Преполна програмска недела во МКЦ
Неделава, започнувајќи со завчерашното отворање на изложбата „МА“ на авторот Сашо Колевски, како прва негова самостојна изложба, МКЦ ја најавува богатата програмска недела во која за една седмица се закажани пет музички настани и концерти, три танцови перформанси, работилница за стрип за најмладите, како и феминистичка трибина.
По концертот на добропознатата џипси панк и фолк-сензација „Култур шок“, позната на домашната публика по енергичните и сензационални настапи во живо, чиј последен настап во МКЦ во 2019 година е врежан трајно во меморијата на сите што беа дел од него, денеска, со почеток во 20 часот, следуваат три танцови перформанси како дел од годинешното издание на „Танц фест“: „Дали е реално?“ по кореографија на Гилда Цесарио од Италија, „Опус 1-4“ по кореографија на Сандра Мавхима од Романија и „Луд;Ус“ по кореографија на Jакуб Черулик од Нитра, Словачка.
На 6 април во Младинскиот културен центар ќе се одржи настанот за раскажување женски приказни „ПичПрич“, на темата „Бев сама“, со кој ќе се најави и единаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „прво па женско“, во соработка со „Тииит.инк“.
Вечерта, во соработка со „Ротко“ во танц-салата на МКЦ, свој настап ќе имаат Американците „Софт мун“.
На 7 април, четврток, во МКЦ ќе се одржи првата од серијата бесплатни работилници за деца со Билјана Црвенковска, на темата „Како се пишува приказна за стрип и зошто мора да ја има?“.
Викендот, 7, 8 и 9 април, е резервиран за три последователни одлични музички настани: промоција на вториот албум на младиот македонски електронски артист Кеско, со настап во живо и локална поддршка од диџеј Флодер и Кроном, на 8 април (сабота) старите добри „Пи-ем-џи колектив“, со концерт на најдобрите хитови од изминатите 20 години постоење, и недела, 9 април, е резервирана за втор акустичен концерт на „Фанк шуи“, по нивниот распродаден концерт изминатата недела.