Ние си ја знаеме нашата игра, па со мали промени во тактиката мислам дека ќе славиме уште во Словачка, за првото место, кое нѐ води во следните квалификации. Атмосферата во репрезентацијата е одлична, вели искусното крило Стојан Ѓуроски. Македонија и Словачка третпат играат меѓу себе во циклус за пласман на големо натпреварување, претходно за ЕП 2022 и за СП 2023 (вкупно досега има четири победи на Македонија и една на Словачка)
КОШАРКА – ДЕНЕСКА ДУЕЛ СО СЛОВАЧКА ВО ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025
Македонската кошаркарска репрезентација денеска (од 18 ч.) треба да го одигра натпреварот од петтото коло, со Словачка, во претквалификациите за пласман во квалификациите за настап на Европското првенство (ЕП) во 2025 во Летонија, Кипар, Финска и во Полска. Овие претквалификации во групата Д ќе завршат в недела, во Осло, каде што Македонија ја очекува и меч со Норвешка (од 18 ч.). Во август лани Македонија во Скопје ја победи Словачка со 79-75, а во ноември Норвешка со 58-36, во Гевгелија.
Македонските репрезентативци од вторникот се во Левице и одработија неколку тренинзи во салата (капацитет 2.000 гледачи) каде што ќе се игра дуелот со Словачка.
– Сметам дека можеме да ја исполниме мисијата. Ако не верував во тоа, немаше да бидам тука. Знаеме дека Словаците играат многу добро дома, сега се засилени со нивниот најдобар кошаркар, кој направи разлика на последните два натпревара на кои настапи. Ние си ја знаеме нашата игра, па со мали промени во тактиката мислам дека ќе славиме уште во Словачка, за првото место, кое нѐ води во следните квалификации. Атмосферата во репрезентацијата е одлична – вели искусното високо крило на македонската репрезентација, Стојан Ѓуроски, кој од оваа сезона ги брани боите на шпанскиот клуб Оуренсе.
Македонија и Словачка третпат играат меѓу себе во циклус за пласман на големо натпреварување, откако претходно играа за ЕП 2022 и за Светското првенство (СП) во 2023 година (вкупно досега има четири победи на Македонија и една на Словачка). Од ривалите во групата Д, Словачка и Норвешка не играле на ЕП, а Данска настапила на три континентални првенства од 1951 до 1955 година (14-то, 16-то и 18-то место). Македонија има пет настапи на ЕП (најдобар пласман е четвртото место на ЕП 2011).
– Дефинитивно сега ќе биде поинаков натпревар. Не знаеме со каков тим ќе дојде Македонија, а нам ќе ни недостига Марио Ихринг. Ние на секој меч одиме со интенција да го добиеме. Ќе се обидеме да ја прикажеме нашата најдобра игра. Секогаш е многу покомплицирано кога имаш кратко време за подготовки. Но треба да се подготвиме најдобро што можеме за секој противник, индивидуално да притиснеме и да одиграме најдобро што можеме – изјави за тамошните медиуми најдобриот играч на Словачка, крилото Владимир Бродзијански, кој настапува за шпански Хувентуд, но поради повреда не настапи лани во Скопје.
Победникот од секоја од трите претквалификациски групи ќе игра во квалификациите за ЕП 2025, заедно со Кипар, кој автоматски се квалификува како еден од кодомаќините на континенталниот шампионат. Преостанатите осум репрезентации ќе имаат уште една шанса за влез во квалификациите за ЕП 2025, откако заедно со четирите селекции елиминирани во првата фаза од претквалификациите ќе играат во третиот циклус претквалификации, од каде што, пак, четирите најдобри ќе играат во квалификациите, каде што вкупно треба да настапат 32 репрезентации (на ЕП 2025 треба да играат 24).
За пласман во главните евроквалификации, на црвено-жолтите ќе им биде потребна барем уште една победа од претстојните две средби. Во случај две репрезентации да имаат ист број бодови прво решава меѓусебниот резултат. Г.И.
ПРЕТХОДНИ МЕЧЕВИ
ДУЕЛ РЕЗ. КВАЛИФ.
Словачка – Македонија 66-74 ЕП 2022
Македонија – Словачка 87-74 ЕП 2022
Словачка – Македонија 47-69 СП 2023
Македонија – Словачка 72-88 СП 2023
Македонија – Словачка 79-75 ЕП 2025
ГРУПА Д
Словачка – Македонија 18 ч.
Данска – Норвешка 19 ч.
ТАБЕЛА
Македонија 4 4 0 8
Норвешка 4 2 2 6
Словачка 4 2 2 6
Данска 4 0 4 4