Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најголемиот импулс го даде победничката генерација на Кометал ЃП. Сите години потоа, тоа шампионско злато беше значајно за сите успеси, односно тоа беше искрата што го запали ракометниот оган во Македонија, вели Новеска

ДАНИЕЛА НОВЕСКА, ПОРАНЕШНА РАКОМЕТАРКА, КОЈА БЕШЕ ДЕЛ ОД ЕП 2008 ВО МАКЕДОНИЈА

Десниот бек Даниела Новеска е поранешна истакната македонска ракометарка, која настапуваше во дресот на македонската репрезентација, но и во повеќе клубови, Партизан Кичево, европски првак Кометал ЃП, Еуростандард ЃП, Твин Вировитица, ЖРК Бломберг Липе, Турингер Ерфурт, Металург…, а ги бранеше и репрезентативните бои на Европското првенство (ЕП) во Македонија во 2008 година, кога Македонија го освои седмото место. Во пресрет на ЕП 2022, кое почнува на 4 ноември, а ќе се игра во Македонија, Црна Гора и во Словенија, каде што ќе биде и завршниот дел, за некогашните впечатоци од ЕП 2008, сегашните очекувања, квалитетот на денешниот ракомет и ракометарки, тактичката игра…, поразговаравме со Новеска, која со својата игра остави траен печат во македонскиот ракомет.
Каков ракомет се играше тогаш, пред 10 години, а каков ракомет се игра денес?
– Македонскиот генетски потенцијал во ракометот е докажан со години, а најголемиот импулс за тоа го даде победничката генерација на Кометал ЃП. Сите години потоа, тоа шампионско злато беше значајно за сите успеси, односно тоа беше искрата што го запали ракометниот оган во Македонија. Пред повеќе од десет години имавме ракомет што беше значително поквалитетен за тоа време, во согласност со условите што тогаш ни се нудеа кај нас, и поради тоа имаше поширок избор на ракометарки што можеа да ги задоволат репрезентативните критериуми на селекторот, па така можевме да се надеваме на подобри пласмани во највисоките категории. Последната деценија спортот во Европа и пошироко, мултидисцилпинарно се развива и сите силни репрезентации ги применуваат можностите за брз прогрес, како од техничко-тактички стратегии, така и од основна физичка подготвеност, па до адекватна исхрана и психолошки баланс кај спортистите. За сето тоа време кај нас на државна основа се спроведуваа ситни политики, како на пример доделување ваучери, кои требаше да послужат како стимул за прогрес, а за жал создаде сосема спротивен ефект, создадовме квантитет, а многу малку квалитет. Па, по примерот на новиот проект на машката репрезентација, која неодамна почна со Кирил Лазаров и дејствува многу сериозно и моќно, денес е крајно време да се преземат сите можни мерки за нови проекти и програми и во женскиот ракомет.

Која линија од репрезентацијата беше најквалитетна во македонската репрезентација што настапи во 2008 година, на што се темелеа најмногу победите, а на кој дел од играта, пак, сегашнава млада генерација на Македонија треба особено да обрне внимание на ЕП 2022?
– Во составот на репрезентацијата во 2008 година како поискусен надворешен играч беше Олга Бујанова, заедно со Наталија Тодоровска, како крило, а наедно и капитенка на тој состав. Тие заедно дојдоа во Кометал ЃП една сезона пред освојувањето на шампионската титула и уште многу години потоа придонесуваа за македонскиот ракомет. Андреева, Пецевска, Црвенкоска, Мечевска, Коцевска, Илкова, Треноска, Бајрамовска, Ѓорѓиевска, јас, како и Портјанко, која, за жал, веќе не е меѓу нас, имавме основна задача да одиграме цврста одбрана, која беше клучот за добар и посигурен напад. Всушност, тоа е и основа на секој сериозен тактички пристап и она што бара исклучителна физичка подготвеност. Овие девојки мора прво да постават сигурна одбранбена формација, па потоа сѐ друго понатаму, полуконтра, контра, па до одговорно одработен напад.
Какви се шансите на Македонија на ова ЕП, може ли да го помине првиот круг во својата група или, пак, можеби да оствари подобар резултат од седмото место?
– Македонија во сите спортови победувала кога најмалку се очекувало. Знам дека ни е потребна барем една победа за пласман во следната фаза. Секако дека постои шанса за тоа, макар и најмала, но мора да веруваме во овој тим, бидејќи тоа е најдоброто во овој момент. Несомнено е дека сите наши противници од групата се големи ракометни сили и имаат големи шанси да се најдат меѓу првите пет, дури и да играат за медал, вклучувајќи ја Норвешка, како и домаќинот Словенија. Реално, имаме сериозно тешка група, но девојките сигурно треба да веруваат дека можат и дека знаат подобро и, секако, да останат достоинствени и во победите и во поразите. Сето ова за нив, покрај сѐ друго, ќе значи едно големо искуство и за следните значајни натпреварувања.
Конкуренти на Македонија во групата Ц се Франција (во 2008 година беше 16-та), Холандија (не настапи) и Романија (петта), кој е најголем фаворит за златниот медал на ЕП?
– Сите наши конкуренти имаат голем подем последниве години и лесно може да се најдат во финалната фаза, но како фаворит ги издвојувам Норвешка, Данска, Словенија.
Кој момент од ЕП 2008 година ви остана во најголемо сеќавање?
– Атмосферата на преполната сала и еуфоријата што му претходеше на секој ракометен натпревар во тоа време, а особено кога настапуваше македонската репрезентација, како и победата над Белорусија, која беше клучна за освоениот пласман.
Според вас, која ракометарка во моментов е број еден во светот?
– Има повеќе ракометарки што може да бидат број еден, но ќе ги спомнам Норвежанката Нора Морк, Словенката Ана Грос, Романката Кристина Неагу.

[email protected]