Тој шарен свет
Новогодишните честитки, изработени од картон, со романтични прикази на зимската идила, сега се само спомен на минатите времиња. Тие нè потсетуваат на детството и топлата бајковита празнична предновогодишна атмосфера.
Денес ретко кој се радува на полно сандаче (сметки, рекламни летоци, потсетници…). Електронската пошта ја замени убавата стара традиција, па електронските честитки се сѐ почести. Тие имаат свои предности, но и недостатоци. Бесплатни се и брзи, но не можеме да ги зачуваме во албуми, да ги врамиме или да ги ставиме под елката.
Првите новогодишни честитки датираат од средниот век. Тоа биле гравури со библиски мотиви – минијатурни ѕидни слики што ги украсувале куќите на Божиќ. Ги правеле монасите и аџиите. Нивната цена била висока и биле привилегија на благородништвото. По извесно време, шарените сликички станале покани за многу прослави, па се променил и нивниот изглед.
Традицијата на новогодишни и божиќни честитки потекнува од Англија. Се верува дека првата честитка ја насликал англискиот уметник Добсон во 1794 година. На картонска картичка насликал снежна шума и весело семејство под елка.
Сер Хенри Кол бил првиот што испратил таков поздрав, во далечната 1843 година. Содржел приказ на весели лица што наздравуваат со вино и велат „Среќна Нова година и Божиќ“. Малку подоцна била создадена првата линија на печатени честитки во тираж од илјада парчиња. До денес се зачувани само 12 од нив.
Испраќањето честитки, во тоа време, било многу скапо. Често доцнеле, а понекогаш стигнувале на саканата адреса и по празниците. Со појавата на железницата и посовремениот транспорт, брзо се поврзувале долгите растојанија, а поштенските услуги исто така се подобриле и станале подостапни за поголем број корисници.
До почетокот на 19 век, практиката на испраќање честитки била воспоставена низ Западна Европа и во Америка. Поштенската асоцијација наскоро утврдила стандардни големини за честитките.
Мотивите на нив биле типично зимски – пејзажи под снег, црковни ѕвона, Дедо Мраз, санки со ирваси, весели лица, подароци и прекрасни новогодишни елки…
Во тој период Русија не заостанувала нималку зад англиската и американската божиќна традиција. Русите богато ги украсувале своите домови и испраќале честитки. Тие ги правеле рачно, а потоа ги подарувале. Честитки украсени со сушено цвеќе, мониста, пердуви, светки, мирисливи украси биле многу скапи и се чувале врамени со генерации. Тие претставувале вистински ремек-дела, а биле потпишани од големите руски сликари од тоа време. Прикажувале христијански теми, ангели, зимски сцени, прекрасни цркви, мотиви од народни приказни…
Руската револуција му стави крај на овој прекрасен обичај. Поради социјалните околности, Божиќ стана непожелен празник, а покрај другите негови знаци беа забранети и честитките.
По Втората светска војна, повторно оживеа овој начин на честитање на празниците (новогодишните). Руските војници на фронтовите примаа и испраќа честитки. Многумина тврдеа дека ги заштитиле од ужасите на војната и им дале енергија и сила да преживеат.
Теми на честитките на Советска Русија беа Дедо Мраз, Црвениот плоштад во Москва и глорификацијата на руската воена моќ. Имаше чести слики на Дедо Мраз во син костим како ја обиколува планетата заедно со астронаути или вози ракета на која мора да има црвена ѕвезда.