Вие ни пишувате – Во скопското ООУ „Невена Георгиева-Дуња“

Успешна приказна е онаа што ќе се оствари меѓу писателот и публиката. Таква е и нашата, која се случи меѓу учениците од вторите одделенија во ООУ,,Невена Георгиева-Дуња“ и писателот Иван Антоновски, добитник на книжевната награда „Ванчо Николески“ oд Друштвото на писателите на Македонија за најдобра книга за деца и млади во 2024 година за „Бакнежи на небото“.
Го пречекавме во нашите училници и го вдомивме во нашите срца. Бевме неговите осумдесет и пет облачиња, ама од оние што се наоблачуваа само кога беа преполни со прашања, поврзани со неговата инспирација да создаде ликови, со неговиот поттик во пишувањето и со неговиот незапирлив стремеж да има силно пишано изразување.
Ние бевме како и сите облачиња што ги гледаме кога патуваме со нашите родители и затоа одлучивме со нашата нова магија да се наоблачуваме во континуитет, а нашите дневници да ни бидат капки со скришни и нечуени тајни и така да го продолжиме кружењето на водата како тајна што ќе ја дознаеме. Така направивме откако ја прочитаме најдобрата детска книга за изминатата година.
Авторот пишувал и кога бил дете како нас, а ние како да знаевме за неговото детство, му ги прочитавме нашите напишани и исцртани творби, опишани во нашите детски насмевки.
Трпеливо се подзамислувавме и не негодувавме, кога ни кажуваше да читаме и да ја посетуваме нашата училишна библиотека, бидејќи токму ние сме тие што позајмуваат книги и токму ние сме тие што ѝ предложија на нашата библиотекарка да го збогатиме нашето книжевно катче со дарување нови книги од сите ученици.
Како едни од најмалите ученици, предвидуваме и осмислуваме облаци од мисли и црцориме со силни идеи за наши нови приказни и истовремено играме со бели и снежни топки и правиме убави снешковци.
Пред да си оди дома писателот, разбравме дека не си изнарековме сè, ама затоа му испративме милиони бакнежи, за да продолжи да љуби да пишува нови книги, а ние да бидеме неговите верни читатели.

Авторка: Маја Трајковиќ,
библиотекарка во ОУ „Н.Г.Дуња“