Учениците од СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“ во Кичево, покрај другите активности за денот на погибијата на големиот поет Коста Солев Рацин, 13 јуни, изработуваа слики со различна тематика. Кичевските основци низ своите слики го презентираа огромниот уметнички талент, што беше забележано од сите посетители што во четвртокот претпладне го посетија градскиот плоштад.
– Денешниот четврток, 13 јуни, нѐ потсетува на денот кога пред 82 години на планината Лопушник загинал големиот поет и револуционер Коста Солев Рацин. Изработувавме уметнички слики по слободен избор, а во повеќето наши дела преовладува природата и екологијата. Коментарите на сите што нѐ посетија беа повеќе од позитивни, што ни беше мотив плус да создадеме убави дела. Му благодариме на организаторот што и ние учениците од Кичево бевме вклучени во ова одбележување – истакнаа Анастасија Лазареска и Ивана Ѓореска, дел од учесниците што сликаа на градскиот плоштад.
Организаторот на овој настан Михајло Петрески им додели благодарници на сите ученици што сликаа на градскиот плоштад во Кичево во четвртокот.
Текст и фото: Зоран Антоски