Фото: Маја Јаневска-Илиева

Србија, Хрватска, Албанија, Бугарија и Грција се соседните земји каде што Македонците се оставени без можност да извадат нови документи со новото име на државата. Тие се принудени да доаѓаат во Македонија и да плаќаат процедура по итна постапка или регуларно да си чекаат за да извадат документи, процедура што може да трае и подолго од еден месец

ДАЛИ ОГРАНИЧЕНИТЕ РЕСУРСИ НА МНР ИЛИ НЕШТО ДРУГО ГИ ОСТАВИЈА НАШИТЕ СОНАРОДНИЦИ ОД СОСЕДСТВОТО
БЕЗ ПОДДРШКА

Хаосот што ги зафати граѓаните поради додавањето на придавката „Северна“ во личните документи не престанува. Македонски граѓани што живеат и работат во земјите во соседството се оставени на милост и немилост и без можност да си ги заменат личните документи, бидејќи во македонските дипломатски претставништва во овие земји нема екипи што би ги фотографирале за да можат да извадат нови документи.

РЕАКЦИИ НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД СОСЕДНИТЕ ДРЖАВИ

Србија, Хрватска, Албанија, Бугарија и Грција се соседните земји каде што Македонците се оставени без можност да извадат нови документи со новото име на државата. Тие се принудени да доаѓаат во Македонија и или да плаќаат процедура по итна постапка или регуларно да си чекаат за да извадат документи, процедура што може да трае и подолго од еден месец.
Тие се гневни на ваквата состојба, велат дека се чувствуваат дискриминирано само поради тоа што живеат во близина на Македонија.
Велат дека тоа што се близу не значи дека можат кога сакаат да дојдат и да извадат документи. Дополнително, има граѓани со посериозни здравствени состојби поради кои не можат да патуваат. Па така, сега ќе останат без важечки документи и нема да можат да ги извадат.
– Јас живеам во Србија, поточно во Белград. Веќе повеќе од шест месеци чекаме да дојде екипа и да нѐ фотографира за да можеме да си извадиме документи. Од амбасадата не знаат што да кажат, креваат раменици, велат дека екипа доаѓала досега, а зошто сега нема немаат одговор – вели Македонец што живее во Белград.
Според нашите сознанија од Македонците во Србија, има лица што се со посериозна здравствена состојба и не можат да патуваат. Но, велат, проблем не е само тоа. Тие, пак, што работат во соседството немаат можност кога сакаат да патуваат во земјава за да си извадат документи.
– Ние имаме лимити, имаме одмори со ограничени денови, не можеме да патуваме кога сакаме и да седиме во Македонија колку сакаме. Оставени сме во небрано – вели Македонка што живее во Бугарија. Јас и да поднесам во Македонија, тоа е процедура што трае, а ако сакам брзо да завршам, тогаш треба да си платам добри 400 евра за да извадам пасоши за сите четири членови на семејството – вели таа.

ШТО ВЕЛАТ ОД АМБАСАДИТЕ

Новинарската екипа на „Нова Македонија“ направи кратка анализа на состојбата. Нашата новинарка се јавуваше во амбасадите и „како обичен граѓанин“ прашуваше кои се опциите за жителите што живеат во Србија, Бугарија, Хрватска, Албанија и во Грција.
Од амбасадите добивавме кратки одговори дека, за жал, нема да дојде никаква екипа што би ги фотографирала за да извадат лични документи, иако во минатото таква опција постоела за сите Македонци што живеат таму.
Од македонската амбасада во Грција, поточно во Атина, беа мошне љубезни и ни рекоа дека на секој граѓанин што има истечени документи, а за кои закажал термин во Македонија можат да му се јават и да му дадат правна помош. Дополнително оттаму нѐ информираа дури и да им го дадеме нивниот број на кој во секое време граѓаните можат да се јават и да побараат помош.
Од амбасадата во Србија изгледаа мошне разочарано и не знаеја што да ни кажат. Рекоа дека барале, но биле одбиени и оти не знаат кои се причините за тоа.
Од амбасадата во Софија, Бугарија, ни одговорија дека поради близината со Македонија можност за фотографирање во амбасадата нема да има.
И во амбасадата во Албанија исто така ни одговорија дека сите што треба да вадат нови документи, ќе треба да го сторат тоа во Македонија.

ОДГОВОРОТ ОД МНР

По неколкудневно чекање конечно добивме одговор и од Министерството за надворешни работи.
На нашето прашање зошто граѓаните се оставени на милост и немилост, без можност да извадат нови документи, оттаму кратко ни одговорија дека имале ограничени ресурси.
– Министерството за надворешни работи располага со ограничен број базни и мобилни станици преку кои се овозможува издавање патни исправи (пасоши) и распределбата на истите тие по дипломатско-конзуларни претставништва е направена врз основа на обемот на барања за конзуларни услуги од страна на наши државјани – одговорија од МНР.

ШТО ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ

За професорот по административно право Борче Давидковски, ова е изживување врз граѓаните.
Тој вели дека институциите потфрлија не само за граѓаните што живеат во земјава туку и за тие што живеат во околните земји.
– Од 2019 до 2021 вадеа документи со Република Македонија, иако требаше да издаваат со новото име на државата. Јас повторно ќе кажам, требаше јавен обвинител веднаш да поведе постапка бидејќи очигледно некој заработуваше на провизиите. Овде сѐ е во функција само на политичарите и политиката. Граѓаните се деградирани, уценети и потценети и нема начин на кој би им се помогнало. Дополнително тука е и трошокот што непотребно им се создава. Тие треба да патуваат од околните земји за да извадат документи, а тоа е процедура што трае. Сето тоа државата требаше бесплатно да го направи – вели тој.