По вековната доминација на Европа, сега веќе и конечно може да се констатира дека „старата дама“ станува маргинален играч на Истокот поради своите мали човечки и економски потенцијали, а со тоа и сè помалку влијателна на глобално ниво. Ова веќе добро го знаат сите клучни светски играчи, кои своето внимание силно го насочуваат кон Истокот, кон – големиот демографски базен, со исто толку големите природни богатства и сè подинамичните економски и трговски процеси: Пацификот и Индокина. А САД и Кина влегуваат во трка за влијателност во тој регион. Еден од нив ќе го преземе приматот. Но битно е да се издвои дека двата кандидата имаат сосема различни пристапи за остварување на своите геостратегиски цели

Слики од Далечниот Исток: битка за Пацификот меѓу две светски суперсили

САД и Кина демонстрираа различни стратегии на Пацификот, односно во Индопацифичкиот Регион. Во овој дел од светот веќе се одвива клучна битка за позицијата глобален „број 1“ помеѓу овие две суперсили. Обете држави ќе настојуваат да придобијат колку што е можно поголем број сојузници или стратегиски партнери. Но методологијата да се дојде до таа цел сосема им се разликува…

Што им понуди САД на АСЕАН (Организацијата на земјите од Југоисточна Азија) на самитот во
Вашингтон

На неодамнешниот самит на врвот на САД и врвот на АСЕАН (Организацијата на земјите од Југоисточна Азија), одржан во Вашингтон, освен убавите зборови и желбите за меѓусебна соработка, американскиот претседател Џо Бајден на лидерите на АСЕАН не можеше да им понуди ништо повеќе од помош во висина од 250 милиони долари. (За споредба, по пат на заедничка соработка, Пекинг веќе им имаше обезбедено сума од 1,5 милијарда долари).
За овој пристап на САД пишуваше и индонезискиот „Џакарта пост“, кој, всушност, сугерираше дека на понудата на Џо Бајден, земјите на АСЕАН гледаа со потсмев. Исто така, за издвојување е дека во завршната изјава од самитот во Вашингтон, прашањето во врска со Кина, американската страна воопшто не го беше отворила, што беше чист преседан. Според аналитичарите, главна цел на американската администрација беше („на стара слава“ и со метод на воведување „блоковска поделеност“) да влијае врз врвот на АСЕАН во заземање проамериканска, т.е. антикинеска страна.
Иако во АСЕАН членуваат и држави како не толку омилениот сосед на Кина, Виетнам (поради одредени територијални спорови) или, пак, големиот американски партнер Сингапур, па дури и Филипините, кои имаат свои еднакво специфични политики кон САД и Кина, на сите ним им е јасно дека воведувањето блоковска поделба во Азија (нешто што досега не било) – како во случајот со Европа – за сите нив би било крајно ризично од безбедносна, а уште повеќе од економска гледна точка, бидејќи трговската соработка со Кина им е далеку најобемна и најважна.

Кина со различен пристап кон земјите на Пацификот

На 30 мај, во склоп на својата регионална дипломатска мисија, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји разговараше со лидерите и високите претставници на десетте островски држави во Тихи Океан.
Турнејата на кинескиот министер низ регионот на Пацификот, кинеското министерство за надворешни работи ја нарече „патување за мир, пријателство и соработка“. Ванг Ји покрај главниот град на Фиџи, каде што имаше средба со раководството на оваа земја и го одржа вториот состанок со министрите за надворешни работи од државите на Пацификот, ќе ги посети и Вануату, Папуа Нова Гвинеја и Тонга – три независни островски држави во Океанија.
„Се очекува на претстојниот самит – кој ќе се одржи по пат на видеоконференција – Кина да предложи ’радикално проширување на својот ангажман на полето на безбедноста, економијата и политиката на Јужниот Пацифик‘. Се работи за договор, според кој, Кина ќе врши обука на локалните полициски сили, ќе помага во кибернетичката безбедност, ќе ги проширува политичките врски, ќе спроведува доверливо поморско обележување со мапи, а ќе добие и поголем пристап до природните ресурси на копно и во територијалните води на нејзините земји – партнери во водите на Тихи Океан“, пренесуваат медиумите.
За возврат на сево ова, Пекинг нуди голема финансиска помош, можност за договор за слободна трговија помеѓу Кина и островските држави, како и нивен отворен пристап до огромниот кинески пазар.
На 21 мај, британскиот весник „Фајненшл тајмс“ излезе со известување дека Кина преговара околу нови безбедносни договори со уште две други земји од Пацификот, откако минатиот месец веќе потпиша таков договор (го нарекуваат и пакт) со Соломонските Острови. Преговорите на Пекинг со Кирибати отидоа најдалеку, а Кинезите „разговараат за пакт со уште најмалку една пацифичка нација“.

