Единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат .одбележи 68 години постоење
Минатиот вторник во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје (Дом на градежниците) се одржа настанот насловен „Сончева патека“, со кој се одбележија 68 години од објавувањето на првиот број на нашиот додаток за деца „Колибри“, чиј прв број на страниците на „Нова Македонија“ е објавен на 8 јули 1958 година.
Настанот го отвори поранешниот главен и одговорен уредник на весникот Марјан Велевски.
– Особено ми е драго дека денеска сме собрани овде да го одбележиме денот на еден вечно млад прилог, иако е роден во далечната 1958 година. Прилогот се вика,,Колибри“, па иако го носи името на најмалата птица на светот, сепак не е нималку малечок туку катанеделно, секој вторник, гордо ја покажува својата големина – истакна Велевски.
Присутните ги поздрави и актуелниот главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“, Милко Живковиќ.
Уредникот на „Колибри“, Филип Димкоски, по читањето на песната „Сончева патека“ на основачката на, „Колибри“, Евгенија Шуплинова, потсети на развојниот пат на додатокот.
Свои обраќања и поетски настапи имаа поранешниот уредник на „Колибри“, поетот Перо Миленкоски, новинарката и поранешна уредничка на додатокот Марија Таушанска Анастасовска, писателите Васил Мукаетов и Силвана Димитриевска.
– „Колибри“ одбележа 68 години лет по сончева патека, како што беше насловен настанот на кој сите заедно го прославивме постоењето на страниците со кои растеа и сѐ уште растат многу генерации и кој со многу љубов, посветеност и истрајност ја промовира литературата за деца. Од срце посакувам додатокот да продолжи со својот лет и со својата благородна мисија покрај него да пролетуваат и да растат многу детски гласови – рече поетесата Силвана Димитриевска.
Поетот Перо Миленкоски се потсети на неговите работни денови, но и на беспрекорната соработка и дружба со основачката и прва уредничка на „Колибри“, поетесата Евгенија Шуплинова.
– „Колибри“ се градеше врз четири столба – да информира, да образова, да забавува и да гради личности. Таквиот темел се надградува и денес и се согласувам со актуелниот уредник, дека иако формата може да се менува, суштината останува иста – пренесување вистински вредности на децата. Мило ми е што „Колибри“ сѐ уште лета по сончева патека – рече писателот Перо Миленкоски.
Особено внимание кај присутните гости предизвика прикажувањето на првиот број на „Колибри“ од 1958 година, во кој е застапен Васил Мукаетов, со песната „Штрк“.
Со уметнички точки се претставија ученици од ОУ,,Гоце Делчев“ од с. Љубанци, Скопско, и ученичката Нина Лазаревска од ООУ,,Димитар Миладинов“ од Скопје.
На настанот сликаа во живо сликарот и хуманист Живко Поповски-Цветин и уметницата м-р Славица Танеска, авторка на стрипот „Марсо се враќа“, кој редовно се објавува на нашите страници.
Благодарници за долгогодишна соработка и повеќедецениски придонес им беа доделени на Перо Миленкоски, Наум Попески (постхумно), Марија Таушанска Анастасовска, Кирил Темков (постхумно), Васил Мукаетов, Мирјана Мукаетова, Каролина Мицевска, Владо Димовски, Владо Јаневски, Славица Танеска и Мултимедијален клуб ,,К“ од ООУ,,Климент Охридски“ од Прилеп.
Сите присутни го добија славеничкиот број на „Колибри“, а за децата беа обезбедени подароци од страна на „Нова Македонија“ и на издавачката куќа „Македоника литера“.
Ф.Д.
Летај, мала птицо
Една мала птица,
летна преку житото,
го обои светот
со боите на виножитото.
Една поетеса, дама
од рамна Пелагонија,
го создаде „Колибри“,
во „Нова Македонија“.
Оттогаш сите вторници
станаа празници,
поради четирите
насмеани страници.
Летај, мала птицо,
уште многу лета,
создавај детство
што мириса и цвета.
Филип Димкоски



































