• Низ досетливи куси драмски текстови писателот Владо Димовски, во соработка со „Колибри“, преку рубриката „Кажи ми да ти кажам“, на децата им ја доближува македонската фразеологија, а истовремено ја поттикнува и драмската сцена во училиштата и надвор од нив. Нашата радост ќе биде голема ако некоја од овие драмски минијатури поставите на сцена и ако тоа го споделите со нас

Бистра вода, мирна глава!

(Личниот и Личната на сцената специјално дизајнирана за претстави во кои играме за да ви ја доближиме нашата фразеологија).
Личниот: Ти благодарам што намина да ме видиш. Многу ме израдува, да знаеш.
Личната: На поминување сум и, не знам како, се сетив на тебе и дојдов.
Личниот: Колку години не сме се виделе?
Личната: Две, најмалку…
Личниот: Како ти се гледам, остарен?
Личната: Малку, така, ко подостарен…
Личниот: Ти, машала, како девојче.
Личната: Таква ми е работата, постојано сум во движење.
Личниот: Земи нешто, касни, напиј се!
Личната: Сакам да уживам малку во околинава… На многу убаво место ти е куќата.
Личниот: Гледај и уживај, ама и пивни малку од бозата.
Личната: Една чаша кисела вода…
Личниот: Вода?! Вода и во чевлите да ти влезе на чини. Море, ќе одам да донесам ракија!
Личната: Бистра вода, мирна глава.
Личниот: Како?
Личната: Бистра вода, мирна глава.
Личниот: Значи од алкохол бегаш како од ѓавол. Се шегувам. Ми кажа интересна фраза. Првпат ја слушам. Кој ќе ни ја објасни?! Ууу! Невенче!
(Невена, облечена во народна носија, седнува во првиот ред, се врти кон публиката…)
Невена:
Да ја разјасниме фразата „бистра вода, мирна глава“. Како што чувте, во овој фразеологизам ја среќаваме водата. Таа, како што ви е познато, има големо значење во нашиот живот, но и во животите на сите што ја населуваат планетата Земја. Фразеологизмите со компонента „вода“ имаат безброј значења. Меѓу другото, ваквите фрази ни ги откриваат карактерните особини на луѓето. Тој што ќе ви рече „бистра вода, мирна глава“ сака да ви каже дека не пие алкохол. На таквите водата им е послатка од алкохолот и знаат дека ќе имаат мирна глава, без главоболки. Со мирна и бистра глава ви велам: почитувајте ја македонската фразеологија.


За авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца, автор на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Публиката најмногу го памети како сценарист на култната тeлевизиска серија за деца „Умни глави“, со која растеа многу генерации. На страниците на „Колибри“ е актуелен со новата рубрика „Кажи ми да ти кажам“, која често ќе ја читате во вашиот омилен додаток за деца и преку неа ќе ги осознавате тајните на македонската фразеологија. Неодамна од печат излезе неговата книга „Мали приказни за големи сонувачи“, со која авторот одбележува 45 години творештво. Истата таа е во конкуренција за наградата за најдобра книга за деца „Ванчо Николески“, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. Книгата може да се најде во книжарниците на „Литература.мк“.