Темата на фестивалот „Невидлива моќ“ беше посветена на моќта на младите, која е невидлива во општеството, но е основа на која се градат сегашноста и иднината за сите

Заврши 10. меѓународен фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“

„Летото кога научив да летам“, српско-хрватско-бугарска копродукција во режија на Радивоје Андриќ, полскиот „Враќање во тие денови“ од Конрад Аксинович и италијанско-белгискиот „Смена“ од Алесандро Тонда им ги освоија срцата на јуниорите, кадетите и на сениорите на 10. меѓународен фестивал за деца и млади, кои ги прогласија за најдобри играни филмови во секоја од трите категории.
Полскиот режисер Аксинович беше присутен и лично ја прими наградата во киното „Милениум“ на 10 октомври, каде што беше затворено 10. издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“. Салата ја наполнија млади креативци, кои изминатите шест дена во Кинотеката и во Младинскиот културен центар создаваа свои дела. Беше прикажано резиме на најубавите моменти од креативните работилници, а некои од учесниците настапија и во живо.

Во категоријата краток филм, јуниорите го избраа канадскиот „Клара ја нема“, кадетите италијанскиот „За Алма“, а сениорите – „Карле“, исто така од Италија. За најдобар анимиран филм беше прогласен канадскиот „Ветриштата веат“, а беа избрани и најдобрите остварувања во категориите за студентски играни и анимирани филмови.
Најсреќни вечерта беа првите двајца претставници на десетчлената група учесници што ќе ја претставуваат Македонија на следното издание на „Џифони Италија“ во јули 2023 година: Теодор Митиќ, од категоријата јуниори, и Летиција Кондратенко, од кадетите.
Секоја година десетина учесници на „Џифони Македонија“ имаат можност да нѐ претставуваат во Италија, а селекцијата се прави во консултација со поранешните наши претставници на италијанското издание – посочуваат од „Џифони Македонија“.
Во рамките на фестивалот, над 500 ученици од Македонија и од шест европски земји гледаа филмови, дискутираа, следеа креативни работилници, се сретнаа со успешни уметници и ги запознаа културата и традициите на своите другарчиња од странство.
Десеттата година на фестивалот се одржа во Европската година на младите и темата на фестивалот „Невидлива моќ“ беше посветена на моќта на младите, која е невидлива во општеството, но е основа на која се градат сегашноста и иднината за сите.
Гости на фестивалот беа и учесници од: Италија, Бугарија, Србија, Романија, Полска и од Ирска, кои беа сместени кај свои врсници од Скопје.

Јуниорски и сениорски работилници

Фестивалските активности се одвиваа во Кинотеката и во Младинскиот културен центар, каде што покрај богатата програма на активности резервирана за учесниците на фестивалот, имаше и низа настани отворени за публиката, како и интересни гостувања на млади и успешни уметници од Македонија и од странство.
Џифонците беа дел и од неколку работилници. Ликовната работилница што ја водеше Моника Мотеска, музичката беше со Лада Шоптрајанова Петровска, а филмската ја водеше режисерката Марија Џиџева.
Сениорите имаа работилници за фотографија и видеомонтажа во соработка со ИКС, за анимиран филм со Крсте Господиновски, за стрип со Здравко Гиров и со Давор Драмаќинин, за дигитален дизајн со Ладислав Цветковски и за филмска работилница со Кирил Каракаш и со Светислав Подлешанов.

Стрипманија на „Џифони Македонија“

Мастеркласот на ѕвездите на италијанскиот стрип Алесандро Билота и Серџо Џерази и Андреа Силвестри, амбасадор на Италија во Македонија, привлече огромно внимание кај учесниците на „Џифони Македонија“.
Во рамките на Денот на италијанскиот стрип, амбасадорот Силвестри им ги врачи наградите на најдобрите млади уметници што твореа на конкурсот за идејно решение за постер посветен на настанот. Признанија и награди добија: Дамјан Шокев (прво место), Иван Коминовски (второ место) и Трена Џепароска (трето место). Почесни заслуги за своите творби добија Лазар Аврамовски и Ивона Младеновска, а во категоријата млади дизајнери беа наградени Славица Купенкова и Тиа Василеска. Беа наградени и средношколците Тамара Николовска и Неда Коцевска. Претседателот на жирито, Ладислав Цветковски, истакна дека немале лесна задача и дека на конкурсот пристигнале одлични дела.

Мастерклас на „Импров групата Настап“ и ленд-арт уметници од Италија

Што се случува кога театарската сцена и публиката стануваат едно? Кога публиката има можност да одлучува за судбината на ликовите на сцената? На овие теми со учесниците на фестивалот „Џифони Македонија“ разговараа членовите на „Импров групата Настап“ во киното „Фросина“ во Скопје. Актерите Наталија Теодосиевска, Мартин Манев и Сергеј Димовски раскажаа како дошле до оваа идеја, кои се правилата на играта и што е потребно за да се биде „професионален импровизатор“.

Средба со актерката Јана Секуловска

На последниот фестивалски ден гостинка на фестивалот беше 19-годишната актерка од Швајцарија, но со македонско потекло – Јана Секуловска. Таа толкува една од главните улоги во филмот „Семи, Џо и јас“ во режија на Карин Хеберлајн, кој беше прикажан во програмата за сениори. Овој филм освоил неколку меѓународни награди, меѓу кои оние на Фестивалот за детски филм во Чикаго, во Цирих и во Шлингел, Германија.

„Генерација Бушави“ премиерно на „Џифони Македонија“

Во рамките на претпоследниот ден на фестивалот беше промовиран ТВ-серијалот „Генерација Бушави“ во режија на Мартин Чичовски, на „Марви продакшн“, кој од ноември ќе се прикажува на платформата Глеј.мк, а сите присутни во салата добија ваучер за бесплатен пристап до содржините на платформата.
Десеттото јубилејно издание на фестивалот „Џифони Македонија“ беше поддржано од: Агенцијата за филм и Министерството за култура на Македонија, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија, Град Скопје, Младинскиот културен центар и Кинотеката, Амбасадата на Швајцарија, Институтот за комуникациски студии, како и од неколку познати брендови.

М.Т.