Нови книги: „Мојот татко спие со ангелите (мал воен дневник)“ на Стјепан Томаш, во изданиена „Македоника литера“

„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Мојот татко спие со ангелите (мал воен дневник)“ на познатиот хрватски писател Стјепан Томаш, во превод од хрватски јазик на Славчо Пеев.
Романот „Мојот татко спие со ангелите“ првпат е објавен во 1992 година. Потоа Стјепан Томаш ја продолжи приказната и напиша уште две дела и како проширено издание беше објавен со наслов „Мал воен дневник“ (1994). Но во наредните изданија (од 1997) беше публикуван како „Мојот татко спие со ангелите (Мал воен дневник)“ и досега има 15 изданија на хрватски јазик.
Книгата е популарна кај младите читатели во Хрватска и е задолжителна лектира во основното образование во Хрватска. Напишана е во форма на дневник. Главниот лик – девојче, пишува дневник за војната во Хрватска во почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Во вториот и третиот дел се опишани заминувањето на децата од основно училиште во Осиек во австрискиот град Пинкафелд и нивното враќање во Осиек (по стодневен егзил). Преку дневничките записи е раскажана приказната за девојчето Цвијета Матковиќ. Ненадејната промена во начинот на живот, предвоената и воената ситуација се прикажани од перспектива на десетгодишно девојче, кое не е сосема свесно што се случува околу него. Сè што гледа е вознемиреност, постојан хаос што станува секојдневие, а потоа и страв, кој полека се влева во него и во нејзиното семејство.

На крајот, нормалното детство и слатките проблеми на детето се заменети со проблеми со кои ниедно дете не треба да се соочи. Девојчето одеднаш е обземено од грижа за претстојната зима и студот, копнеж за поранешни пријатели, безгрижност од играње и одење на училиште, а потоа разделба со родителите и на крајот повторно живеење во воена средина.
Девојчето се соочува со смрт не само на војници и сограѓани туку и на своите најблиски соседи, пријатели од училиште и други врсници. Тоа на тој начин директно се соочува со смртта, што е посебен товар за девојче на таа возраст. Токму овие теми го прават ова дело потресно. Едно е да се мисли на војната како производ на возрасните, кои на крајот страдаат од неа, а сосема поинаку е кога оние што се најмалку виновни за тоа, имено децата, треба да се соочат со неа. Ним им се ускратува детството, што само по себе е голема загуба, а тоа се одразува и врз нормалноста на подоцнежниот живот. Напишано како дневник на десетгодишно девојче, со тешкото секојдневие и во воената средина, ова дело носи јасна порака: секое дете треба да биде заштитено од смртоносните игри на возрасните.
Овој роман на Томаш и романот „Добар ден, тато“ повеќе од две децении се задолжителна лектира во основното образование во Хрватска и се култни романи во современата хрватска литература за деца.


За авторот

Стјепан Томаш (1947 година) е современ хрватски писател. Објавил петнаесетина книги раскази и романи за возрасни, како и книга со драми од кои две се изведени (во Загреб и Осиек). Пишувањето за деца го започнува со радиопиеси (наградувани и емитувани на тогашното Радио Загреб), а потоа ги објавува романите: „Молецот и ноќниот чувар“ (1982), „Добар ден, тато“ (1987), „Ало, овде се командосите“ (1991) и „Мојот татко спие со ангелите“ (1992), кој значително дополнет е објавен во 1997 година со насловот „Мојот татко спие со ангелите / Мал воен дневник“. Следуваат романот за деца „Кучето кое читаше од усни“ (2000), расказите за деца и млади „Гудачкиот квартет од Бостон“ (2008), како и романот „Гусларот од марципан“ (2004).
Уште со првите книги за деца, застапен е во читанките и лектирата за основно образование. За книгата „Добар ден, тато“ ја доби наградата „Григор Витез“, а за „Гусларот од марципан“, наградата „Иван и Јосип Козарац“ во Винковци. Романот „Мојот татко спие со ангелите / Мал воен дневник“ е преведен на италијански (1994) и на словачки јазик (1997). Некои дела на Томаш се преведени на повеќе јазици – италијански, словенечки, словачки, унгарски, германски, чешки и македонски. На македонски јазик е преведен романот „Златоустиот“ (кој е посветен на Јосип Јурај Штросмаер и Константин Миладинов) и „Добар ден, тато“ („Македоника литера“, 2023). Живее и пишува во Осиек.