Единствениот додаток за деца на 8 јули полни 64 години

Драги деца и пријатели на љубопитните, весели и разиграни момчиња и девојчиња што секој вторник другарувате со нас, на страниците на единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат, сакаме да ви соопштиме една убава вест. Нашето „Колибри“ на 8 јули, верувале или не, полни 64 години. Заедно со вас, и ние пораснавме, но не остаревме. Па, нели годините се само бројка, а нашите одат наназад и колку повеќе ги има, „Колибри“ лета сѐ повисоко. Ние сме украс на вашето детство, како што бевме и на вашите мајки и татковци, баби и дедовци, и можност вие, но и сите што се грижат за вас, ве едуцираат и забавуваат, да најдете катче каде што ќе можете да прочитате интересни статии, но и да запознаете многу таленти, кои со текот на времето ја оправдале нашата доверба и станале успешни луѓе.

Ви овозможуваме и да се запознаете како живеат децата во други земји, колку награди освоиле учениците на разни натпревари, но и да дознаете какви книги издале писателите за деца. Секако, тука се и нашите редовни рубрики и уште многу нешта.
Поетесата Евгенија Шуплинова е наша кума и му даде навистина убаво име на додатокот за деца што секој вторник излегува во дневниот весник „Нова Македонија“, зашто колибри е мала, но најбрза и насилна птица во светот, која е посебна во многу нешта, исто како и децата. Евгенија долги години се грижеше за своето „Колибри“, а потоа ја наследи писателот Перо Миленкоски, кој исто така му даде свој белег на ова четиво, кое регрутира нови читатели на нашиот весник.

Свој придонес страниците на „Колибри“ да бидат побогати и поинтересни даде и поетот Наум Попески, а, еве, веќе 15 години за подлистокот што го држите во рака се грижам јас, со многу љубов и посветеност.
И ако прашувате што сме сработиле за овие 3.392 недели, колку што има вторници во 64 години, ќе ви кажеме само дека посетивме многу училишта во Македонија и ги промовиравме нивните успеси, соработувавме со сите важни институции што се грижат за младите, бевме дел од многу фестивали, манифестации и добивме многу награди!
И самите имавме голем број конкурси, акции, промовиравме интересни идеи за среќно и безбедно растење без пречки по која било основа, а посетивме и многу катчиња каде што децата се забавуваат и другаруваат.

Исто така соработуваме и со сите креативци што животот ви го посветиле вам, со заложба да имате убаво, исполнето и незаборавно детство. Сѐ со цел да покажеме дека децата се многу важен дел од секое општество, неговата иднина!
За да бидеме во чекор со времето, сега имаме и своја веб-страница на сајтот на „Нова Македонија“, а имаме и своја имејл-адреса, на која вие ни пишувате. Секако, и писмата се добредојдени, а најмногу од сѐ желбата да се дружиме.
Ви благодариме за сите песнички, раскази, цртежи што ни ги праќате, кои со задоволство ги објавуваме на нашите страници, кои секогаш ќе бидат отворени за вас.
„Колибри“ е тоа што е благодарение на трудот на многу креативни луѓе што ги сакаат децата и кои учествуваат во неговото создавање.
Се надеваме дека тука ќе бидеме и во иднина, како верна сенка на вашето шарено и разиграно детство!

Со љубов,
Марија Таушанска