Фото: „Нова Македонија“

Ќе дадеме максимум и тоа е најважно за нас. Естонците и Чесите ги променија составите, но и ние сме подмладени, така што ќе играме барем за една победа. Овој турнир ќе биде на наш терен и се надевам дека со помош на струмичката публика ќе успееме да направиме добар резултат во двата натпревара. Многу ќе ни значи навивачите да ја наполнат салата и да бидат наш седми играч, вели селекторот Хари Наковски, пред дуелите со Естонија вечерва и со Чешка в недела

ОДБОЈКА

Македонската одбојкарска репрезентација денеска со мечот со Естонија во Струмица (од 20.15 часот, сала „Парк“) ги почнува натпреварите во новата сезона на Европската златна лига. Македонија во групната фаза ќе игра турнирски, прво во Струмица, а потоа во Беверен (Белгија) и во Осиек (Хрватска). Утре на програмата е дуелот Чешка – Естонија, а в недела и средбата Македонија – Чешка, двата од 20.15 часот. Билетите за средбите на Македонија чинат 100 денари, утре влезот е слободен, а преносите ќе се емитуваат на МТВ 1, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
По турнирот во Струмица, репрезентацијата на Македонија, предводена од новиот селектор Хари Наковски, ќе одигра уште четири натпревари, и тоа со Азербејџан и со Белгија во Беверен (на 25 и 26 мај), а потоа со Хрватска и со Шпанија во Осиек (на 31 мај и на 1 јуни).
– Ќе дадеме максимум и тоа е најважно за нас. Естонците и Чесите ги променија составите, но и ние сме подмладени, така што ќе играме барем за една победа. Овој турнир ќе биде на наш терен и се надевам дека со помош на струмичката публика ќе успееме да направиме добар резултат во двата натпревара. Многу ќе ни значи навивачите да ја наполнат салата и да бидат наш седми играч – вели селекторот Хари Наковски.

По осминафиналето на ланското Европско првенство (ЕП), македонската репрезентација има реновиран состав. Наковски од асистент на Јошко Миленкоски го презеде кормилото на селекцијата, техничарот Филип Деспотовски ја заврши кариерата, примачот Александар Љафтов побара одмор за Европската златна лига и ќе се приклучи на подготовките за квалификациите за пласман на Европското првенство во август, па шанса ќе добијат неколкумина помлади одбојкари, дебитанти се Михајло Мирасчиев од Штип УГД и Кристијан Илиев од Струмица 47&72, Давид Стојанов ќе му биде поддршка на Ѓорѓи Ѓорѓиев на позицијата техничар, а Стојан Илиев и Лука Костиќ ќе бидат во примачкиот двоец на теренот со Владо Милев, пишува ОФМ. Промени и соодветни подмладувања ќе има и кај селекциите на Естонија и на Чешка, со која Македонија се сретна и на ЕП 2023, во Скопје.
– Според моите информации, противниците ќе имаат променет состав, но за мене ова е нова генерација и во македонската репрезентација. Затоа, ние треба да се обидеме да изградиме игра, да бидеме постојани, да изгледаме како на првата пријателска со Романија во Валчеа. Ако биде така, ќе имаме шанса пред домашната струмичка публика да се надеваме на победа или на две, но тоа не е императив – вели капитенот на Македонија, Никола Ѓоргиев, пренесе ОФМ.

Европската златна лига е значајно натпреварување, но главната цел на македонската одбојкарска репрезентација летово ќе бидат двата квалификациски натпревара за пласман на ЕП 2026, во август, на гости кај Грузија и дома со Грција, пишува ОФМ. Македонија има три настапи во низа на континенталните шампионати, во 2019, 2021 и во 2023 година.
Состав на македонската репрезентација: техничари: Ѓорѓи Ѓоргиев (Бурса, Турција), Давид Стојанов (Фужинар, Словенија). Коректори: Никола Ѓоргиев (АЦХ Љубљана, Словенија), Стојче Арсов (Работнички 71&22), Кристијан Илиев (Струмица 47&72). Примачи: Владо Милев (Струмица 47&72), Лука Костиќ (Рибница, Србија), Стојан Илиев (Анагенисис, Кипар), Тоше Ефремов (Весна Пробиштип), Ангел Бошков (Работнички 71&22). Средни блокери: Филип Маџунков (Хасроде, Белгија), Филип Савовски (Војводина, Србија), Филип Лепидовски (Таково, Србија), Михајло Мирасчиев (Штип УГД). Либера: Дарко Ангеловски (Работнички 71&22), Костадин Ричлиев (Штип УГД). Н.М.


ЕВРОПСКА ЗЛАТНА ЛИГА ТУРНИР ВО СТРУМИЦА

Македонија – Естонија 20.15 ч.
Чешка – Естонија утре, 20.15 ч.
Македонија – Чешка недела, 20.15 ч.
ТУРНИР ВО БЕВЕРЕН
Македонија – Азербејџан 25 мај, 17.30 ч.
Белгија – Македонија 26 мај, 15 ч.
ТУРНИР ВО ОСИЕК
Македонија – Хрватска 31 мај, 19 ч.
Шпанија – Македонија 1 јуни, 19 ч.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026
Грузија – Македонија 17-18 август
Македонија – Грција 25 август