И заканите и заплашувањата се во игра

Пекинг јасно им стави на сите до знаење дека не го плашат ничии закани и дека ќе продолжи со реализација на своите стратегии преку зајакнување на соработката со државите од регионот. Вклучувајќи и со оние што навидум се неважни – малите и егзотични островски државички – расфрлани како бисерни ниски среде големото океанско пространство. Нивното геостратегиско значење сè повеќе излегува од границите на нивната од бога дадена убавина, а важноста им расте пропорционално со растот на глобалната геополитичка борба помеѓу САД и Кина и нивните национални интереси.
Како што засега стојат работите, Пекинг е многу поподготвен да го „одврзе ќесето“ за финансиски да им помогне на овие државички. Таков широкоград настап има и во однос на моќната, можеби и клучна азиска структура -Организацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН).

Зошто стравува Западот: силни американски и австралиски протести поради потпишаната спогодба меѓу Пекинг и Соломонските Острови

Кина нема намера ни да го намали темпото, а камоли да ја запре својата стратегија за ширење на сопственото влијание во Пацифичкиот Регион – и покрај силните американски и австралиски протести поради неодамна потпишаната спогодба меѓу Пекинг и Соломонските Острови, лоцирани на далечина од околу 2.000 километри североисточно од австралиското копно. Вашингтон и Канбера стравуваат дека со текот на времето, Кина ќе стационира таму свои воени сили, нешто што Пекинг засега го отфрла. Меѓутоа, со оглед на сè поагресивното однесување на САД и неговите азиски сојузници во регионот на Индопацификот (пред сè, на сојузите АУКУС и КУАД) во однос на кинеските регионални амбиции, ветувањата од кој и да било и за кој и да било денес малку вредат, дури и доколку се дадени во писмена форма. Имено, буквите бледнеат премногу лесно – а геостратегиските интереси остануваат…


Си Џинпинг ги повика земјите од БРИКС да помогнат за стабилизација на меѓународните релации

Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека земјите-членки на групата БРИКС – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка – во време на турбуленции би требало да помогнат за стабилизација на меѓународните релации. Како што пренесуваат медиумите, Џинпинг го изјавил ова во обраќањето за време на видеоконференцијата на министрите за надворешни работи на земјите од БРИКС.
– Како позитивна, инспиративна и конструктивна сила во меѓународната заедница, земјите од БРИКС мора да преземат реална акција за промоција на мирот и развојот, поддршка на справедливоста и правдата и залагање за демократија и слобода, со што би придонеле за стабилност и позитивна енергија во меѓународните односи во времиња на турбуленции и трансформација – кажа Си Џинпинг. Оваа негова изјава беше објавена на веб-страницата на кинеското министерство за надворешни работи.
– БРИКС би требало да се спротивстави на хегемонијата и на политиката на моќ и да покаже отпор кон размислувањата во правец на студена војна. Соочени со актуелните ризици и предизвици, сега е поважно од кога било да ги зајакнеме солидарноста и соработката меѓу земјите со пазар во развој – рече Си.
Значајно е да се истакне дека три од членките на групата БРИКС – Кина, Индија и Јужна Африка – претходно се воздржаа од гласање за Резолуцијата на ОН, со која се осудува Русија поради нејзиниот напад врз Украина.