеграции?
Ристо Никовски – македонската странаго има решението за уценетите евроинтеграции
Поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски смета дека резултатите од изборите во Бугарија нема да променат нешто во уценувачкиот однос на нејзината политика спрема Македонија, но тоа значи дека сепак „топката е во нашиот двор“, односно ние сме тие што треба да го бараме решението.
– Изборите во Бугарија завршија, но ништо ново не донесоа. Очигледно тешкотиите за составување влада таму, повторно ќе бидат на маса. Но да не се залажуваме – кој и да дојде на власт во Бугарија, нема теоретски шанси да се менува односот спрема Македонија. Тоа е нивна вековна политика, која продолжува. Тоа значи дека топката е во нашиот двор и ние сме тие што треба да бараат решение. Во јавноста има мислење дека треба да се оди на промена на Договорот за (не)пријателство. Тоа се погрешни ставови, бидејќи самиот договор не е пречка за нашите евроинтеграции. Навистина, во него има одредени наши глупости, кои можат да се надминат. Пред сѐ, тоа е формулацијата „јазикот според Уставот“, што може да се надмине. Вториот предизвик е постоењето на историската комисија, која може да се стави во долгорочно мирување, како што впрочем е во моментов. Најголемиот проблем е вториот протокол, кој е пет пати полош од самиот договор, а не е ниту ратификуван, ниту потврден на каков било начин. Со негово повлекување или откажување паѓаат во вода и преговарачката рамка и ултиматумите и уцените да се менува Уставот. Со тоа ни се отвора можноста за нормален пат кон Брисел – вели дипломатот Ристо Никовски.