„Колибри“ долета во подрачното ООУ „Браќа Миладиновци“, во селото Мршевци, Скопско
Празниците се убав повод за средби со старите пријатели. Наскоро ни доаѓа Нова година, па токму затоа решивме да ги посетиме учениците во училиштето што се наоѓа во селото Мршевци, подрачно училиште на ООУ „Браќа Миладиновци“, с. Миладиновци, во општината Илинден. Ова беше наша трета посета за неколку години, можеби поради убавиот прием и пријателството со наставничката Јованка Гроздановска, која е неуморна во намерата на своите ученици да им даде нешто повеќе од вообичаена настава.
И подготвени со весници „Нова Македонија“, со додатокот за најмладите читатели „Колибри“, со книги, чоколади и бонбони, но и украси, мали дрвени птици колибрија, рачно изработени, и со голема желба да поминеме неколку незаборавни часа меѓу првачињата и вторачињата од ова мало, но топло училиште, во петокот се упативме рано-рано кон селото Мршевци.
И не стигнавме лесно со автомобилот на наставничката Јованка, бидејќи имаше магла, но сѐ исчезна кога ги видовме 13-те дечиња, дотерани, како нѐ чекаат трпеливо во училницата.
Голема беше нивната радост дека ќе им се случи еден необичен интерактивен час. Најпрво беа малку срамежливи, но многу брзо се опуштија. И така во ведра атмосфера разговаравме, учевме за најмалата птица на светот, колибри, и зошто таа е толку посебна, а се запознавме и со тоа што е весник и весник за деца…
Се разбира поделивме подароци, книги за секое од 13-те дечиња од издавачката куќа „Македоника литера“, наш пријател и поддржувач.
На таблата ја напишавме и темата за идниот предизвик – „Новогодишни желби“ – па сите заинтересирано пишуваа или цртаа што ќе му посакаат на Дедо Мраз како подарок на новогодишната ноќ.
За кратко време дознавме дека децата имаат многу различни желби: Давид посака чоколада и лижавче, Јана – книгата „Ивица и Марица“, Јован – играчка, Јана, Уна и Луна сакаат да ја добијат омилената кукла Стич, популарното сино кученце, Петар има желба да добие мече, Андреј би сакал да добие ранец „рок фаб“, Марија да има мало маче, а Новак сака да оди на интересно патување. Многу поголеми беа желбите на Михаил, кој сака компјутер за Нова година, и на Павел и второодделенецот Давид, кои сакаат да играат на „плеј стејшен 5“.
Децата рекоа дека ќе нѐ известат дали им се оствариле желбите.
Потоа малку танцувавме и пеевме весели новогодишни песнички и така расположени ја украсувавме големата елка, на која дечињата веќе ставиле букви што самите ги направиле, како и птици колибрија што ги нацртале и обоиле. Секое детенце доби и украс, мало дрвено колибри, што исто така го закачивме на елката.
Наставничката Јованка го забележа сето тоа со својот фотоапарат, а потоа заслужено остана малку време и за интересни игри во кои учествуваа сите дечиња: „На буква на буква“, „Расипан телефон“, „Топло-ладно“…
– За едукацијата на овие 13 деца сум задолжена јас, а англиски им предава наставничката Емилија Стојановска. Поради малиот број ученици, наставата е комбинирана, па така, во ова одделение заедно учат деца од прво и од второ одделение. Но иако наставата е комбинирана, учениците постигнуваат одлични резултати и се многу послушни и вредни деца. Првачиња се: Луна, Јана, Давид и Петар, а второ одделение се: Михаил, Уна, Јана, Марија, Новак, Павел, Јован, Давид, Андреј – ни рече наставничката Јованка Гроздановска.
На крајот, нашите мали пријателчиња си заминаа задоволни дома, ама не заборавија да прашаат кога ќе ги има во весник за да им кажат на родителите да купат. Рекоа дека многу убаво си поминале и оти кога ќе научат убаво да читаат, ќе ги прочитаат книгите што ги добија на подарок.
Со убави новогодишни желби и ветување за скорешна средба напролет заврши оваа предновогодишна дружба на „Колибри“ со своите млади читатели.
М.Т.
Дедо Мраз
Ветер дува, снежец роси,
надвор сѐ е бело…
Дедо Мраз – дарој носи,
за децата в град и в село!
Чоколада, кукли, топки –
во торбата носи сешто,
и за Миле и за Лиде – за секого
по нешто!
Нека носи, така треба,
таков си е редот,
не попусто велат дека –
тој е најдарежливиот дедо!
Автор: Киро Донев
Новогодишна елка
Се ближи Нова година
празник со весели бои.
Накитена и голема елка
во секој дом ќе стои.
Дедо Мраз со голем ирвас
од Лапонија ќе дојде
и оваа зима,
а под секоја елка,
за секое добро детенце
дарови ќе има.
Автор: Марија Мијаковска