МОЈАТА АЗБУКА: Наум Попески, писател за деца
А
Сите знаеме дека
еден и еден се два,
а во азбуката наша
првата буква е А.
А е како мал
школски автобус,
неколку ученици и возачот плус.
Б
Б е како Г
ама е за грев,
од јадење многу –
има голем мев.
Баба вози „буба“,
добра, ама стара,
денес појде на пазар,
бабури да бара.
В
Сега напиши тројка,
пред неа црта стави,
таква е буквата В
и така таа се прави.
Крај изворот во Вевчани
кога бевме ние,
видовме верверичка вода кај што пие.
Г
Г е следната буква,
таа ни дава ни зема,
слична е како Б –
но Г стомаче нема.
Со Г се пишува грозје
Горан што го голта,
има црвена боја –
а има и жолта.
Д
Д личи на капче
на главата што се става,
кога ќе дува ветер
ти чува уши и глава.
Д е и како дуња
за компот во зима,
а колку е вкусна,
знае тој што има.
Ѓ
За Ѓ што да ви кажам,
да знаат вашите глави,
секој од вас на Г
запирка нека стави.
На Ѓурѓовден Ѓурѓа
си посака, ете,
во ливада цветна,
ѓерданче да сплете.
Е
А буквата Е
се пишува лесно,
една права црта
и три други десно.
За Нова година
убавата Елена,
ќе накити сама
една елка зелена.
Ж
Ж е како жаба
од штрк кога бега,
па сака да скокне
над два речни брега.
Но, жаба е жаба,
скокот ѝ е мал,
па наместо на брегот –
скокнала во кал.
З
А буквата З
ми личи на тројка,
ама З е буква,
a тројката – бројка.
Здравко здрава храна
знае сам да делка,
а Зајко Долгоушко
многу,,делка“ зелка.
Ѕ
Еве го и Ѕ,
но нека извини,
ми личи на патче –
што фаќа кривини.
Ѕвездите на небото
што трепкаат везден,
вечерниот поглед –
ми го прават ѕвезден.
И
Две пратчиња простум
намести ги ти,
но буквата И –
се прави со три.
Мојот другар Илија
е роден на Илинден,
Втори август за него –
е празник и именден.
Ј
За буквата Ј,
јас пример ти давам,
бастунот на дедо ти –
сврти го на глава.
А со Ј и Јана,
јаготки си јаде,
но ни една јаготка –
не сака да даде.
К
Како да ви кажам
секој да ме слушне,
К е кога мама –
иде да те гушне.
Од Кратово Крсте
многу круши сака,
сам ги бере крушите –
со својата рака.
Драги деца, на страниците на „Колибри“ имаме нова рубрика, која ја насловивме „Мојата азбука“. Ентузијасти и творци, чија дејност е поврзана со децата и нивната едукација, преку својата азбука ќе ви ги откријат својот свет, желби и достигнувања.
Денеска наш гостин е Наум Попески, познат писател за деца, кој извесно време бил и уредник на додатокот за деца што во моментот го држите в рака, вашето „Колибри“, на чии страници континуирано објавуваме негови творби.
И бидејќи Наум е поет, тој приказните за буквите ги нанижа во стихови и рими.
Македонската азбука
има букви наредени во строј,
со нив пишуваме ние –
триесет и една се на број.
Сите букви големи
имаат и мали
и на тие мали
ништо не им фали.
Така со азбуката
ко по роден кат,
минуваме ние
светол, сончев пат.
Попески има и порака до најмладите, која гласи:
Македонски збор
По патеки светли
азбуката оди,
низ ливади цветни
таа нас нѐ води.
Па, затоа секаде
ко низ сончев двор,
низ светот се слуша
македонски збор.
Сите овие стихови се обединети во книшката „Низ сончевиот пат на македонската азбука“.
Наум Попески е автор на околу 20 книги за најмладите читатели, како и на првиот бонтон за деца во земјава. Застапуван во сите читанки по македонски јазик за основно образование, преведуван е на повеќе балкански јазици, застапуван во повеќе антологии на поезијата за деца, како и учесник на многу меѓународни литературни манифестации за деца во земјава и во регионот. Тој е член и на Здружението на новинарите и на Друштвото на писателите на Македонија.
За своето долгогодишно плодно поетско творештво за деца е добитник на повеќе награди и признанија.
М.Т.