Многу ги сакам средбите со учениците, затоа што со љубовта кон децата го пронаоѓам клучот со кој можам да ги отклучам детските срца, вели Клисарова

Писателката Јадранка Клисарова периодов имаше голем број посети на скопски основни училишта

По повод обработката на лектирата ,,Децата од моето училиште“, чиј автор е Јадранка Клисарова, таа периодов имаше голем број средби со ученици од повеќе скопски училишта. Како што вели, секоја средба е поинаква, но сите се исполнети со многу емоции. „Изненадена сум од нивната творечка активност, од комуникативноста, љубопитноста и од желбата на свој начин преку цртежи и литературни творби да ги доловат прочитаните страници“, посочи Клисарова.

Воспитувањето, но и пишувањето за деца е ваша животна определба. Дали сѐ уште овие две активности ви причинуваат творечка радост и професионално задоволство?
– Мојот животен пат се одвива паралелно со децата. Деца дома, деца на работното место во училиште, деца на средби со лектирно издание, децата се мојот свет. За мене како родител, наставник и писател светот на децата е секој ден, заедно со нив се чувствувам како во бајка. Детето секојдневно расте, се развива и неговото детство се движи како едно волшебно тркало. Додека создавам за деца, со мислите се наоѓам во нивниот свет, затоа што во мене чувствувам дека сѐ уште чука едно детско срце.
Последниов период посетивте многу училишта, споделете ги со нас вашите впечатоци од тие средби.

– За мене е голема возбудата кога имам средба со учениците од третите одделенија во основните училишта. Досега сум имала безброј средби со нив, а поводот беше лектирата „Децата од моето училиште“, на која сум автор и која се наоѓа на списокот за лектири за трето одделение составен од Министерството за образование. Средбите ги договараме со одделенските наставници кога планираат да ја обработуваат лектирата. Кога им истакнуваат на своите ученици дека ќе дојде авторот на лектирата да се запознаат, тие се повеќе мотивирани да ја прочитаат книгата. Кога одам на средба со учениците, со самото влегување во училницата се среќавам со многу возбудени, радосни и насмеани лица. Следејќи ги нивните реакции, им возвраќам со насмевки и го започнуваме нашиот разговор. Од изразот на детските лица се забележува дека ти за првпат се среќаваат со писател. Можеби, во нивните детски мисли се роеле безброј чудни размислувања, каков е тој автор, како изгледа или како создава. На првата средба го топиме мразот, тие се чувствуваат многу посреќни и поподготвени за разговор. Кога ќе ги прашам дали сакаат да се претставам, тие во еден глас велат: „Знаеме, вие сте авторката Јадранка Клисарова“. Понекогаш со неверување ќе прашаат дали навистина сум јас, па ќе ги отворат лектирите и ќе ја погледнат фотографијата за да се уверат дека е така.
Што најчесто ве прашуваат учениците?
– Да, средбите се исполнети со многу љубопитни прашања, донесување позитивни заклучоци и анализа на ликовите. Нивната љубопитност е најмногу изразена преку прашањата: „од каде црпам идеи за расказите?, колку време се пишува една книга?, како се направени илустрациите и корицата на книгата?, дали настаните се вистинити?…“ Низ разговор им раскажувам како настанаа расказите со моите ученици во дадени ситуации. На средбите со учениците се трудам да ги извлечам нивните согледувања и размислувања, да ги извлечат позитивните сознанија, а од негативните сознанија да научат дека не треба така да прават. Посебен белег кај децата оставиле расказите што зборуваат за: дружината на Тони, невина игра на снег, како еден знак може да биде вистина, различни а сепак исти, другарство, како Горјан пишува домашна задача или за Петар и малиот рибар.
Колку за вас како наставник, а пред сѐ како автор се важни овие контакти со младите читатели?

– За целосно доживување на лектирата мора наставниците да изнаоѓаат различни начини за мотивирање, да прераскажуваат интересен дел од лектирата, драматизација (оживување) на делови од лектирното дело, идентификување со некој од главните ликови, откривање на проблемот и негово решавање, откривање на пораката или да подготват забавни и едукативни  активности, кои ја развиваат креативноста. Средбите со физичко присуство се многу убави и пријатни. Но кога некои училишта се наоѓаат подалеку организираме онлајн средби, благодарение на напредната технологија. Преку средбите со учениците се трудам да ја развијам љубовта кон книгата, а со тоа го збогатуваат фондот на зборови, ја развиваат брзината на читање, ја развиваат способноста да прераскажуваат на литературен јазик. Многу ги сакам средбите со учениците, затоа што со љубовта кон децата го пронаоѓам клучот со кој можам да ги отклучам детските срца.
Како едукатор со повеќегодишно искуство, дали можете на помладите колеги да им помогнете како часовите на кои се обработуваат лектирите да ги направат поинтересни?
– Секако, еве неколку идеи, поточно прашања со кои може да ги насочиме учениците да сакаат да читаат лектира: која ти беше првата мисла, додека ја читаше лектирата?, кои се вашите омилени цитати/раскази/ликови?, што се смени кај вас, по читање на лектирата?, што научивте, а порано не сте го знаеле?, на кој друг би му ја препорачал лектирата да ја прочита?, размислете за авторот (дали сакате да прочитате повеќе книги од него?, што би сакале да го прашате авторот). Напишете кратко видување за книгата (што се случи?, кој беше најголем проблем?, како се реши проблемот?), кој лик би сакале да го драматизирате и зошто?

М.Т.


Другарство

За време на големиот одмор девојчињата како пчелки се собраа на зелената тревичка, весело потскокнуваа, потпевнуваа и за време на паузата гризнуваа од убавите кифлички. Наставничката со внимателен поглед ги набљудуваше, со чувство на милина околу срцето. Таа ги сакаше како свои дечиња. Со поглед ги пребројуваше, сите беа тука, само Мила недостасуваше. Во еден миг ја забележа како стои осамена. Тивко ѝ се приближи и ѝ рече:
– Мила, зошто не играш со девојчињата?
– Не ми се игра – одговори со тажен глас.
Наставничката ја погали по свилената косичка и ѝ ја понуди својата рака и ја поведе кај другарчињата.

– Мила, придружи ни се во играта! – ја повикаа.
– Денес не ми се игра, ви благодарам на поканата – рече Мила.
Остроумната Мелани ја преполови својата кифла и едниот дел ѝ го подаде на Мила.
– Повели, мојата кифла е многу голема, има доволно за двете. Ајде заедно ќе седнеме на најблиската клупа.
– Благодарам – срамежливо Мила ја прифати подадената кифла.
Откако се најадоа им се придружија на другите девојчиња и се вклучија во веселата игра прескокнување јаже. Наставничката ги гледаше своите ученици и задоволно се смешкаше затоа што убаво ги воспитала – да го негуваат другарството.
– Ти благодарам Мелани, утрово брзав и ја заборавив мојата ужинка на масата од кујната – низ насмевка рече Мила.
– За ова служат другарите, кога некој е во неволја да се помогне – задоволно одговори Мелани… (Извадок од книгата „Децата од моето училиште“)